Битката на Алекс Ристовски: Не се чувствувам безбедно да живеам во Македонија како транс лице

Битката на Алекс Ристовски: Не се чувствувам безбедно да живеам во Македонија како транс лице

Иако сѐ уште живееме во општество полно со предрасуди, работите полека но сигурно почнуваат да се менуваат. Луѓето се охрабруваат да живеат онака како што сакаат и слободно да го градат својот личен идентитет. Но, битката против туѓите осудувања не е воопшто лесна! Напротив, станува збор за секојдневна макотрпна борба полна со предизвици и сопки кои ги наметнува општеството, а понекогаш и најблиските.

Битката на Алекс Ристовски: Не се чувствувам безбедно да живеам во Македонија како транс лице

Алекс Ристовски е еден од тие луѓе кои ја водат оваа битка. Тој уште од мали нозе сфатил дека не се чувствува пријатно во своја кожа, носејќи го половиот идентитет доделен од природата. Тој никогаш не се идентификувал себеси како припадник на женскиот пол, но чувствувал притисок да се претставува така, додека не сфатил дека може и смее да го гради оној полов идентитет што го чувствува како свој.

Денес, Алекс иако и понатаму се соочува со голем број предрасуди и невкусни навреди, има собрано доволно голема храброст за да остане доследен на себеси и да не се преправа во нешто што не е, само затоа што општествените правила и принципи го налагаат тоа. Алекс ни ја раскажа неговата приказна и ни откри како изгледа животот на едно трансродово лице во земја со застарена сфаќања како што е Македонија…

Биолошкиот родов идентитет ни е определен од раѓање, но понекогаш луѓето не се пронаоѓаат во полот што им го доделила природата. Кога сфати дека не се идентификуваш со твојот биолошки пол и дека треба да го смениш? Кога се пронајде себеси?

Мојот машки родов идентитет постои откако знам за себе, само што не знаев дека можам и смеам да излезам и да му се претставам на светот како маж. Бев во почетокот на моите 20-ти години кога открив дека постои објаснување за тоа што ми се случува и дека постојат луѓе слични на мене насекаде на светот, па и тука, во Македонија. Тоа дефинитивно многу ме охрабри.

Сметаш ли дека трансродовоста е нешто што се јавува од раѓање или пак се развива со текот на времето под влијание на општествените и социјалните околности? Како беше во твојот случај?

Полот и родот се нешто што сите луѓе го имаат. Одговорот на прашањето не би бил поразличен доколку истото им се постави на луѓето кои се гледаат во согласност со својот пол. Не е потребно да се случи некаква посебна траума, како што многумина претпоставувале откако го анализирале мојот живот, по што произлегле низа обиди да ме поправат. Јас никогаш во мојот живот се немам почувствувано како жена и секој мој обид да „бидам” завршил неуспешно, со значително зголемување на анксиозноста поради очекувањето да се однесувам според полот и никако поинаку.

Колку време ја криеше твојата потреба да се идентификуваш како маж? Кога реши да ја обелодениш твојата тајна?

Одамна им открив на најблиските пријатели дека сум маж, но поминував низ многу силна внатрешна борба и имав вистински потешкотии со себе-прифаќањето. Живеев со стравови и како последица на тоа имав периоди кога го потиснував и пробував да го променам непроменливото. Најмногу се охрабрив кога работев во ЛГБТИ центарот за поддршка. Тој период донесов одлука да живеам согласно со личниот идентитет.

Битката на Алекс Ристовски: Не се чувствувам безбедно да живеам во Македонија како транс лице

Какви реакции доби од твоите најблиски, семејството, пријателите? Дали те прифатија таков каков што си или пак наиде на осудувања?

Моите најблиски пријатели не ја осудуваат ЛГБТИ заедницата во целост, а со семејството одамна не живеам и иако некои од нив ме осудија, дефинитивно не го земам тоа при срце. На крајот на денот најважно е јас да се прифатам себеси, да одлучам дали ќе прифатам нечија осуда и кој ќе биде дел од моето опкружување.

Кои се предизвиците со кои се соочува едно трансродово лице во македонското општество?

Почнувајќи од личното искуство, откако знам за себе сум мета на потсмев, вчудовидување и невкусни коментари полни со чувство на одвратност. Можеби тоа е дел од причината што многу ретко излегувам надвор. Сите ние сакаме да се чувствуваме безбедно и заштитено, но овде немам чувство дека сум заштитен како транс лице.

Во Македонија, поради недостиг на свесност и законска регулатива, транс луѓето не можат да добијат лична документација во која е вистински признаен нивниот вистински род. За многу транс луѓе немајќи усогласени документи со родовиот идентитет значи секојдневно откривање дека тие се транс пред кого било, а тоа може да доведе до понижување, дискриминација и насилство.

Не постои сомнеж дека живееме во заостанато општество полно со предрасуди. Како може да се подигне свеста кај народот дека трансродовите лица не се ништо поразлични од останатите луѓе? Имаш ли некаков предлог?

Еден од начините е преку интервјуа да се доближи до читателите човечката страна со цел сите стереотипи за нас да паднат во вода. Ние сме луѓе со различни желби, потреби, интереси. Некои од нас сакаат да читаат книги, да слушаат рок, да спортуваат.

Лично јас учам да правам веб-сајтови, пишувам поезија, одам на јога, до доцна навечер гледам аниме филмови. Моето секојдневие е исто како и секојдневието на секој друг човек и нема зошто да бидам перципиран или третиран поинаку.

Битката на Алекс Ристовски: Не се чувствувам безбедно да живеам во Македонија како транс лице

Во неколку земји низ светот има воведено нов закон според кој на бебињата не им се доделува пол веднаш по раѓањето, туку се остава тоа поле празно со цел да можат сами да се изјаснат дали се идентификуваат како мажи или жени кога ќе пораснат. Што мислиш за ова?

Таа практика важи за интерсексуалните деца, кои се раѓаат со гениталии кои не се ниту типично машки ниту типично женски. Ваквата пракса на „оставање простор“ е многу покорисна за нив и неспоредливо подобра со оглед на тоа дека во многу земји практиката е да се прават операции врз бебиња без нивна согласност само за да се „нормализира“ нивниот пол. Тие се подложени на долготрајни интервенции во детството. Студиите покажуваат дека честопати овие деца не се идентификуваат со полот кој им е назначен по таа присилна операција без нивна согласност, што значи дека можно е да биде потребна уште една операција за тие да живеат во согласност со тоа како се чувствуваат.

Сега отворено се претставуваш како маж и официјално го смени името во Алекс Ристовски. На кој начин се смени твојот живот откако го стори тоа? Дали сега ти е полесно?

Искрено, да, многу се радувам што сѐ повеќе се доближувам до себеси и што тоа можам го претставувам кон надвор, но дел од предизвиците допрва доаѓаат. Моментално, предизвиците со кои се соочувам се интервјуата за работа и претставувањето. Се надевам дека сѐ ќе биде во најдобар ред.

Трансродовите лица не се „болни“, чудни или поинакви од останатите луѓе. Тие се исти како и сите нас и заслужуваат еднаков третман и еднакви можности. Време е да излеземе од нашето мало „кутиче“ и да си ги прошириме хоризонтите. Здраво општество не е она во коешто сите луѓе изгледаат исто, имаат исти сфаќања, уверувања, мислења и начин на однесување. Здраво општество е она во коешто луѓето се прифаќаат меѓусебно наместо да се осудуваат, се разбираат наместо да се навредуваат и си помагаат и покрај неизбежните разлики што постојат меѓу нив.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар