Како да го оставите партнерот кој влијае лошо на вас?

Како да го оставите партнерот кој влијае лошо на вас?

Партнерите, а со тоа и самата врска, можат да влијаат добро или лошо на нас. Но од оние кои имаат лошо влијание, дефинитивно најлоши се оние кои ни влегуваат под кожа и од кои едноставно не можеме да се одвоиме. Зошто најлоши? Затоа што кога тие ќе станат дел од нашиот живот, скоро и да е невозможно да престанат да бидат. Кога станува збор за нив, не сме способни да размислуваме со ладна глава, па често простуваме многу, преминуваме преку сѐ и за секоја нивна грешка и неправда кон нас бараме изговор кој ќе го оправда нивното однесување. Колку и да ни е јасно дека целата врска не е добра за нас, нашето здравје и здравиот разум, сепак она што повеќе нè плаши е како би живееле без таа личност бидејќи секое такво сценарио делува неподносливо.

(1)-kako-da-go-ostavite-partnerot-koj-vlijae-losho-na-vas-kafepauza.mk

Но кога работите ќе излезат од контрола и конечно ќе ви дојде преку глава од тоа да се газите себеси, сѐ што ви е потребно за еднаш засекогаш да се одделите (барем физички) од таа личност, се решителност, храброст и многу поддршка од вашите блиски. И сето тоа во неколку чекори.

1. Сурова искреност и подигање на сопствените стандарди

За жал, длабоката поврзаност со некого значи дека најверојатно ќе биде потребно да дојдете до точка на кршење за конечно да прифатите и одлучите дека понатаму така не може. Со самото прифаќање дека тоа не е врската во која сакате да бидете, вие почнувате да ги согледувате сите негативни страни на таа врска пред кои претходно сте ги држеле очите затворени, па конечно можете да си признаете што навистина заслужувате. Немојте да очекувате дека тоа ќе биде лесно бидејќи пред сѐ бара да бидете сурово искрени со самите себе, а потоа и со партнерот. Ова е единствен начин објективно да пристапите кон проблемот. Па кога ќе сфатите преку што сѐ сте преминале, колку пати и за што сте се понижиле себеси, само тогаш ќе можете да си ги подигнете стандардите на соодветно ниво и да се вреднувате себеси колку што и заслужувате.

2. Одделување на објективната приказна од вашата

Лути, нервозни, повредени и под стрес, луѓето се способни да кажат сѐ и сешто, да ги извртат работите како што нив им одговара и да реагираат базирајќи се на приказната во која веруваат дека е таква каква што ја замислиле. Но кога малку ќе стивне целата еуфорија, немојте да брзате и да си ги отежнувате работите со брзоплети и непромислени постапки. Размислете убаво за сите фактори, моментите кои довеле до целата ситуација и обидете се да ја најдете разликата меѓу објективната вистина и вашата верзија на истата. Разгледајте ги сите позитивни и негативни нешта, што навистина е така како што сте мислеле, а што не е и водете се понатаму според тоа. Тоа што го чувствувате длабоко во себе, тој немир кој ве опкружува не е замислен и навистина постои. И сигурно не е поради ништо.

3. Сфаќање на желбите и потребите и на кое ниво треба да се тие

Со самото тоа што сте во врска во која реално не сте вреднувани колку што треба ниту од себе ниту од партнерот, логично е дека вашите очекувања од врската се доста ниски. Она што се случува кога сфаќате дека сакате и треба да излезете од таа врска е фактот дека конечно почнувате да обрнувате внимание на себеси и на она што ви е реално потребно, ги согледувате една по една сите важи желби и конечно сфаќате дека тие не биле исполнети. Она што врската би требало да го пружи е чувство на сигурност и љубов, поддршка и разбирање, страст и внимание. Секоја личност ги заслужува овие работи, а ако сега не ги добивате тоа не значи дека не ги заслужувате. Напротив, треба само да ви укаже дека треба да се изборите за нив ако не во оваа, тогаш во следната врска.

4. Формирање систем за поддршка

Ова е можеби најважната работа во целиот процес бидејќи од врска со некој кој ви е влезен под кожа можете единствено да излезете со огромна поддршка од вашите блиски. Да, вие сте тие што треба да се изборите за себе, но во пракса оние кои сами се борат со целата ситуација често знаат да се излажат и повторно да се смират со партнерот. Но овој партнер е како зависност од која не можете лесно да се откажете, па како и за лечењето на сите други типови зависност, така и за оваа ви се потребни луѓе кои ќе ве држат за рака кога ви е потребно. Формирајте го тој круг на луѓе, знајте дека се тие тука за вас кога било и во кое било време и секогаш кога ќе почувствувате слабост и желба да му се јавите на партнерот, наместо нему/нејзе, јавете се на некој од тој круг и зборувајте за она што ве мачи.

5. Носење одлука и придржување кон неа

Премислувањето е главен проблем кога станува збор за вакви штетни врски. Долго не сме биле свесни дека врската е штетна за нас, па по стара навика тежнееме кон тоа да најдеме оправдување за сѐ што се случува бидејќи е премногу тешко да бидеме без таа личност. Но многу е важно да се придржувате до одлуката која сте ја донеле. Откако добро сте размислиле и сфатиле што сакате да направите и што е најважно, зошто и од кои причини, тогаш соберете храброст да се држите до таа одлука. Вие сте ја донеле со цел да си овозможите себеси да го пронајдете оној кој ќе ви го даде тоа што го заслужувате. Ќе биде ужасно тешко и милион пати ќе посакате да му/ѝ се вратите, но токму затоа решителноста и кругот на луѓето за поддршка се тука. Следете се себеси и тоа што го посакувате за себе.

Постои поговорка која вели дека не треба да бидеме со подобрата личност, туку со онаа која прави ние да бидеме подобри. Доколку сте во врска која го прави спротивното, тогаш таа врска е отровна и ќе ве влече подлабоко и подлабоко сè додека не се најдете на дното без воопшто самопочит и љубов кон себеси. А таква врска не ви треба.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар