12 прашања што ќе ви го променат животот

Инстинктот ни вели да бараме одговори, но понекогаш прашањата се оние коишто нè учат најмногу. Изгледа дека реторичките прашања, оние кои изгледаат како да немаат одговор, нè туркаат најмногу.

12 прашања што ќе ви го променат животот

Вистинското прашање поставено во вистинскиот момент може да го промени вашиот живот, да го смири умот и да го намали гневот. Иако секоја ситуација си создава свои, постојат 12 прашања кои треба да си ги поставите барем еднаш во текот на животот. Можеби немате одговор на ниту едно од нив, но доволно е само да ве предизвикаат, доколку им дозволите.

1. Со кој го минувате вашето време?

Гете рекол:

„Кажи ми со кого го поминуваш времето и ќе ти кажам кој си.“

Луѓето што ги знаете и тоа што го правите има најголемо влијание на личноста којашто ќе станете. Бидејќи она што го правите прави да се опкружите со одредена група луѓе, а луѓето што ве опкружуваат влијаат на вашите постапки. Размислете за вашите колеги и пријатели. Дали ве инспирираат и ве ценат, или само ве влечат надоле? Она што го забораваме е дека возрасна личност која се дружи со луѓе кои толерираат лошо работно место или се помируваат со лошиот живот, најчесто носи исти одлуки. Истото важи и за она што го читате, гледате и размислувате. Вашиот живот наликува на вашето опкружување, па одберете го внимателно.

2. Дали ова е во моја контрола?

Епиктет рекол дека главната задача на филозофот е да направи разлика помеѓу она што е во негова и она што е надвор од негова контрола. Односно, што зависи, а што не зависи од него. Трошиме премногу време на второто и испуштаме многу можности што можеме да ги контролираме. Нашите постапки, мисли и чувства зависат од нас. Другите луѓе, времето и надворешните настани не зависат од нас. Но, нашата реакција на другите луѓе, времето и надворешните настани е во наша контрола. Кога ќе ја направите оваа разлика, ќе станете посреќни, посилни и поуспешни, бидејќи целата енергија ќе ја насочувате на места каде што можете да направите разлика.

3. Како изгледа совршениот ден?

Ако не знаете како изгледа вашиот совршен ден, кога-тогаш ќе направите што било за тој да стане реалност? Важно е да ги забележувате најубавите денови од вашиот живот. Што сте направиле? Зошто денот ви бил убав? Потоа осигурете се дека вашите одлуки ќе се движат во таа насока. Ако не сакате да работите во канцеларија, не правете го тоа. Ако навистина сакате да работите, најдете место кое бара повеќе. Ако сакате материјален успех, движете се кон тоа. Ако сакате долго да живеете на некое место, инвестирајте во дом, во спротивно не правете го тоа. Донесувајте одлуки што ќе направат речиси секој ден да ви биде совршен.

4. Да се биде или да се прави?

Дали ќе се вљубите во идејата за тоа како изгледа успехот, или ќе се фокусирате кон некоја повисока цел? Дали ќе се фокусирате на вашата титула, бројот на обожаватели и високата плата, или на реални и опипливи достигнувања? Според Џон Бојд, луѓето можат да се поделат во зависност од нивниот одговор на ова прашање. Односно, оние кои прават едноставно се преправаат.

5. Ако не сум за мене, кој е? Ако сум само за мене, кој сум јас?

Алтернативниот превод на вториот дел од прашањето е „Ако сум само за мене, што сум јас?“. Одговорот е „Најлошиот“. Не сте лоша личност ако сакате да бидете запомнети, ако сакате да стигнете до врвот и ако сакате да обезбедите сигурност за вас и за вашето семејство. Проблемот е ако го сакате само ова. Треба да постои рамнотежа. Важно е да се грижите за себе, но таа грижа не треба да биде себична. Понекогаш земете ги предвид и потребите на другите.

6. Што испуштам кога одбирам да сум загрижен/а или исплашен/а?

Дали тоа што се разочарувате ви нуди повеќе опции? Пречките во животот нè прават емоционални, но единствениот начин да преживееме или да ги надминеме е да ги контролираме овие емоции. Да можете да останете смирени без разлика што ќе се случи. Па кога ќе се најдете изгубени во сите овие емоции, потсетете се на цената што ја плаќате за нив. Размислете за нештата што ги испуштате бидејќи сте нервозни, исплашени или анксиозни.

7. Дали ја работам мојата работа?

Дали воопшто знаете која е вашата работа? Важно е да знаете дека можете да бидете навистина зафатени секој ден, а сепак да не ја работите вашата работа. Можете да бидете зафатени со неважни нешта, можете да му пречите на некој друг или можеби само одолговлекувате. Со сите овие нешта вие работите, но не на она што е навистина важно.

8. Кое е најважното нешто?

Ако не знаете кое ви е најважното нешто, како ќе го направите приоритет? Како ќе знаете дека ги преземате вистинските чекори? Дури кога ќе го знаете вашето најважно нешто ќе можете да сфатите за што треба, а за што не треба да се грижите. Дури тогаш ќе можете да ги одбиете понудите што не ви се од корист. Дури тогаш ќе можете да ги игнорирате „успешните“ луѓе и да престанете да се споредувате со нив. Дури тогаш ќе ја добиете потребната самодоверба.

9. За кого е ова?

Ако правите нешто, што било, треба да го знаете одговорот на ова прашање. Изненадувачки е колку изведувачи, писатели, продавачи, па дури и политичари не се прашуваат која е нивната публика. Резултатот е порака испратена до погрешната група, по што може да следи неуспех. Размислете за вашата публика. Што сакаат овие луѓе? Што им е потребно? Каква вредност им нудите? Не следете го инстинктот, туку добро размислете за ова прашање.

10. Дали ова е навистина важно

Кога ќе се земе предвид колку е краток животот, дали нештата за коишто се грижите и се борите се навистина толку важни? За жал, најчесто одговорот е „Не“. Ова прашање нека одредува што да кажувате и што да размислувате. Ако сте соочени со некој проблем, размислете дали сепак е толку важен и толку сериозен. Најверојатно не е.

11. Дали ова е живо или мртво време?

Според авторот Роберт Грин, постојат два вида време – мртво време кога само чекаме, и живо време кога учиме и активно работиме. На вас е да одлучите во кое време ќе живеете. Потсетете се на ова прашање следниот пат кога не правите ништо. Дозволете му да ве врати на вистинскиот пат. Одолејте му на искушението да се зафатите со мечтаење и непотребни работи. Извлечете го најдоброто од секој момент, додека се подготвувате за следниот настан. Ако навистина сакате да бидете продуктивни, бидете вистински живи.

12. Дали ова е личноста којашто сакам да бидам?

Нашиот ум прави разлика помеѓу она што го правиме и личноста којашто сме. Но, ова е бесмислено, бидејќи не можете да бидете добра личност ако вашите постапки постојано се лоши. Не е важно дали ќе кажете некому дека го сакате ако не му го покажете тоа. Вие сте она што го правите, па секогаш кога правите нешто запрашајте се дали вашата постапка е рефлексија на личноста која сакате да бидете.

Погледнете ги и кратките совети за подобар живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар