Бидете си свој универзум

Луѓето денес живеат „брзо“. Растргнати сме меѓу работата, семејството, обврските… Понекогаш забораваме да јадеме, да се слушнеме со најблиските, па дури и да дишеме длабоко. Во сиот тој хаос се забораваме себеси и своите потреби. Затоа, одвојте време и посветете го единствено на вас. Неколку минути од денот нека бидат само ваши, создадете си универзум, односно вие бидете си свој универзум. Обидете се, многу е едноставно.

(1) Бидете си свој Универзум

1. Бидете си сонце

Запаметете дека секој ден започнува со зрак светлина, секое утро можете на појасен начин да ги видите боите околу вас, секое утро можете да се стоплите и да ги загреете вашите тело и душа од вчерашните „ветрови“ и секое утро имате нова можност да заблескате.

2. Бидете си месечина

Смирете се однадвор и однатре од секојдневната бучава и брзаница. Одвојте неколку минути да се слушнете, да ги слушнете своите мисли и своите чувства. Тие ви го покажуваат патот кој ќе ве води напред. Пресликајте ги вашите мисли и чувства во реалноста, во вашата љубов, во вашата работа, подгответе ги за моментот кога ќе изгрее сонцето, како она надвор, така и она вашето, во вашиот личен универзум. И запомнете, доколку сакате луѓето да ве доживеат онакви какви што навистина сте, треба да бидете комплетни и видливи, без да ги криете најубавите делови од вас. Само на тој начин ќе може да заблескате и да ја осветлите темнината, исто како и месечината.

3. Бидете си ѕвезда

Барајте светлина и тогаш кога е многу темно околу вас. Па дури и да изгорите, дозволете ѝ на експлозијата да создаде мали дијаманти и да ја претвори вашата болка во бисери на мудрост. Бидете си сопствена ѕвезда, без да барате потврда за вашето постоење. Ѕвездата ја знае својата вредност и е свесна за малата, но значајната светлина којашто излегува од неа. Едноставно, ѕвездата е свесна за својата вредност, без оглед дали околината ја гледа на таков или на поинаков начин. Бидете ѕвезда во сè што правите и ќе забележите како сиот Универзум отстапува голем простор за вас.

(2) Бидете си свој Универзум

4. Бидете си небо

Бидете широки и отворени за животот и за сите можности кои се отвораат пред вас. Прегрнете го дождот, бурата и грмотевиците. Научете како да постоите без оглед на времето и никогаш не заборавајте да создадете виножито по секое невреме, да го расчистите умот и да продолжите да создавате неверојатна уметност со облаците кои никогаш не ве оставаат сами. Тие облаци се со различна форма и големина и ја претставуваат секоја форма на животните предизвици со кои се соочувате.

5. Бидете си море

Продолжете да пливате кон морското дно сè додека не го најдете богатството во вашата душа. Дозволете брановите да ве удираат и да ве понесуваат со себе, додека не го најдете својот мир и не го создадете прекрасниот шум на малите бранови, кои носат толку спокој во себе. Сподели го спокојот со околината, со семејството, со пријателите… Дозволете и тие да уживаат во убавините кои ги носите со себе, и мистичноста којашто се крие во големите длабочини. Никогаш не заборавајте дека морето во вас има огромна убавина и моќ да ги лекува раните.

6. Бидете си планета

Обидете се да ги пронајдете нештата во вас кои ве тераат да одите напред и сменете ги оние кои можат да ве уништат. Опкружете се со позитивна енергија и пополнете го секое празно место во вашиот универзум со луѓе кои ве разбираат и кои сакаат да живеат во него. Тие луѓе треба да бидат слични на вас. Да имаат свои универзуми во себеси, но секогаш да копнеат да истражуваат и да прифаќаат нови универзуми и светови. Обидете се да ги отстраните луѓето кои се со вас, а постојано размислуваат за живот на друга планета. Таквите не ви се потребни. Запомнете, вие сте планета.

Не плашете се да бидете свој универзум, затоа што вие веќе имате многу во вас!

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар