Науката открива: Луѓето кои имаат кошмари се покреативни

Доколку често ви се случува да имате кошмари, сигурно самата помисла од заспивањето ве ужасува. Меѓутоа, лошите соништа можно е да се всушност корисни за вас и покрај тоа што ве препотуваат во кревет. Едно неодамнешно истражување открило дека луѓето кои имаат кошмари се покреативни и имаат побогата фантазија додека се будни за разлика од оние кои спијат мирно. Па така, наместо стресот и анксиозноста да ги припишувате на кошмарите, земете ја предвид идејата да почнете со некое креативно хоби како пишување или цртање.

Луѓето кои имаат кошмари се покреативни

Истражувањето било спроведено од страна на лабораторијата за соништа и кошмари во Монтреал. Имено, биле вклучени 28 волонтери на возраст помеѓу 18 и 35 години кои изјавиле дека страдаат од два или повеќе кошмари неделно. Рекламата за ова истражување која ги привлекла учесниците била многу досетлива и гласела „Заработете со тоа што ќе дремнете!“. Волонтерите воделе белешки за нивното сонување додека се будни, пополнувале прашалници и направиле тестови за одредување на креативноста. На крајот, тие требале да заспијат при што им биле закачени електроди кои ја следеле мозочната активност.

Резултатите покажале дека оние коишто постојано имале кошмари размислувале многу покреативно кога станувало збор за асоцијации со зборови. Според истражувањето, тие исто така можат да имаат повеќе позитивни соништа од просечната личност, и сето тоа сонување се одразува во реалниот живот.

„Доказите покажуваат дека кошмарите што се јавуваат кај луѓето не го попречуваат нивното нормално функционирање, туку напротив придонесуваат нивниот буден живот да биде во најмала рака креативен, позитивен и живописен. Ова имагинативно богатство не останува заробено само во сонот, туку ја исполнува и будната мисла“, изјавува еден од истражувачите.

Луѓето кои имаат кошмари се покреативни

Исто така, оние кои имаат кошмари повеќе сочувствуваат со другите луѓе и честопати ги доживуваат туѓите искуства како да се нивни. Психијатарот Ернест Хартман во 1980 година дознал дека интензивните кошмари може да се поврзани со емоционалноста на човекот, а не со неговата анксиозност. Тој дошол до заклучок дека чувствителноста на личноста е движечката сила на интензивните кошмари. Зголемената чувствителност на застрашувачки работи и закани во текот на денот доведуваат до лоши соништа и кошмари, додека, пак, зголемената страст и возбуда можат да доведат до поинтензивни позитивни соништа.

Луѓето кои имаат кошмари доживуваат мисли кои наликуваат на соништа дури и кога се будни. Овој начин на размислување се чини дека ги прави покреативни. Истражувањето покажало дека овие луѓе имаат поголема креативност и уметнички начин на изразување. Двајца од учесниците всушност и биле уметници по професија.

Наредниот пат кога ќе сонувате како бегате од зомби, паѓате од височина или држите говор сосема голи, запаметете дека тоа може да го поттикне вашето креативно размислување кога ќе се разбудите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар