5 причини зошто треба да му читате книги на вашето најмало пред спиење

5 причини зошто треба да му читате книги на вашето најмало пред спиење

Како што поминува времето, така сè повеќе се запоставуваат некои од најважните моменти меѓу родителите и нивните деца. Долгите работни часови, големото количество домашни обврски, технологијата… сите овие нешта прават голема бездна меѓу мајките и татковците и нивните најмали. Но, тоа мора веднаш да престане, особено ако сакате да му помогнете на вашето дете да израсне во здрава и балансирана индивидуа. Па, ако сте мислеле дали некои активности вреди да се жртвуваат или не, погледнете зошто токму читањето треба да ви остане високо на листата со приоритети!

1. Развивање на комуникацијата

Слушањето е првата јазична активност со која децата се соочуваат, долго пред да научат и самите да зборуваат. Тие преку слушањето ги учат првите зборови, и потоа го збогатуваат својот речник и создаваат врска помеѓу гласовите и значењето на зборовите. Кога го слуша гласот на родителот, детето учи точно што значи секој збор и што треба да пренесе со него.

2. Разбирање на емоциите

Едукативните сликовници и приказни често раскажуваат за емоциите кои се составен дел од детскиот живот. Во нив редовно се прикажуваат основните човечки емоции, како среќата и тагата, па затоа и децата побрзо почнуваат да ги разбираат. Тие ќе почнат да ги препознаваат и во својот живот и ќе се поврзуваат со ликовите од книгите, притоа помагајќи си полесно да ги поминат оние потешките моменти.

3. Развивање на фокусот

Секое читање или раскажување приказни трае одреден временски период, што со текот на времето го учи детето да се фокусира на моментот. Токму таа сосредоточеност му помага да научи како да биде присутно и како навистина да ја следи приказната, без притоа да си игра со играчки да се гали со домашниот миленик или да прави што било друго.

4. Поттикнување на критичното мислење

Детето од најраната доба треба да се научи на критичко размислување. Книгите се одличен начин на кој тоа може да се поттикне да разговара за прочитаното, да прераскажува за приказната и да ги објаснува ликовите. Притоа важно е и да му поставувате прашања, со цел да го натерате да размислува уште подлабоко и да го поттикнете да одговара со целосни реченици наместо само со потврда или негација.

5. Развивање на фантазијата

Во суштина, слушањето приказни силно го поттикнува развивањето на детската фантазија. Ликовите во приказните и бајките имаат неверојатна доза фантастичност, што кај детето ќе поттикне желба и самото да почне да истражува надвор од границите на возможното.

Мајки, еве како да поминувате повеќе квалитетно време со вашите ќерки!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар