Брзо и вкусно: Одлични десерти со јагоди

Брзо и вкусно: Одлични десерти со јагоди

Сезоната на јагодите полека почнува, па веќе можете да ги најдете во маркетите и на пазарите. Најдобро е да купувате домашни јагоди, од локалните произведувачи, бидејќи тие се најздрави и највкусни. Освен тоа што се вкусни, јагодите се едни од намирниците кои спаѓаат во групата „суперхрана“, бидејќи содржат многу витамини и минерали, како и разни супстанци кои го штитат нашето здравје, па дури и лечат некои болести. Содржат големо количество витамин Ц и антиоксиданси, па затоа задолжително вклучете ги во вашата исхрана. Денес за вас подготвивме неколку занимливи рецепти со јагоди, па погледнете ги во продолжение.

1. Торта со јагоди и павлака

2-brzo-i-vkusno-odlichni-deserti-so-jagodi-www.kafepauza.mk_

Потребни состојки за 10 послужувања:
За подлогата:
  • 200 грама бисквити
  • 100 грама пржени, мелени бадеми
  • 100 грама кокосово масло или путер (стопен)
За кремот:
  • 300 милилитри слатка павлака за шлаг
  • 300 милилитри кисела павлака
  • 150 грама шеќер во прав
  • 10 грама желатин во прав
  • 500 грама јагоди
Начин на подготовка:

1. Сомелете ги бисквитите и пржените бадеми и потоа додајте го маслото или растопениот путер. Мешајте додека состојките не се соединат и добро втиснете ги на дното од калапот со дијаметар од 24 сантиметри, кој претходно сте го обложиле со фолија. Оставете го да отстои во фрижидер додека го подготвувате кремот.

2. Подгответе го желатинот според упатството на кесичката. За тоа време изматете ја слатката павлака заедно со шеќерот во прав. Потоа, додајте ја киселата павлака и измешајте ги сите заедно.

3. Набабрениот желатин загрејте го и додавајте го малку по малку во претходно изматената смеса, со постојано мешање.

4. Измијте ги јагодите, исчистете ги и исушете ги. Оставете неколку настрана за украсување! Ставајте ги густо една до друга на подлогата од бисквити и бадеми и потоа прелијте сѐ со подготвениот крем од павлака.

5. Украсете по сопствена желба со преостанатите јагоди и добро изладете (најдобро преку ноќ).

2. Чоколаден мус со јагоди

3-brzo-i-vkusno-odlichni-deserti-so-jagodi-www.kafepauza.mk_

Потребни состојки за 6 послужувања:
  • 5 јајца
  • 200 грама чоколадо
  • 100 грама шеќер
  • 2 пакетчиња ванилин шеќер
  • јагоди
  • 125 милилитри слатка павлака
  • 4 лажици јако филтрирано кафе
Начин на подготовка:

Одвојте ги белките од жолчките. Искршете го чоколадото и стопете го на пареа. Изматете ги белките со 100 грама шеќер, а во друг сад изматете ја слатката павлака. Измешајте го ванилиниот шеќер со жолчките, додека не добиете пенеста смеса, а потоа додајте го процеденото кафе, па растопеното чоколадо и на крајот шлагот. Распределете го мусот во чаши и ставете го во фрижидер да се стврдне. Декорирајте со какао, шлаг и јагоди.

3. Ролни со јагоди

4-brzo-i-vkusno-odlichni-deserti-so-jagodi-www.kafepauza.mk_

Потребни состојки за 4 послужувања:
  • 7 парчиња бел леб
  • 2 јајца
  • 3 големи лажици млеко
  • 240 грама шеќер
  • 1 лажичка цимет
  • 100 грама путер
  • Нутела
  • 100 грама јагоди
Начин на подготовка:

1. Од парчињата леб внимателно отстранете ја кората. Притиснете ги со рацете за да не се ронат. Премачкајте ги по целата површина со тенок слој Нутела или некој друг крем по желба.

2. Јагодите измијте ги во студена вода, исцедете ги и исушете ги. Исечете ги на коцки. Наредете ги по работ на секое парче леб.

3. Внимателно свиткајте го парчето со јагоди за да добиете ролна. Повторете ја постапката со преостанатите парчиња леб и јагоди.

4. Во подлабок сад, додајте ги јајцата, млекото и мешајте додека не добиете глатка смеса. Во друг сад, измешајте го шеќерот и циметот.

5. Во тава растопете го путерот. Секоја ролна натопете ја во мешавината од јајце и млеко и ставете ја во тавата, така што преклопот да се наоѓа на долната страна. Кога ќе добијат златна боја, свртете ја и запечете ја од другата страна. Повторете ја постапката со сите ролни.

6. По ред, како што ги вадите од тавата, валкајте ги од сите страни во мешавината од шеќер и цимет. Послужете ги топли во комбинација со свежи јагоди.

4. Овошна торта со јагоди

Strawberry Shortcake

Потребни состојки за 6 послужувања:
  • 4 јајца
  • 8 лажици шеќер
  • 8 лажици брашно
  • Прашок за печиво (на врвот од ножот)
Начин на подготовка:

1. Измешајте ги јајцата со шеќерот за смесата да стане потполно пенеста.

2. Кога ќе ја мешате смесата полека додавајте 8 лажици брашно и прашок за печиво и тоа со лесно мешање.

3. Кога ќе ја изматите смесата, ставете ја во калап за колачи со дупка на средината.

4. Печете ја тортата 15 минути на 200 степени.

5. Кога тортата ќе биде готова извадете ја и оставете ја да се излади. Додајте ги јагодите или некое друго овошје по желба и украсете ја со шлаг.

5. Тирамису со јагоди

6-brzo-i-vkusno-odlichni-deserti-so-jagodi-www.kafepauza.mk_

Потребни состојки за 12 послужувања:
  • 2 жолчки
  • 50 грама шеќер во прав
  • 500 грама маскарпоне
  • 250 милилитри слатка павлака
  • 250 грама јагоди
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 300 грама бисквити со путер
  • 1 шака исечкани бадеми
Начин на подготовка:

1. Измешајте ги жолчките заедно со шеќерот во прав и ставете ги да се варат на пареа околу 10 минути додека не се згуснат. Кога добро ќе се оладат додајте го маскарпонето и измешајте го. Посебно измешајте ја слатката павлака и додадете ја на претходната смеса и повторно измешајте со миксер. Бисквитите ставете ги во кеса и здробете ги, а бадемите исечете ги на мали парчиња. Јагодите исечете ги на плочки и посипете ги со ванилин шеќер.

2. На дното од чашата ставете малку крем, а потоа на него наредете ги зашеќерените јагоди. Посипете ги со бисквитите и бадемите и повторете уште еден ред маскарпоне, јагоди и бисквити. На врвот ставете го кремот со маскарпоне и украсете со помали парчиња јагоди и бадеми. Ставете во фрижидер за да се излади.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар