Деструктивни начини на однесување од кои треба да се ослободиме за да бидеме посреќни

Деструктивни начини на однесување од кои треба да се ослободиме за да бидеме посреќни

Понекогаш луѓето несвесно се однесуваат на начин што е деструктивен за нив и за околината. Така тие ги оддалечуваат најблиските од себе и се изложуваат на ризик да останат сами, без пријатели. За да го одбегнете тоа, треба да бидете свесни кои се тие токсични начини на однесување и засекогаш да се ослободите од нив. Еве кое однесување ви стои на патот до среќниот живот…

Деструктивни начини на однесување од кои треба да се ослободиме за да бидеме посреќни

Љубоморни сте

Не дозволувајте зависта да го извлече најлошото од вас. Нема ништо позитивно кај овој начин на однесување. Престанете да се споредувате себеси со другите. Вашето животно патување е само ваше, не е натпревар. Единствената личност со која треба да се натпреварувате сте вие самите. Ако сакате да го бележите вашиот напредок, споредувајте се себеси со личноста која сте биле вчера.

Работите ги сфаќате премногу лично

Сѐ што се случува не е директен напад на вас. Светот не се врти околу вас и постапките на луѓето повеќе зборуваат за нив отколку за вас самите. Без разлика дали другите мислат дека сте најдобри или најлоши, тоа е одраз на нивното сопствено мислење за себе. Тоа не значи дека треба да бидете нарциси и да ги игнорирате сите критики. Но, немојте работите да ги сфаќате премногу лично бидејќи тоа доведува до чувство на разочарување и тага. Во повеќето случаи, најпродуктивно е доколку го отфрлите туѓото мислење и почнете да се водите според вашата интуиција.

Се однесувате како жртва

Постојаното жалење и изигрување жртва е уште еден пример за токсично однесување. Доколку мислите дека немате контрола врз вашиот живот и немате моќ за да промените нешто, долго време ќе останете заглавени во една точка и нема да можете да напредувате. Кога ќе престанете да се жалите и нема да се сметате себеси за беспомошна жртва, ќе откриете дека сте многу помоќни одошто сте мислеле.

Ги негувате болните чувства

Една од најтешките животни лекции е поврзана со продолжувањето понатаму и ослободувањето од чувствата како што се вина, лутина, невозвратена љубов и загуба. Промената никогаш не е лесна. Мора да го оставите минатото зад себе за да им ставите крај на токсичните мисли кои владеат со вашиот ум. Треба емоционално да се ослободите од нештата што порано многу ви значеле за да се ослободите од болката. Тешко е да го промените начинот на размислување, но трудот нема да ви биде залуден.

Деструктивни начини на однесување од кои треба да се ослободиме за да бидеме посреќни

Размислувате негативно

Тешко е да се биде околу луѓе кои се постојано негативни. Тие непрестајно зборуваат за лошите нешта што се случиле и што би можеле да се случат, за нивните страдања и животните неправди. Овие луѓе тврдоглаво одбиваат да ја согледаат позитивната страна на животот и лекциите што ги научиле од лошите настани. Едно е да се биде песимист, но сосема друга работа е кога постојано сте опседнати со негативни мисли. Не бидете дел од овие луѓе. Светот не е против вас.

Немате емоционална самоконтрола

Неспособноста да ги контролирате емоциите е деструктивен начин на однесување. Станува збор за оние луѓе кои луто избувнуваат и леат крокодилски солзи секогаш кога ќе се појави некој проблем или пречка. Дали му викате на продавачот поради долгиот ред на каса или губите нерви за секоја најмала грешка што ја направил вашиот колега? Доколку сметате дека сте претерано емотивни, треба да воспоставите контрола врз вашите чувства и да откриете каде лежи коренот на вашата внатрешна лутина.

Ги осудувате луѓето

Немојте да ги осудувате луѓето поради површни работи. Она што гледате кај некој човек е тоа што тој решил да ви го покаже. Доколку некој се обидува да ве повреди, обично тоа е така затоа што таа личност страда и поминува низ тежок период. Нејзиното страдање бара издувен вентил и излегува на површина. Не треба да ги казнувате тие луѓе или да ги исмевате, туку да им помогнете. Ако не можете да им помогнете, не им обрнувајте внимание.

Не сочувствувате со другите

Еден од најтоксичните начини на однесување е злобата, а таа потекнува од недостатокот на емпатија, грижа и сочувство кон другите. Секојдневно сме сведоци на ваквото однесување, особено на социјалните мрежи. Луѓето се сурови и ги повредуваат другите само затоа што им се може. Ги исмеваат останатите на Интернет на кукавички начин, криејќи го нивниот вистински идентитет, заштитени од оклопот на анонимноста. Ако и вие сте забележале дека понекогаш се однесувате на ваков начин, веднаш престанете и обидете се да го пронајдете сочувството во вашето срце.

Деструктивни начини на однесување од кои треба да се ослободиме за да бидеме посреќни

Не ги почитувате моралните вредности

Измамата е избор, а не грешка и не постои оправдување за неа. Ако одлучите да мамите и успеете во тоа, немојте да мислите дека измамената личност е глупава. Таа личност само ви верувала повеќе одошто сте заслужиле. Бидете подобри луѓе од тоа. Не ги прекршувајте моралните правила и вредности само затоа што можете. Бидете искрени. Донесувајте правилни одлуки. Достоинството лежи во суштината на секој успешен човек.

Го криете вашето вистинско лице

Нема да можете да се зближите со луѓето ако постојано се криете. Вистинскиот проблем настанува кога некоја личност ќе се поврзе со вашиот лажен идентитет. Не заборавајте дека без оглед на возраста, полот, националноста или сексуалната припадност, под сите тие надворешни украси, вие сте чисто и прекрасно суштество. Секој човек е таков. Секој зрачи со посебна светлина и има одредена животна цел. Радувајте се поради тоа што сте различни, по малку чудни и посебни. Немојте да се менувате себеси. Бидете она што сте. Не ја негирајте сопствената личност, туку извлечете го најдоброто од неа.

Постојано барате потврда од другите

Ова се луѓе кои постојано имаат потреба да ја докажуваат нивната вредност. Тие сакаат да ги придобијат сите околу нив и на тој начин тие несвесно се однесуваат лошо и ги бркаат луѓето од себе. Преголемата грижа за туѓото мислење исцрпува. Не е важно како вашиот успех изгледа во очите на другите. Важно е да учите, да им помагате на другите да научат и да постигнете личен развој.

Тврдоглави сте и перфекционисти

Луѓето постојано трагаат по совршенство. Тие ја бараат совршената куќа, работа, пријател и партнер. Проблемот е што совршенството не постои во непроменлива форма. Животот е едно непрекинато патување кое постојано се менува и еволуира. Тоа што го имате денес нема да биде сосема исто утре. Совршената куќа, работа, пријател и партнер со текот на времето ќе се променат и ќе го изгубат нивното совршенство. Но, со малку трпение и отворен ум, таа несовршена куќа ќе се претвори во удобен дом. Несовршената работа ќе стане успешна кариера. Несовршениот пријател ќе еволуира во цврста поддршка. Несовршениот партнер ќе се претвори во сигурен, животен сопатник. Само треба да се ослободите од перфекционизмот.

Доколку се пронајдовте во некои од овие деструктивни начини на однесување, не грижете се. Сите имаме недостатоци кои понекогаш излегуваат на површина. Клучот за да ги победите лежи во свесноста за нивното постоење. Само така ќе можете да ги спречите токсичните начини на однесување.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар