10 психолошки ефекти на несексуалниот допир

10 психолошки ефекти на несексуалниот допир

За да се снајдеме во животот, најмногу се потпираме на нашите очи и уши додека пак, допирот е сетило кое многу често се заборава без разлика на тоа што и тој игра голема улога во запознавање и доживување на светот. Дури и краток допир на раката може да влијае на начинот на кој размислуваме. Погледнете ги наредниве 10 психолошки ефекти кои ќе ви ја покажат моќта на несексуалниот допир.

10 психолошки ефекти на несексуалниот допир

1. Допир за пари

Добро тајмиран допир може да ги охрабри луѓето да вратат нечиј изгубен предмет. Во еден експеримент, корисниците на телефонска говорница кои биле благо допрени по раката од страна на експериментаторот, во поголем број случаи му ја враќале изгубената паричка која била дел од експериментот за разлика од останатите. Според понатамошни истражувања во ова поле се открило дури и дека луѓето оставале поголем бакшиш доколку келнерот или келнерката благо ги допреле гостите по раката.

2. Допир за помош

Едно истражување покажало дека луѓето повеќе помагаат доколку се допрени. Во оваа студија, случајни минувачи кои биле нежно допрени за раката во поголем број помагале кога испитувачите ги испуштале од рака работите кои ги носеле. Со само еден допир желбата за помош кај луѓето се зголемила од 63% на 90%.

3. Допир за согласност

Во една студија која била спроведена од Вилс и Хам во 1980 година, учесниците биле замолени да потпишат петиција. 55% од оние кои немале никаков физички допир со испитувачите ја потпишале, додека пак бројката се зголемила до 81% кај оние кои биле допрени еднаш во горниот дел од раката. Во слична студија испитаниците биле замолувани да пополнат прашалник. Овој пат допирот ја зголемил согласноста од 40% на 70%.

4. 2 допира за поголема согласност

Ваидис и Халими-Фалковиц во 2008 година ги повториле овие експерименти и откриле дека оние кои биле допрени 2 пати во поголем број ги пополнувале прашалниците. Интересно е и тоа што ефектите биле уште поголеми кај мажите кои добиле допир од женски испитувач.

5. Допир за борба

Кога Долински во 2010 година спровел експеримент за согласност во Полска, тој добил многу различни резултати за мажите и жените. Изгледа дека мажите во Полска реагирале лошо на допирот поради поголемата застапеност на хомофобијата. Но, за жените резултатите биле сосема исти како и во другите истражувања. Ова ни укажува дека во зависност од културата, мажите различно го прифаќаат допирот.

6. Допир за продажба на вашиот автомобил

За разлика од Полска, Франција е култура каде што допирањето е прифатливо и помеѓу мажите. Токму затоа француските истражувачи Ерсо и Гегон во салон за продажба на половни автомобили на еден дел од мажите им пристапувале со допир од 1 секунда на раката, додека пак на другиот дел без никаков допир. Истражувањето открило дека доволен е само 1 допир од 1 секунда за потрошувачите да станат поискрени, попријателски настроени и посогласни.

7. Допир за љубовен состанок

Сигурно нема да бидете изненадени доколку слушнете дека мажите покажуваат повеќе интерес за жените кои нежно ги допреле. Гегон во 2010 открил дека мажите многу лесно погрешно го интерпретираат несексуалниот допир на раката како сексуална заинтересираност. Но, она што е уште поинтересно е тоа што жените исто така добро реагирале доколку мажот ги допре за рака во моментот кога им бара телефонски број. Гегон смета дека ова се случува поради фактот што жените го поврзуваат краткиот допир со доминација.

8. Допир за моќ

Допирот комуницира нешто витално за моќните врски. Хенли во 1973 година набљудувал луѓе во голем град додека тие ги извршувале своите секојдневни обврски. Луѓето кои имале тенденција да ги допираат другите (наспроти оние кои биле допирани) најчесто имале повисок статус. Изгледа дека оние кои повеќе ги допираат другите луѓе имаат поголема моќ во општеството.

9. Допир за комуникација

Допирот доаѓа во многу различни форми и може да комуницира голем број емоции. Токму оваа разновидност била демонстрирана во една неверојатна студија спроведена од Хертенстеин во 2006 година. Користејќи само допир на предниот дел од раката, учесниците во оваа студија се обидувале да пренесат 12 различни видови емоции на друга личност. Оние кои требало да ја откријат таа емоција, без разлика на тоа што не можеле да го видат оној кој ги допира, ниту самиот допир, одлично ги распознавале гневот, стравот, одбивноста, љубовта, задоволството и симпатијата. Оваа точност се движела помеѓу 48% и 83%.

10. Масажа за математика

Доколку сѐ ова може да се направи со само еден допир, замислете што сѐ можете да постигнете со масажа. Со помош на една студија која ја спровел Филд во 1996 година, учесниците кои добивале масажа два пати во неделата во период од 5 недели не само што биле порелаксирани, туку исто така постигнувале повисоки резултати на тестот по математика.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар