Како да ги научите вашите деца да се сакаат и почитуваат до крајот на животот?

Како да ги научите вашите деца да се сакаат и почитуваат до крајот на животот?

Прекрасно е чувството да се има брат или сестра, или повеќе од нив. Меѓусебниот однос на децата многу зависи од домашното воспитување и како на нив влијаеле родителите во текот на нивниот раст и развој. Ние ви нудиме 12 совети, како вашите деца да израснат во прекрасни луѓе кои ќе се сакаат и почитуваат до крајот на животот.

(1) 12 совети како да ги научите вашите деца да се сакаат и почитуваат до крајот на животот

1. Научете ги да се извинуваат

Оваа вештина ќе ги направи подобри возрасни луѓе. Тие треба да научат дека не треба да користат изговори, да ги прифаќаат своите одговорности, да искажат искрено извинување и да се обидат да ја исправат ситуацијата. Доколку децата не научат да се извинуваат, тоа значи дека нема да признаат оти понекогаш грешат. Научете ги да кажат „извини“ уште од мали нозе. Додека си играат и се препираат околу играчките и слични навидум наивни ситуации, преку нив се подготвуваат за сериозните животни предизвици.

2. Научете ги децата да простуваат

Родителите треба да ги научат децата дека простувањето е нормален процес. Тој почнува со зборовите „Ти простувам“. Кажете им дека е нормално да чувствуваат горчина и болка одредено време, но да се обидат да го надминат тоа. Доколку им простат на својот брат или сестра, тоа значи дека имаат големо срце и разбирање зошто била направена грешката. Простувањето некогаш знае да биде комплицирано. Затоа научете ги од мали да си кажат „Ти простувам“ и веднаш да се прегрнат во топла и искрена прегратка.

3. Да си помагаат меѓусебно

Доколку од мали нозе научат да си помагаат во малите и ситни нешта, тоа ќе им прерасне во навика и ќе останат верни на таа навика и на постари години. Научете ги да си помагаат при облекување, на училиште, да си читаат приказни и слични нешта кои нема да претставуваат оптоварување за нивните мали главчиња, но ќе ги научат колку е важно да се држат цврсто.

4. Секој ден нека си изјавуваат љубов

Научете ги вашите деца секојдневно да си кажуваат „Те сакам“. Наутро да им почнува денот со таа искрена изјава, а навечер да легнуваат со бакнеж и повторно со двата неодоливи збора. Зарем има нешто попрекрасно од тоа да си ги видите децата како си ги откриваат најубавите чувства.

5. Научете ги слободно да ја покажуваат љубовта

Ова е нешто што се учи. Децата не треба да се срамат да го гушнат своето братче или сестричка. Да ги фатат за рака, да ги бакнат. Некои истражувања покажуваат дека искажувањето љубов на ваков начин го ослободува телото од непотребниот стрес и ослободува хормони кои предизвикуваат позитивно расположение. Затоа, колку што е можно почесто гушкајте ги своите деца и научете ги слободно да ги гушкаат своите братчиња и сестрички.

6. Некогаш оставете ги сами

И вие кога бевте дете, веројатно имавте периоди кога сакавте да останете на само со своите браќа или сестри. Дајте им простор, така ќе создадат подобра врска и релација. Затоа, не ги оптоварувајте секогаш со многу активности, оставете им простор од денот кога едноставно ќе можат да си се посветат едни на други.

7. Не создавајте атмосфера на натпреварување

Никогаш не ги споредувајте децата. Многу родители ја прават таа грешка и создаваат натпреварувачка атмосфера меѓу децата. Секое дете си е своја приказна и секое дете има различни афинитети. Ако на повозрасното дете одлично му одела математиката, не значи дека и помалата ќерка треба да стане добар математичар. Со таквите споредби создавате чувство на помала вредност кај децата и љубомора, што може да остави трајни последици врз нивниот однос.

8. Развијте љубезност и почит меѓу нив

Вие треба да бидете модел за тоа како треба да изгледа еден љубезен човек полн со почит кон останатите. Доколку научат од мали нозе да зборуваат со еден смирен тон и да го почитуваат изборот на нивното братче или сестриче, тоа однесување ќе им остане во навика. Не е секогаш едноставно да се постигне таквиот однос, но со упорност и труд ќе создадете прекрасни личности.

9. Создадете семејни сеќавања што ќе ги паметат целиот живот

Поминувајте квалитетно време заедно. Одете на одмори и прошетки. Сето тоа снимајте го и фотографирајте го. Кога ќе пораснат со радост ќе сакаат да ги прелистуваат албумите и заеднички да ги гледаат урнебесните снимки. Тоа кај нив ќе предизвикува чувство на топлина и припадност. Ќе си ги знаат корените и ќе бидат горди на своето семејство, а таквите чувства ќе ги пренесуваат и понатака, кај нивните деца.

10. Помогнете им да научат да се справат во конфликт

Многу е важно од мали нозе да ги научите да се справуваат со конфликтните ситуации, кои да бидеме искрени се неизбежни во текот на детството. Некои истражувања посочуваат дека односот при конфликтните ситуации во детството во голема мера влијае врз развојот на насилство во постари години. Затоа, многу е важно да воведете одреден ред во домот, секој да си знае каде и што му припаѓа. Доколку настане конфликтна ситуација, децата треба да се остават сами да се справат со таа ситуација, но доколку не успеат може да се вмеша и родителот, а тие без приговор да го прифатат посредувањето. Решавањето на конфликтите ќе ги научи уште од мали да изнајдат компромисно решение.

11. Научете ги да ги согледаат позитивните работи од меѓусебната врска

Ова е многу важен момент, затоа што колку побрзо сфатат дека е добро што се имаат меѓусебно, толку подобро ќе развијат блискост и потреба еден од друг. Тоа ќе им остане во навика и во повозрасни години, па секогаш ќе се подржуваат и во добрите и во лошите моменти. Треба да сфатат дека конфликтните ситуации треба брзо да се надминат, а она што останува е позитивното кај братчето или сестричката. Па дури и да дојде до меѓусебна тепачка и кубење на косите, тие ќе знаат дека тоа е само мало недоразбирање кое брзо ќе биде надминато.

12. Нека запомнат дека се среќни што имаат братче/сестричка

Многу деца се сами и растат без присуство на брат или сестра. Затоа укажете им на тоа колку се богати што имаат некој до нив, посочете им на прекрасната силна врска. Братот или сестрата се најдобри другари, а тоа пријателство не подразбира никакви услови. Научете ги на здрав однос од мали нозе и бидете сигурни дека никогаш нема да заборават едно на други, дури и во нивната најдлабока старост.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар