Како хорор филмовите станале лек за анксиозност?

Кога станува збор за анксиозноста, не се важни годините, националноста или финансиската состојба. Милиони луѓе секојдневно водат војна со стравот кој може да биде предизвикан од сè – од работното место, па сè до најмалите ситници во животот.

Како хорор филмовите станале лек за анксиозност?

Иако многумина мислат дека лекот е нешто како медитација, некои луѓе наоѓаат помош во сосема спротивните работи. Знаевте ли дека многу луѓе преферираат гледање хорор филмови како „лек“ за нивната анксиозност? Сигурно се прашувате како гледањето на вакви сцени може да ве смири.

Верувале или не, гледањето хорор филмови против анксиозност се практикува со децении. Луѓето кои го практикуваат ова често мислат дека нивниот метод е чуден, но благодарение на објава на Редит, љубителите на овој жанр веруваат дека се на вистинскиот пат.

Во суштина, хорор филмовите им овозможуваат на луѓето чувствата на анксиозност да ги насочат кон нешто што не е реално и што нема директно влијание на нив. Ова навистина им помага да се справат со нивниот проблем.

„Почнав да се грижам за тоа дали некој ќе ми влезе во станот или дали ќе видам дух, што е многу подраматичен од кој било страв што сум го имал претходно“, напишал еден од корисниците.

Доктор Матијас Класен од Универзитетот Архус во Данска, ги проучува психолошките ефекти на хорор филмовите веќе 15 години. Тој верува дека луѓето кои можат да го издржат филмот се чувствуваат многу подобро по крајот, бидејќи нивниот мозок реагира на сцените како да се случуваат во реалниот свет. Се појавува некое олеснување по гледањето на вакви филмови, исто како кога ќе се справите со стресна ситуација.

Голема е веројатноста дека честото соочување со страшните работи од хорор филмовите може да им помага на луѓето со анксиозност да се справат со стресот во реалниот живот, бидејќи ова делува како вежба за амигдалата.

Амигдалата е делот од мозокот кој сигнализира опасност, а во некои моменти може да „полуди“ кај луѓето со анксиозност. Ако луѓето со хиперактивна амигдала вежбаат со регулирана доза хорор филмови, можно е нивните страв и вознемиреност да се намалат со текот на времето. Но, направени се вакви истражувања само со одредени видови слики, па тешко е со сигурност да се тврди истото за хорор филмовите.

Бидејќи се соочувате со стравот во безбедно опкружување, како вашиот кревет или дневната соба, полесно е да ги одвоите ирационалните стравови од реалноста и да се сетите дека нештата секогаш можат да бидат полоши.

Важно е да знаете дека не сите чувствуваат олеснување по гледањето хорор филмови. Едно истражување покажало дека голема група луѓе побарале помош по гледањето на филмот „Егзорцист“ (Тhe Exorcist) бидејќи стравот што го почувствувале бил премногу интензивен. Па начинот на којшто се соочувате со она што го гледате зависи од начинот на кој вашиот мозок ги процесира сликите.

Сепак, потребно е да се направи подетално истражување со цел да се открие колку навистина е ефективно гледањето хорор филмови во борбата против анксиозноста. Дотогаш можете само да пробате. Кој знае, можеби ова е вашиот лек. Ако премногу ви е страв, секогаш можете да ѝ се вратите на медитацијата.

Погледнете ги и овие 6 целосно неконвенционални начини за борба против анксиозноста.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар