6 уметници кои си ги мразат своите ремек-дела

6 уметници кои си ги мразат своите ремек-дела

Уметниците одвреме-навреме создаваат по некое ремек-дело по кое стануваат препознатливи, но тоа е меч со две острици. Иако од една страна добиваат признание, слава и пари, од друга страна тоа може да биде единственото нешто по кое луѓето ќе ги препознаваат, а тие имаат уште многу што да му покажат на светот. И резултатот од тоа е омраза кон нивното големо дело. Има многу такви уметници, ова се само шест од нив кои се попознати од другите.

6 уметници кои си ги мразат своите ремек-дела

1. Рејдиохед

„Creep“ е убедливо најпознатата песна на рок бендот Рејдиохед и единствената позната од нив за повеќето неупатени во рок музиката. На бендот му е смачено од тоа, па затоа и не сака веќе да ја свири на своите концерти. Додека тие упорно се обидуваат да ја претстават својата нова музика, фановите им ја бараат „Creep“. За време на еден концерт во Монтреал, фронтменот Том Јорк одбил да ја отпее песната, нарекувајќи ги ретардирани оние кои ја бараат. Својата омраза кон песната ја изразиле и на фестивалот Гластонбери во 2003 година кога го ангажирале Моби да ја испее наместо нив за затворање на концертот.

2. Вуди Ален

Сите кои се фанови на Вуди Ален се фанови и на „Менхетен“, но не и самиот тој. Вуди има проблем со сите свои филмови и ако го прашате може да ви каже дека никогаш не направил добар филм, но овој вистински го мрази од само за него познати причини. Познато е дури дека ја молел продукциската куќа да не го прикажува филмот, а за возврат нудел да им сними нов филм бесплатно, само да го повлечат „Менхетен“.

3. Брус Спрингстин

Брус Спрингстин го мрази својот голем хит „Born to Run“, како и целиот истоимен албум. Иако според музичките критичари тој важи за еден од најдобрите албуми на сите времиња, а и самиот Спрингстин потрошил шест месеци на првиот сингл и уште доста време на другите песни, тој вели дека „не може да го слуша повеќе“. За него тоа е „најлошото рок ѓубре кое некогаш го слушнал“ и не сакал да го издаде. Продуцентите го разубедиле во тоа и затоа денес знаеме дека овој славен албум постои.

4. Лед Цепелин

За многу рок-фанови „Stairway to Heaven“ е една од најдобрите песни што постои. Затоа Лед Цепелин го завршувале секој концерт со ова ремек-дело и затоа толку се заситиле од него што го замразиле. Вокалистот Роберт Плант со тек на време почнал да ја нарекува „глупава свадбена песна“, па дури и му платил на едно радио во Портланд да не ја пушта повеќе. Честопати ги одбивал предлозите за повторни обединувања на бендот од истата причина. За разлика од него, гитаристот Џими Пејџ ја обожавал, па при обединувањата Плант му поставувал услови да не ја свират песната или барем да не ги завршуваат концертите со неа.

5. Клод Моне

Најголемиот дел од делата на Клод Моне опфаќаат насликани пејзажи. Тие од него направиле еден од најценетите уметници во историјата, но кога тој сам би си судел, не би имал такво мислење за себе. Се знае дека си ги уништувал сликите, но не се сигурни причините зошто го правел тоа. Според писмата на неговата сопруга може да се заклучи дека во зависност од неговото расположение тој си ги сакал делата или ги мразел и ги бодел и распарчувал со нож. Вака уништил најмалку 30 слики.

6 уметници кои си ги мразат своите ремек-дела

6. Тони Кеј

Тони Кеј веројатно не би си го мразел својот филм толку многу ако беше малку повеќе негов. „Американска историја Х“ (American History X) е филм кој има многу висока оценка на ИМДБ и бил номиниран за Оскар, но тогаш дебитантот во холивудскиот свет, Тони Кеј, го замислувал поинаку. Неговата продукциска куќа извршила одредени поправки на филмот на кои тој бил многу лут. Бесот го искажал закупувајќи простор во печатените медиуми каде што говорел против филмот, а кога тој бил прифатен на филмскиот фестивал во Торонто тој одлетал од Германија до Канада за лично да побара да биде тргнат од програмата. Ништо од тоа не му помогнало.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар