Пешачењето е наједноставниот начин да го подобрите вашето расположение

Според истражувањето на двајца психолози од Универзитетот во Ајова, самото движење на стапалата едно пред друго неколку минути има позитивно влијание на расположението без разлика каде се одвива тоа, зошто се одвива и каков резултат очекуваме дека ќе постигнеме со пешачењето. Психолозите Џефри Милер и Златан Кризан велат дека причините за тоа потекнуваат од еволуцијата на човекот кој се движел за да најде храна и други награди, што значи дека позитивните емоции се тесно поврзани со нашето движење.

Пешачењето е наједноставниот начин да го подобрите вашето расположение

Истражувачите тестирале стотици студенти преку три експерименти на тој начин што целите на истражувањето биле скриени во секој случај. На пример, во првиот случај на испитаниците им било кажано дека се истражуваат влијанијата што ги има непознатата околина на расположението. Две истражувања покажале дека студентите кои поминале 12 минути во прошетка околу кампусот и внатре во зградата на кампусот, изјавиле дека се чувствуваат порасположени, побудни и поeнергични. Оние, пак, кои поминале исто толку време во седење и разгледување фотографии од истата прошетка низ кампусот, не покажале подобрување на расположението.

Во второто истражување, на студентите им било кажано дека по прошетката околу кампусот ќе мораат да напишат есеј долг 2 страници и потоа да дискутираат за тоа што го напишале (не морале навистина да го направат тоа, целта била само да им се предизвика нервоза). Студентите кои седеле, а не шетале, не морале да го направат истото, но сепак се покажало дека расположението им паднало. На крајот од истражувањето, резултатите покажале дека студентите кои пешачеле останале во добро расположение и покрај тоа што мислеле дека по шетањето ги чека здодевна задача.

Третото истражување било најстрого контролирано. Контактот помеѓу истражувачите и испитаниците бил сведен на минимум. Имено, некои од студентите 10 минути гледале видео додека седеле на лента за трчање, други го поминале истото време гледајќи го видеото додека стоеле на лентата за трчање, а останатите го гледале видеото додека оделе на лентата за трчање. Повторно, кај студентите кои се движеле било забележано позитивно расположение, за разлика од оние кои седеле или стоеле.

Истражувачите заклучиле дека луѓето ги потценуваат здравствените придобивки што можат да ги добијат доколку станат од каучот и отидат на прошетка, бидејќи се фокусираат на моменталните ограничувања.

Секогаш кога ќе бидете лошо расположени, наместо да легнете во кревет и да гледате телевизија, отидете на прошетка. Нашиот инстинкт ни вели дека треба да бидеме мрзливи, но вистината е дека сме многу посреќни кога сме зафатени и активни. Имајте го тоа на ум и не ја одбегнувајте дневната прошетка.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар