Најубавите цитати од Венко Андоновски

Најубавите цитати од Венко Андоновски

Венко Андоновски е македонски писател, раскажувач, романсиер, драмски автор, поет, есеист и книжевен теоретичар. Роден е на 30 мај 1964-та година во Куманово. Завршил филолошки факултет во Скопје. Член е на македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија од 1990-та година. Се смета за еден од најпопуларните македонски писатели од почетокот на 21-от век. Негови поважни дела се „Папокот на светот“(роман); „Вештица“ (роман); „Бунт во домот за старци“ (драма); „Фрески и гротески“ (раскази); „Кандид во земјата на чудата“ (драма) и други.

(0) najubavite-citati-od-venko-andonovski-kafepauza.mk

Добитник е на сите македонски награди за проза и драма, како и на меѓународната награда „Балканика“ за романот „Папокот на светот“. Преведуван е на повеќе јазици. Предава книжевност на Филолошкиот Факултет во Скопје. Во продолжение погледнете избор од неговите најубави цитати.

„Љубов постои. Не секаде, не секогаш, но постои. Тоа е најважниот личен вселенски настан: како пронаоѓање на опашеста ѕвезда, твоја опашеста ѕвезда која никој друг не ја гледа.“

„Секое патување е по малку и умирање. Низ врата почнува секое патување, а смртта, како и љубовта е врата. Два пламени разделени, еден зад прагот, еден далеку од прагот; ако биле слаби, ветрот ќе ги згасне. Ако биле силни, само ќе ги распламти уште повеќе!“

„Со ист здив умираат љубовниците. Со ист здив умираат оние што макар еднаш, во еден миг се љубеле.“

„Пламенот кога се дели, се умножува како и љубовта, мил мој; оган е љубовта, оти колку повеќе го даваш, толку повеќе го имаш.“

„Љубовта не е милостина. Кога даваш милостина, се откажуваш од златник; кога даваш љубов се откажуваш од себе. И раката која го прима златникот, брза да го потроши; раката која го прима подареното срце брза да го сочува.“

„За предавство потребен е страв, за одмазда љубов, за умирање живот, а за копнеење – отсуство поприсутно од присуството треба да се има.“

„Секогаш се кажува премногу кога разумот, тој џелат на срцето ќе заспие и ќе го пушти срцето на слобода.“

„Постојат моменти кога човек извршува симболично самоубиство, уживајќи во сопственото исчезнување и понижување: тоа се моменти кога човек сака до толку да се понижи, што да падне сосема ниско, а да ги убеди другите дека таму доле, му е сосема добро и дека е задоволен.“

„Со секоја солза на читателот, ја губат невиноста и приказната, и оној кој ја чита и обљубува со солзи. Така е тоа, затоа што писателот со крв ја пишува, а читателот со солзи ја допишува приказната.“

„Што се сите наши години, што се годините на еден старец во споредба со годините на сонцето и месечината, што се тие доби ако не – само еден ден?“

„И кога палат книги, тие не ги уништуваат мислите, туку само хартијата на која тие мисли се запишани.“

„Книгата е страсна оти копнежот го опишува: несреќен си додека копнееш по целото, како оние први редови во таквата книга; и колку расте копнежот по значение, толку растат и редовите, за конечно среќата да биде еден миг, редот среден, најисполнет; и потем пак копнежот се гаси додека не исчезне. И така се одново, со секоја нова страница: копнеж, миг, среќа и гаснење на копнежот…“



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран преведувач и толкувач. Непоправлив перфекционист. Љубопитна, интуитивна и насмеана. Ја сака уметноста и културниот живот. Идеалист. Верува во астрологија, убаво утринско кафе и позитивно размислување.

Поврзани содржини

Остави коментар