5 начини да го прифатите и засакате вашиот сингл живот

Живееме во модерно општество и жените имаат повеќе права од кога било. Но, сепак, сѐ уште постои верувањето дека вредноста на една жена се зголемува доколку таа е во врска, а уште повеќе ако е мажена.

5 начини да го прифатите и засакате вашиот сингл живот

Истовремено, општеството дури и ги слави сингл мажите кои не сакаат да се откажат од животот полн со забава. Но, зошто истото да не важи и за жените? За многу жени, овој двоен стандард е дури навредлив и создава чувство на безвредност, паника и мислење дека нешто не е во ред со нив.

Пред неколку децении, жените речиси и да не можеле да се издржуваат сами бидејќи немало шанси да стекнат богатство колку мажите. Поради ова, тие стапувале во брак не само затоа што сакале, туку и затоа што имале потреба. Не станувало збор само за среќа, туку и за преживување.

Денес, речиси секоја жена може да ги постигне саканите успех и богатство, но сепак многу жени се преплашени што се сингл. Па, наместо да го прифатат животот без партнер, тие започнуваат и завршуваат многу врски само затоа што го добиваат моментално посакуваното прифаќање и внимание.

Доколку и вие го правите ова, престанете. Ако сте во врска само за да го избегнете прашањето „Кога ќе најдеш маж?“, време е да ја погледнете позитивната страна на тоа што сте сингл.

1. Прифатете ја вашата слобода

Кога сте сингл, пред вас се отворени многу можности, дури и оние кои ги немате кога сте со партнер. Сакате да отпатувате во Африка како волонтер? Можете веднаш да го направите тоа. Сакате да се преселите во Исланд? Немојте да се двоумите. Сакате да јадете сладолед во долна облека додека гледате некое реално шоу? Одберете го омилениот вкус и опуштете се.

2. Развијте ја љубовта кон себе

Вашата среќа започнува и завршува со една личност – вие. Се разбира, постојат други луѓе и нешта што можат да ви помогнат во ова, но воглавно вие сте единствената личност што може да ве усреќи. Развијте ја љубовта кон себе и откријте што навистина сакате. Можеби ќе си направите некоj утрински или ноќен ритуал или пак ќе водите дневник за благодарност и ќе се потсетувате за благословите во вашиот живот.

Најдете начин да се состанувате самите со себе. Како би сакале совршениот партнер да се однесува со вас? Сега вие однесувајте се така кон себе. Излезете сами на вечера или направете атмосфера во домот и уживајте.

3. Инвестирајте во личниот развој

Испланирајте го денот како што вие сакате. Нема потреба да правите компромис за секоја ваша одлука. Дефинирајте се со ваши зборови и постигнете ги целите кои не се поврзани со љубовта. Ако се почувствувате очајни за каква било врска, обидете се да го најдете коренот на оваа потреба. Од што бегате? Што би се случило ако ѝ дадете нова дефиниција на вашата врска со самотијата? Што ако самотијата е просторот што ви треба за да го креирате вашиот живот?

Можете да ги исполните деновите со јога, медитација, прошетки, истражување, читање, што било што ви причинува задоволство и ви помага да созреете како личност.

4. Следете ја вашата љубопитност

Љубопитноста навистина ни дава побогати и поинтересни искуства за раскажување. Живеењето со доза љубопитност го збогатува и подобрува животот. Љубопитноста е искрата на креацијата, без разлика дали е во врска со љубовта, себеоткривањето, патувањето низ светот или менувањето на некои стари навики.

Па, размислете кои нешта ја разгоруваат вашата љубопитност. Можеби отсекогаш сте сакале да земете часови по глума. Можеби сте сакале да се придружите на група на читатели или пак да научите јапонски. Новите хобија не само што ќе ви дадат нови искуства, туку ќе ви помогнат да сретнете луѓе со слични погледи на животот како вашите.

5. Донесувајте подобри одлуки кога станува збор за состанувањето

Сигурно знаете како е кога сте гладни, но дома речиси и да немате ништо, па го затоплувате ручекот од вчера. Иако не ви се допаѓа, во тој момент сте очајни и прифаќате што било. Сепак, на крајот не сте задоволни. Истото се случува и кога сте во врска од погрешни причини. Завршувате со некој маж само затоа што не сакате да се чувствувате осамено, а не затоа што го сакате баш него. Како и вчерашниот ручек, и ова не е патот до среќата.

Наместо тоа, опуштете се и сфатете дека сè е во ред. Колку повеќе верувате во ова, толку повеќе ќе барате некој што ќе ви го направи веќе одличниот живот подобар.

Романсата, вљубувањето и бракот се маратон, а не кратко трчање. Потребно е внимание и вистинска трпеливост. Нема потреба да брзате, без разлика што мислат членовите на општеството. Вие сте жена, сингл сте, уживајте и во двете без извинување.

Погледнете и зошто понекогаш сингл животот е најдоброто нешто што може да ви се случи.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар