Извонредниот одговор на Стенли Кјубрик на прашањето: „Вреди ли да се живее?“

Стенли Кјубрик е познат како еден од најгенијалните режисери чии филмови се сметаат за класици во светската кинематографија. Неговите филмови се карактеристични по извонредната фотографија, примесите на надреализам и експресионизам, како и елементите на ироничен песимизам. Кој може да ги заборави неговите ремек-дела како што се „Лолита“ (Lolita), „Пеколен портокал“ (A Clockwork Orange) и „Сјаење“ (The Shining)? Иако сите негови филмови се адаптации на романи или раскази, не може да се оспори видливата оригиналност на режисерот во нив.

Извонредниот одговор на Стенли Кјубрик на прашањето: „Вреди ли да се живее?“

Неговите дела на прв поглед делуваат песимистички, но тие всушност содржат еден вид воздржан оптимизам. Тоа може да се согледа и од начинот на размислување на Кјубрик. Имено, во едно интервју му било поставено прашањето „Вреди ли да се живее?“. Прочитајте го неговиот одговор што ќе ви помогне да ја согледате светлата страна на работите и ќе ви овозможи излез од егзистенцијалната криза…

„За нас луѓето кои некако успеваме да се справиме со сопствената смртност, да, вреди да се живее. Самата бесмисленост на животот го принудува човека сам да создаде смисла.

Децата, секако, го почнуваат животот со беспрекорна љубопитност и капацитет да доживеат целосна радост поради нешто многу просто како што е зеленилото на листот. Но, како што растат, свесноста за смртта и распадот почнува да влијае на нивната психа и суптилно ја уништува нивната животна радост, идеализам и идеја за бесмртност.

Како што детето созрева, така тоа гледа смрт и болка насекаде околу него и почнува да губи верба во човечката добрина. Но, доколку има доволно сила и среќа, ќе може да се издигне од овој духовен самрак и да доживее повторна преродба на животниот елан.

Свесноста за бесмисленоста на животот може да му даде свежо чувство на смисла и афирмација. Можеби нема да ја поврати истата љубопитност со која бил роден, но ќе може да создаде нешто многу поцврсто и подолготрајно.

Најстрашниот факт за универзумот не е тоа дека е суров, туку дека е рамнодушен. Но, ако ние можеме да излеземе на крај со неговата рамнодушност и да ги прифатиме животните предизвици во границите на смртта, нашето постоење како живи битија ќе добие автентично значење и чувство на исполнетост.

Без оглед на тоа колку е мрачна темнината, мораме самите да создадеме сопствена светлина.“


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар