11 луди начини на кои времето влијае врз вашето здравје и расположение

Сè почесто секојдневните разговори на луѓето започнуваат со тоа какво е времето. „Денес е претерано топло. Не се дише.“ „Не е нормално времево! Вчера сонце, денес се растури од врнење.“ „Ме боли главата нешто, изгледа ќе се менува времето.“ Сигурно и вие сте употребиле некоја од овие реченици кога не сте знаеле како да започнете конверзација. Можеби се сметате себеси за метеопат затоа што секоја промена на времето се одразува на вашето здравје и расположение. Не сте далеку од вистината. Според повеќе истражувања, температурата и временските услови имаат директно влијание на вашето физичко и психичко здравје. Доколку заедно со промената на времето почувствувате промена и во вашето дејствување, тоа дефинитивно не си го замислувате. Еве на каков начин температурата надвор може да влијае на вашето здравје и однесување:

Откријте како времето влијае на вашето здравје и расположение

Пониските температури го подобруваат сонот

Најубаво се спие во посвежа средина. Идеалната температура за спиење е од 15 до 20 степени Целзиусови. Тоа е така затоа што кога телесната температура се снижува, мозокот почнува да се подготвува за спиење. Спротивното се случува кога станува збор за потопли и повлажни климатски услови. Бурите исто така можат да му наштетат на квалитетот на сонот поради буката што ја предизвикуваат.

Екстремните временски услови може да доведат до психолошки проблеми

Кај луѓето кои живеат во области изложени на екстремни природни појави како урагани и цунами, постои поголем ризик да се развијат психолошки нарушувања. Самата појава е трауматична, но и последиците од настанот оставаат долготрајни последици.

Дождот ги влошува алергиите

Со доаѓањето на пролетта, многу луѓе почнаа секојдневно да се соочуваат со кивавици предизвикани од алергии. Ако и вие го имате овој проблем, тогаш сигурно знаете дека кога времето е влажно алергиите стануваат уште полоши. Дождот го отстранува поленот, но ветерот прво ги разнесува честичките од полен и ги раширува алергените пред да ја исчисти околината.

Откријте како времето влијае на вашето здравје и расположение

Сончевите денови го подобруваат расположението

Ова нормално не се однесува на сите, но веројатно сте забележале и самите дека ако се разбудите и надвор здогледате сонце, веднаш се чувствувате многу подобро отколку кога ќе видите облачно и тмурно време. Според едно истражување направено на Универзитетот во Мичиген, луѓето кои поминувале барем половина час надвор на убаво време биле подобро расположени од останатите.

Зимата влијае на менталното здравје

Менталните здравствени проблеми поврзани со депресијата најчесто се појавуваат во текот на зимата кога деновите се пократки и потемни. Околу 10 милиони луѓе годишно се соочуваат со тага, анксиозност и промена на расположението во зимските месеци. Според Мишел Риба, професор по психијатрија и директор на центарот за депресија при Универзитетот во Мичиген, доколку ова се случува секоја година, препорачливо е да се побара стручна помош.

Голема жештина може да доведе до здравствени последици

Високите температури го зголемуваат ризикот од дехидратација и топлотен удар кои може да доведат и до посериозни последици. Летото е на прагот, што значи дека нè очекуваат уште многу жешки денови. Внимавајте во кој период од денот излегувате и секогаш со себе носете шише вода.

Крвниот притисок е понизок во лето

Не е воопшто чудно што се чувствувате пооопуштено во лето. Крвниот притисок се спушта во текот на оваа сезона поради промената на атмосферскиот притисок. Спротивно на тоа, крвниот притисок е повисок во зима затоа што ниските температури ги стеснуваат крвните садови.

Откријте како времето влијае на вашето здравје и расположение

Умерените климатски услови се поврзуваат со поголема радост

Времето со умерена температура значи подобро расположение. Не е многу тешко да се донесе ваков заклучок бидејќи нормално е дека на телото најмногу му годи кога не му е ниту топло ниту ладно. Освен тоа, потоплото време нуди повеќе можности за активности кои можат да се прават надвор.

Покреативни сте кога е топло

Доколку поминете некое време надвор на убав пролетен ден, вашето креативно размислување може да доживее значителен напредок и развој. На тој начин вие го прочистувате вашиот ум од лоши мисли и ослободувате простор за нови идеи и подвизи.

Високите температури ја зголемуваат желбата за секс

Резултатите од повеќе анализи покажале дека бројот на новороденчиња е 10% поголем во месец март, што значи дека зачнувањето се случило некаде околу јуни. Истото истражување открило дека нивото на тестостерон кај мажите и овулацијата кај жените биле значително зголемени во овој период.

Веројатноста да се разболите е поголема кога времето е поладно

И покрај тоа што можете да настинете во секој период од годината, има неколку фактори кои ја зголемуваат веројатноста да се разболите во зима. Според некои истражувања имунитетот се намалува во постудените месеци поради тоа што се менува вашата ДНК, што обично се случува при промена на годишните времиња. Освен тоа, повеќе време поминувате затворени дома што значи дека сте изложени на поголем број разни бактерии.

Добрите вести се дека летото само што не започнало, а тоа значи сончеви денови, убаво време, зголемена креативност и добро расположение.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар