Од имањето силна животна цел има не само ментални, туку и физички придобивки

Од имањето силна животна цел има не само ментални, туку и физички придобивки

Едно ново истражување покажало дека живеењето со цел е поврзано со намален ризик од прерана смрт, кај луѓе постари од 50 години.

Од имањето силна животна цел нема само ментални, туку има и физички придобивки

Група истражувачи од Универзитетот во Мичиген ги анализирале податоците од речиси 7.000 луѓе. Испитаниците, кои биле постари од 50 години, биле вклучени во национално истражување кое започнало во 1992-ра година и пополниле психолошки прашалник во 2006-та година.

Испитаниците требало да одредат како се чувствувале во врска со одредени изјави, како на пример: „Уживам правејќи планови за иднината и работејќи на нивно исполнување“ или „Моите секојдневни активности често ми изгледаат тривијални и неважни“. Потоа испитаниците добивале „поени за животна цел“.

Истражувачите ги споредиле овие поени со стапката на смртност кај испитаниците во текот на следните пет години. Во овој период починале 776 испитаници.

Оние кои имале пониски поени за животна цел имале двојно поголеми шанси да умрат. Покрај тоа, испитаниците со пониски поени имале поголеми шанси да умрат од проблеми со срцето или крвта.

Предвид биле земени и факторите кои би можеле да влијаат врз имањето животна цел на луѓето или ризикот од смрт, како на пример депресијата.

„Изгледа нема лоша страна на подобрувањето на животната цел, а може да има многу придобивки“, изјавила главната авторка на истражувањето, Алија Алимуијанг.

„Едно претходно истражување покажа дека волонтирањето и медитацијата можеби го подобруваат психолошкото здравје.“

Следниот чекор на научниците е да одредат дали активностите чија цел е засилување на животната цел навистина функционираат.

Според истражувачите, постојат неколку можни причини за влијанието на животната цел врз подолгиот живот. Претходни истражувања покажале дека живеењето со цел го намалувало активирањето на гените кои предизвикуваат воспаленија во телото.

Друго истражување открило дека силната животна цел е поврзана со пониско ниво на хормонот кортизол и пониско ниво на воспалителни молекули во телото.

Едно ограничување на истражувањето е тоа што истражувачите не ја исклучиле можноста од имањето ниска животна цел поради хронична или смртоносна болест.

Погледнете ги и овие бизарни животни цели што ќе ви помогнат да имате подобар живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар