Двете најголеми вистини за љубовта што можеме да ги научиме од „Сексот и градот“

Главната тема на популарната американска серија „Сексот и градот“ е љубовта. И покрај тоа што многумина ја осудуваат оваа серија како виновник за „расипувањето“ на жените и ја обвинуваат дека промовира погрешни морални вредност, сепак можеме многу да научиме од Кери, Саманта, Шарлот и Миранда. Без разлика дали ви се допаѓала серијата или не, ќе мора да се согласите со следниве 2 вистини за љубовта кои ни ги открија токму овие 4 урбани жени од Њујорк…

Двете најголеми вистини за љубовта што можеме да ги научиме од „Сексот и градот“

1. Вистинската љубов доаѓа во неочекувано „пакување“

Кога Шарлот се омажи за Треј МекДугал, таа беше уверена дека тој е мажот со кого ќе го помине нејзиниот живот, но подоцна се покажа дека ова мамино синче сепак не е најдобриот избор за неа. Таа на крајот среќата ја пронајде со адвокатот Хери Голденблат, мажот кој навидум воопшто не ѝ одговараше. Може да се каже дека на почетокот сѐ беше против него. Тој беше по малку некултурен, непривлечен, од друга вера и имаше потполно различен начин на однесување и размислување од Шарлот. Меѓутоа, тој ги поседуваше сите карактеристики што му недостасуваа на Треј: Искреност, трудољубивост, духовитост и способност. На крајот, Шарлот лудо се вљуби во маж со кого никогаш претходно не би можела ни да се замисли, но кој ја чуваше како капка на дланка, токму онака како што би посакала секоја жена.

Миранда мажот на својот живот го пронајде во шанкерот Стив Брејди со кого го искуси она што никогаш не го планирала: Мајчинство и брак. Саманта вистинската љубов ја доживеа со помладиот актер Смит Џерод, единствениот маж кој не се чувствуваше загрозено покрај толку силна и успешна жена.

„Сексот и градот“ одлично успеа да го долови начинот на кој овие четири дами ги преиспитуваа нивните приоритети во однос на изборот на мажи, како и нивниот личен развој. Понекогаш не им беше лесно да направат промени во животот, честопати дури и се спротивставуваа на тоа, но на вистинската љубов едноставно ниту една од нив не можеше да каже „Не“.

Двете најголеми вистини за љубовта што можеме да ги научиме од „Сексот и градот“

2. Секогаш знаеме кога е време за крај

Можеби се работи за некој внатрешен компас, инстинкт или интуиција. Како и да го наречеме, оној мал глас на разумот секогаш е активен во нас и секогаш знае кое е вистинското решение за нашите љубовни проблеми. Меѓутоа, понекогаш намерно го игнорираме бидејќи не сакаме да се соочиме со вистината.

Иако може да биде многу полесно да се уверуваме себеси дека работите сепак би можеле да се променат, длабоко во себе знаеме дека никогаш нема да се подобрат. Поради тоа, најважно во животот е да имаме вистински пријателки кои секогаш ќе бидат искрени со нас и ќе ни помогнат да ја следиме сопствената интуиција.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар