Порив за патување: Кога секаде по малку ви е дома

Порив за патување: Кога секаде по малку ви е дома

Луѓето кои имаат порив за постојано патување не можат да седат само на едно место. Тие имаат потреба постојано да бидат во движење и избегнуваат да се скрасат. За некои тоа трае само додека се млади и сакаат со голема љубопитност да го истражуваат светот, а за други тоа трае цел живот. Овие луѓе обожаваат да се селат од еден во друг град или држава заради училиштето или работата, но и кога тоа не се случува тие се обидуваат да најдат малку слободно време и да одат на кое било место кое нема да им изгледа познато и кое ќе можат да го истражуваат како мали дечиња кои прв пат љубопитно се соочуваат со некоја нова мистерија на животот. За тоа треба да се направат одредени жртви, пред сè да го напуштат домот и да бараат комфор надвор од зоната на комфорот. Затоа тие можат да нè научат нешто во врска со тоа каде е домот: дали тој е каде што е срцето, каде што се враќаме или од каде што потекнуваме.

Порив за патување: Кога секаде по малку ви е дома

Домот е таму каде што е срцето, но тие имаат оставено дел од срцето на многу места

Тие не се луѓе кои мислат дека престојот од два дена на едно место може да им даде претстава за тоа место. За разлика од луѓето кои ангажираат туристички агенции за да им го покажат накратко само она кое е „најважно“ за едно место, овие патници преферираат да останат подолго време и да го почувствуваат градот, неговиот пулс и динамика, да ги запознаат луѓето и да добијат суптилен впечаток од тоа место. Кога треба да заминат чувствуваат дека губат дел од себе со напуштањето на тој град, но сепак желбата за движење е многу поголема и знаат дека можат да најдат нов дом каде било под ова небо.

Порив за патување: Кога секаде по малку ви е дома

Домот е местото каде што се враќате, но тие сакаат постојано да се движат, а не да се враќаат на едно исто место

Тие како постојано да го бараат својот дом. Како да не се чувствуваат комфорно во својата комфорна зона, туку во непознатото кое ја задоволува нивната неисцрпна љубопитност и желба да учат за светот. Овие луѓе се ученици на светот кои мораат постојано да ги менуваат училниците. Својот дом го наоѓаат во движењето од едно на друго место. Тие почувствувале и знаат колку е убаво да се припаѓа на една заедница, но знаат и дека нивната заедница не може да биде ограничена со политички граници и етничка припадност.

Порив за патување: Кога секаде по малку ви е дома

Домот е местото од каде што потекнуваш, но тие се граѓани на светот

Секоја личност домот си го сфаќа на различен начин. Кога некој ќе нè праша од каде сме, ние кажуваме каде сме пораснале или каде живееме во последните години. А што би требало да речат овие номади кои не можат да седат на едно место? За нив домот е нешто поинакво. Ако домот е местото од каде што доаѓаме, односно местото кое ни е најдобро познато, но што се случува кога цел свет ќе ни стане познат? Што ако сакаме да живееме на повеќе места истовремено? Патувањето прави тие да го гледаат целиот свет како една целина од различни и прекрасни луѓе и затоа тие им припаѓаат на сите нив. Се плашиме од луѓето кои не ги познаваме, но тие ги познаваат повеќето култури и затоа ги сакаат. Луѓето со порив за патување сфаќаат дека сите доаѓаме од истиот свет и затоа цел свет ни е дом.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар