5 суеверија со рационално потекло

5 суеверија со рационално потекло

Во некои суеверија едноставно не можете да верувате. Но има и такви со навистина рационално потекло што не е ни чудно што преживеале по сите овие години. Иако е лесно да се отстранат суеверијата кои се без некаква основа, како оние поврзани со потковици и детелина со 4 листа, потешко е да се расправа за суеверијата кои потекнуваат од реалноста наместо од магијата. Па погледнете кои суеверија имаат навистина рационално потекло.

1. Црни мачки

5 суеверија со рационално потекло

Црна мачка која ви го пресекува патот е универзален симбол за несреќа. На прв поглед, ова суеверие изгледа дури смешно. Сепак мачките се само домашни животни. Можеби сега ни изгледаат така, но пред само неколку векови, доволно било мачка да ви го пресече патот за да ве испратат на бесилка или да ве запалат на клада.

Во 1233-та година, папата Грегори IX го напишал делото „Vox In Rama“ (Глас во Рама) во кое ги поврзувал црните мачки со реинкарнација на ѓаволот. Штом самиот папа го споредил животното со ѓаволот, тие биле злобни и за христијаните и за неверниците. Во текот на следните неколку векови, црните мачки биле собирани и палени со цел да се казни ѓаволот за неговите злодела. Наскоро, лошата репутација на црните мачки се проширила и на нивните сопственици, па секој што имал црна мачка бил обележуван како вештерка. Иако постојат малку записи кои ја раскажуваат приказната, голема е веројатноста дека многу невини луѓе биле погубени само затоа што се наоѓале во близина на црна мачка.

2. Забранет влез на брод за жени

5 суеверија со рационално потекло

Старото суеверие дека жените носат само лоша среќа на бродовите не ги спречило жените да имаат важни улоги во морнарицата, рибарството, спортовите и комерцијалните бродови низ целиот свет. Во 21-виот век, жените работат рамо до рамо со мажите, исполнувајќи ги истите должности, а некогаш дури и во улога на капетан. И покрај растењето на половата еднаквост, суеверието дека жените носат само лоша среќа на бродот сè уште се крие во некои краеви во светот на бродовите. А кога ќе ја слушнете приказната зад митот, можеби и ќе ви стане јасно зошто, иако жените речиси и да не се виновни за ова.

Ова суеверие потекнува од периодот кога само машки екипажи поминувале месеци на море, работејќи и живеејќи во многу мал простор. Поканувањето на жена во тие ситуации се гледало како поканување неволја. Жената речиси сигурно ќе страдала од непосакувано внимание, а ако почнела некоја врска тоа сигурно ќе предизвикало љубомора, гнев и тепање кај екипажот. А сето ова навистина не е добро за успешно патување.

3. Банани на бродот

5 суеверија со рационално потекло

„Да, немаме банани.“

Ако планирате да се качите на рибарски брод, подобро да ги знаете овие зборови. Иако изгледа како да нема никаква логика зад тоа дека бананите носат лоша среќа, ова суеверие има смисла ако го разгледате неговото потекло. Кога Шпанците почнале да ги колонизираат Централна и Јужна Америка, тие носеле огромни количини банани преку Атлантикот до Европа. Кога бродовите потонувале, а потонувале многу, бананите пловеле на површината и ова ги поврзувало со бродоломите.

Се разбира, возможно е бананите, барем индиректно, да биле одговорни за бродоломите. Како што морнарите се тркале низ Атлантикот до пристаништата во Европа, голема е веројатноста да донесувале ризични одлуки за да стигнат дома пред бананите да се расипат. Зголемената брзина ја зголемувала шансата за несреќа, а со тоа и бројот на бродоломи. Покрај тоа, екипажите научиле дека ферментираните банани ослободуваат метан, токсичен гас кој можел да ги убие или разболи морнарите. Откривањето отровни змии, пајаци и други инсекти во гајбите со банани само ја зголемило нивната лоша репутација.

4. Чевли на масата

5 суеверија со рационално потекло

Во многу култури лоша среќа е да ги ставите вашите чевли на масата. Некои региони нагласуваат дека ставањето на чевлите на масата ќе го намали идниот успех, додека други сметаат дека чевлите на масата ќе донесат лоша среќа, проблеми на работата, па дури и тешкотии во врската.

Иако е тешко да се следи потеклото на ова суеверие, некои извори укажуваат дека во минатото, кога умирал вработен во рударска компанија, неговото семејство ги внесувало неговите чевли во домот и ги ставало на масата како знак на почит. Иако ова изгледа како рационално објаснување, може дури и да не е потребно. Речиси секој е свесен дека ставањето на чевлите на масата, заедно со сите валкани работи што се наоѓаат на нив, едноставно е лоша идеја.

5. Правилото на тројка

5 суеверија со рационално потекло

Според легендата, ако тројца луѓе користат исто чкорче за, на пример, да запалат цигара, третиот човек е проколнат и ќе умре. На прв поглед, суеверието изгледа чудно – зошто да не искористат едно чкорче и да не прават премногу ѓубре?

Но идејата за ова суеверие потекнува од Кримската војна кога снајперистите од двете страни лежеле и чекале да ги убијат војниците. Палењето чкорче можеби ја откривало позицијата на војниците, но ако го изгаснеле веднаш, на снајперистите им било потешко да нанишанат. Ако чкорчето било запалено подолго време, ова им давало време да ја пронајдат метата. Па последниот што ќе го држи чкорчето имал најголеми шанси да биде убиен. Денес можеби не се наоѓаме во таква ситуација, но потеклото на ова суеверие му помогнало да го издржи тестот на времето.

Погледнете ги и овие суеверија поврзани со броевите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар