Мандела ефект: Зошто луѓето се сеќаваат на настани кои никогаш не се случиле?

Мандела ефект: Зошто луѓето се сеќаваат на настани кои никогаш не се случиле?

Голем број луѓе го изгледале филмот „Војна на ѕвездите“ и повеќето од нив се убедени дека дроидот познат како C-3PO e целиот со златна боја. Но, дали знаевте дека тој всушност има една сребрена нога?

Мандела ефект: Зошто луѓето се сеќаваат на настани кои никогаш не се случиле?

Доколку сте фан на „Војна на ѕвездите“, веројатно ја знаете и познатата сцена каде што Дарт Вејдер вели: „Лук, јас сум ти татко“ (Luke, I am your father). Но, всушност, во филмот, репликата на Дарт Вејдер е: „Не, јас сум ти татко“ (No, I am your father).

Ова се два одлични примери за феноменот познат како Мандела ефект, односно постоењето лажни сеќавања што ги делат голем број луѓе. На некој начин, ова е како колективно недоразбирање. Фразата била составена во 2009-та година кога Фиона Брум се обидела да го објасни феноменот каде што многу луѓе ширум светот верувале дека јужноафриканскиот лидер умрел во затвор во 1980-тите. Вистината е дека тој беше ослободен во 1990-та година, а подоцна беше претседател на државата и почина на 95-годишна возраст во 2013-та година.

Според теоријата на Брум, секогаш постојат повеќе реалности од секој универзум (мултиверзум) и во секој универзум има разни предмети, настани и луѓе. Па, сеќавањата за „неточните“ настани не се навистина лажни, туку се настани од паралелните универзуми кои се вкрстиле со нашиот пат.

Науката има други објаснувања за Мандела ефектот. Сето објаснување се сведува на тоа дека не можеме целосно да се потпреме на човечката меморија. Во ерата на дигиталната технологија, често ги изедначуваме нашите мозоци со компјутерски хард дискови и мислиме дека се органски складишта за нашите искуства. Но нашиот префронтален кортекс, местото каде што се складираат повеќето сеќавања, ја нема истата прецизност како и компјутерскиот хард диск.

Кејтлин Аамодт, докторски кандидат на неврологија, смета дека според она што го знаеме за мозокот, можеме да заклучиме од каде потекнува Мандела ефектот.

„Сеќавањата се организирани во мозокот така што сличните сеќавања се наоѓаат во неврони во непосредна близина. Кога се сеќавате на нешто, тие клетки можат да ја променат нивната поврзаност, што овозможува додавање нови информации. Но, бидејќи невроните кои заедно се активираат се поврзани, понекогаш може да се појават лажни сеќавања.“

Сеќавањето на нешто често активира и други сеќавања во процесот, така што ги меша сценаријата и луѓето на нови начини. Луѓето се многу подложни на лажни сеќавања или грешно толкување на сеќавања. Лажните сеќавања настануваат кога мозокот се обидува да ги исполни празнините во нецелосните сеќавања. Можно е да се измешаат слични искуства со цел да се добие целосна приказна со детали и емоционални реакции. Ова се случува кај луѓе со невролошки проблеми, како оштетување на мозокот или Алцхајмерова болест, но се појавува и кај здравите личности.

Сето ова објаснува зошто една личност се сеќава на настан што никогаш не се случил. Но што кога ова се случува кај голем број луѓе? Едно истражување од 2016-та година покажало дека 88% од онлајн испитаниците погрешно го одбрале Александар Хамилтон како некогашен претседател на САД од понудената листа. Неговото препознавање било многу поголемо за разлика од вистински претседатели на САД.

„Поради споделеното контекстуално поврзување, многу разни луѓе го формирале истото лажно сеќавање дека Хамилтон бил претседател“, изјавила Аамодт.

Таа исто така ја истакнала и моќта на сугестијата.

„Сугестијата е тенденцијата да се верува во она што другите сугерираат дека е вистина. Поради ова на адвокатите не им е дозволено да поставуваат водечки прашања кои укажуваат на одреден одговор.“

Денес постои и огромната моќ на Интернетот и неговата способност да ја зголеми грешката на човекот. Доволно е само една личност да сподели лажна информација, за повеќето да се „сетат“ на неа и да ја прифатат како точна.

Примери за Мандела ефектот без сомнение има многу, па дали вие можете да се сетите на некој?

Прочитајте и за некои од најневеројатните психолошки нарушувања и синдроми.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар