Со кого си, таков си: Зошто треба внимателно да ги одбирате вашите пријатели?

Кога луѓето поминуваат поголем дел од времето со одредени поединци, нормално е да присвојат некои нивни карактеристики. Најдобрите пријатели зборуваат на нивен јазик, цимерите почнуваат на ист начин да ги извршуваат домашните обврски, љубовните партнери почнуваат да развиваат слични интереси. Но, сепак, нашиот основен карактер останува ист. Според неодамнешните истражувања, некои карактерни особини се заразни, така што можеби вие сте многу поподложни на промени одошто мислите.

Со кого си, таков си: Зошто треба внимателно да ги одбирате вашите пријатели?

Истражувачите од државниот универзитет во Мичиген испитувале две предучилишни одделенија со вкупно 53 ученици во текот на една училишна година. За време на тој период, тие го анализирале развојот на нивните карактерни особини, како и карактерниот развој на децата со кои најчесто си играле. Децата на возраст од 3 и 4 години немаат толку комплексен карактер како возрасните, па затоа истражувачите се сконцентрирале на три основни димензии на нивниот темперамент: Позитивна емоционалност (ПЕ), негативна емоционалност (НЕ) и макотрпна контрола (МК). ПЕ била опишана како „суперструктура“ на позитивното емоционално функционирање, додека, пак, НЕ како склоност кон негативни емоции како што се фрустрација, анксиозност и тага. Макотрпна контрола е способноста на детето да се контролира. Овие карактеристики понатаму се развиваат во постабилни карактерни особини. На пример, истражувањето ја докажало врската меѓу позитивната емоционалност со екстровертноста која се јавува подоцна во животот.

Не е никакво изненадување тоа што овие карактеристики влијаат на врските што ги градат луѓето во детството. Кога истражувачите ги споредиле детските карактеристики со нивниот избор на другарчиња, заклучиле дека децата најчесто се спријателуваат со соученици кои имаат сличен темперамент. Интересно е тоа што по формирањето на пријателството, нивоата на ПЕ и МК кај децата се промениле и станале слични на оние на нивните другарчиња.

Со други зборови, колку подолго децата на предучилишна возраст си играле заедно, толку послични станувале едни на други. Децата со повисоко ниво на негативна емоционалност многу потешко остварувале врски со останатите соученици.

И покрај тоа што овие истражувања биле спроведени на деца, резултатите се од голема важност и за возрасните луѓе. Во минатото, многу истражувања докажале дека поголемиот дел од индивидуалните разлики не се менуваат со текот на годините, но неодамнешните испитувања покажале дека можете да го промените вашиот карактер доколку сакате, само не очекувајте резултати веднаш.

Па, каков заклучок можеме да донесеме од сето ова? Човечкиот карактер е многу попроменлив одошто мислите, а пријателите имаат големо позитивно или негативно влијание на него. Ова е доволна причина зошто треба внимателно да ги бирате вашите пријатели, бидејќи се чини дека има голема вистина во изреката „Со кого си, таков си“.

За да дознаете дали вашето друштво има позитивно влијание на вас, прочитајте кои се 7-те квалитети на добрите пријатели.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар