10 причини да учествувате во образовната програма Еразмус+

10 причини да учествувате во образовната програма Еразмус+

Еразмус+ е образовна програма на ЕУ со која мора да бидете запознаени ако сте студент, наскоро планирате да станете студент или ако сакате да се надградувате преку неформалните форми на образование. Таа дава можност за студирање во друга држава во текот на еден или два семестри, волонтирање во Европскиот волонтерски сервис, пракса заради стекнување работно искуство, учество во младински размени, конференции, семинари, курсеви и сл. И сето тоа, целосно или делумно, финансиски е покриено од европски фондови. Вам не треба да ви е грижа дали родителите имаат пари да ве пратат во странство да се дообразувате преку оваа програма, освен во случаите кога финансиската помош која ја добивате е делумна.

Еразмус+ не е многу популарна кај нас, пред сè затоа што не им беше достапна на студентите од Македонија сè до 1 јануари 2014 и сè уште не се добро информирани за неа. Пред тоа можевме да учествуваме во ЕВС, младинските размени итн., но не и да студираме надвор еден или два семестри. Во меѓувреме, европските студенти масовно ја користат привилегијата да учествуваат во неа и со суперлативи да говорат за своите искуства. Затоа, прочитајте за овие десет причини да учествувате во Еразмус+, потрудете се подобро да се информирате за можностите кои таа ги нуди и почнете да правите планови.

(1) 10 причини да учествувате во образовната програма Еразмус+

1. Студирање или неформално учење во странство, и тоа со финансиска помош

Еразмус+ овозможува студирање на факултет надвор од државата во која живеете во текот на еден или два семестри. Еден дел од програмата дозволува и целосно комплетирање на мастер или докторски студии, но најголемиот дел од грантовите одат на студентска мобилност. При тоа, со самото примање на студентот како учесник во програмата, тој добива и стипендија која придонесува полесно да се покријат трошоците од студирањето во странство. Затоа кога аплицирате треба да внимавате на тоа во која земја сакате да заминете и колкави се трошоците за живот таму во споредба со износот на грантот кој го добивате.

Студирањето надвор од Македонија носи повеќе предности:

  • ќе видите како е да се студира на факултет каде што многу веројатно наставата се изведува многу поквалитетно отколку кај нас
  • ќе видите како изгледаат наставни програми кои го подготвуваат студентот за специфичните барања на пазарот на трудот
  • можете да престојувате во студентски дом кој, каков и да е, ќе биде многу подобар отколку нашите
  • ќе видите сосема поинакво студентско организирање и однос кон студентите
  • кредитите стекнати од положените испити на странскиот факултет ќе си ги пренесете во Македонија

Можете да се решите за учество во делот на неформалното образование. За бенефитите од учеството во Европскиот волонтерски сервис може опширно да прочитате на овој линк. Покрај тоа, на дофат ви се и разни конференции, курсеви и семинари на најразлични теми, а кај сите нив организаторот добива грант со кој ви ги покрива трошоците.

2. Додаток во CV

Покрај огромните лични придобивки за кои опширно ќе говориме во следните неколку точки, има и една многу важна професионална придобивка: престојот во странство е одличен додаток за вашето CV. Интернационалното искуство, познавањето на повеќе странски јазици и учеството на меѓународни семинари и конференции ќе направи да се истакнувате во однос на другите кандидати.

10 причини да учествувате во образовната програма Еразмус+

3. Голема авантура

Еразмус+ е предизвик за храбрите. Прво треба да соберете храброст да заминете од дома, а потоа и за да се одвоите од вашиот нов дом во странство. Во друга држава сè е ново: нов јазик, нова култура, нови обичаи, нови пријатели, нови соседи, нови колеги, професори, нови јадења, нови сфаќања за животот, нови хоризонти… Затоа ова искуство е толку многу интензивно. Многу нови нешта се случуваат во многу краток период и прават да сте целосно присутни во секој нов момент. Еразмус е голема авантура и вистинска шанса за излегување од зоната на комфорот и за личен растеж. Ќе запознаете нова култура и истовремено подобро ќе ја осозанете сопствената.

4. Нови пријатели

Дури и да се сметате за тип на човек кој е тивок и не комуницира многу, за време на Еразмус ќе стекнете многу пријатели. Навистина многу пријатели. И помеѓу студентската или волонтерската заедница, и помеѓу локалните жители. Иако кај нас луѓето од западните земји генерално се сметаат за ладни, негостопримливи и непријателски расположени, ќе се изненадите колку се всушност тие дружељубиви, топли и пријателски настроени. Навикнати се на странци и затоа не им е најбитно од каде потекнувате вие или вашите родители, туку важно е тоа каква личност сте, колку можат да се потпрат на вас и дали можете да се забавувате заедно. И тогаш, вашата куќа станува нивна куќа и нивната куќа е ваша. Не само за време на престојот таму, туку и откако сето тоа ќе заврши. Практично, ќе имате голема мрежа на пријатели низ целиот континент и засолниште каде и да отпатувате во иднина.

10 причини да учествувате во образовната програма Еразмус+

5. Забави

Забавите се важен дел од Еразмус или ЕВС. Тие се луди. Не се гламурозни, туку луди. Сигурно сте слушнале дека во западните култури младите не се грижат премногу дали се убаво облечени и нашминкани кога излегуваат, туку важно е да се помине убаво. Замислете да влезете во некој бар или дискотека и внатре сите танцуваат! Реално, тоа е ново искуство за млад човек од Македонија. Иако понекогаш ќе имате за учење, или ќе треба да станете рано за да работите, сето тоа лесно ќе премине во втор план. Тоа не е тешко со пријателите од претходната точка.

6. Европската култура

Европската култура е доста поинаква од Балканската и затоа самото присуство таму овозможува доживување на нештата на поинаков начин. Западната култура не е конзервативна како нашата, луѓето имаат послободен дух и го стимулираат тој слободен дух, индивидуалноста и критичкото размислување. На располагање ќе ви бидат и бројни културни настани кои ги организира Еразмус заедницата или студентските организации и клубови на факултетот.

Европската култура не е изразено консумеристичка. Не дека никој не се грижи за материјалните работи, но за време на Еразмус тоа се става на стенд бај. Се знае дека студентите и волонтерите се сиромашни, а тие ја прифаќаат својата сиромаштија и заеднички наоѓаат начини како да направат ништо да не им фали. Одеднаш не е битно да се носи скапа облека или часовник, никој не јаде по ресторани и не излегува на места каде што се плаќаат скапи пијачки. И никогаш не фали забава, дружење и љубов.

10 причини да учествувате во образовната програма Еразмус+

7. Патувања

Одењето до земјата во која ќе студирате, волонтирате или ќе посетувате семинар не е единственото патување на кое ќе отидете. Слободните викенди можете да ги користите за истражување на околината и на местата кои не се далеку од вас, или пак на целата земја во која престојувате.

8. Учење нов јазик

Наставата за Еразмус студентите е на англиски, па тоа е добра можност да го подобрите вашето ниво. Доколку одите на ЕВС, добивате и курс по јазикот на земјата во која волонтирате. Покрај тоа, ќе научите да делите разни комплименти, да велите „здраво“, „благодарам“, „на здравје“ и „пиво“ на десетици јазици.

10 причини да учествувате во образовната програма Еразмус+

9. Незаборавно искуство

Имајќи го предвид претходно набореното, јасно е дека вакво искуство никогаш не се заборава. Затоа меѓу оние кои учествувале во програмата важи девизата „Еднаш Еразмус, засекогаш Еразмус“. Постојат многу мрежи на поранешни Еразмус студенти или ЕВС волонтери кои организираат средби меѓу нив. Покрај тоа ќе ви останат спомените и новостекнатите пријателства.

10. Општествена важност на програмата

Покрај деветте лични придобивки набројани во претходните точки, учеството во образовната програма Еразмус+ неизбежно ќе ве направи дел од еден многу важен општествен процес кој во моментов се случува во Европа. Политологот Штефан Волф има кажано дека „за 15, 20 или 25 години Европа ќе биде раководена од лидери кои се социјализирале на сосема поинаков начин во споредба со денешните“. За да ви биде појасно на што мислел, имајте го предвид податокот дека во 2014 година веќе се роди милионитото бебе од родители кои се сретнале на Еразмус. Младите сè повеќе се мешаат меѓу себе, а националноста и културните разлики ја губат својата важност. Доживејте го Еразмус+, стекнете ги искуствата кои ги нуди и донесете ги вашите нови сфаќања во нашата култура!

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар