Граѓаните и трговците бараат укинување на забраната за продажба на пиво по 19 часот

Граѓаните и трговците бараат укинување на забраната за продажба на пиво по 19 часот

Деновиве на интернет е покрената петиција со која се бара од Собранието да ја укине забраната за продажба на пиво во трговијата по 19 часот во зима, односно 21 часот во летните месеци. Само неколку часа по објавувањето на повикот, петицијата ја потпишаа над 2.400 граѓани, што е показател за непопуларноста на оваа мерка што ја донесе минатата влада во јули 2008 година. Кон барањето за укинување на забраната се приклучија и членките на Здружението за трговија при Стопанската комора на Македонија.

gragjanite-i-trgovcite-baraat-ukinuvanje-na-zabranata-za-prodazhba-na-pivo-po-19-chasot-www.kafepauza.mk

Главниот мотив на претходната Влада за воведување на забраната беше намалувањето на консумацијата на алкохол, особено кај младите. Критичарите пак, тврдеа дека со ваква ограничена „прохибиција“ не може да се постигне тоа, туку со засилена контрола на почитувањето на законската забрана за продажба и точење алкохол на лица помлади од 18 години. Главниот аргумент за воведување на забраната беше побиен и со фактот дека и без оваа мерка, Македонија има далеку најниска стапка на консумација на алкохол по глава жител во овој дел од светот. На пример, просечната консумација на пиво во Македонија се движи под 30 литри по жител годишно, додека во Србија таа количина е околу 65 литри, а во Хрватска и Бугарија изнесува над 75 литри. Според овој параметар, ние сме многу далеку од Германија каде годишно се пие по околу 120 литри пиво и рекордерот Чешка каде се консумираат близу 160 литри пиво по жител годишно. Во ниедна од овие земји не постојат мерки кои ја ограничуваат продажбата на пиво.

И покрај ваквите показатели, владата не застана на оваа мерка. Заедно со неа беа воведени исклучително скапи лиценци, со ограничена важност од две години, за трговските објекти кои сакаа и понатаму да продаваат алкохолни пијалаци. Овие лиценци, заедно со забраната за продажба по 19 часот, сериозно го намали мотивот на близу 13.000 мали трговски објекти ширум земјата да продаваат алкохолни пијалаци, поради големото финансиско оптоварување што им беше наметнато.

Познавачите на оваа проблематика се децидни дека девет години по воведувањето на овие рестриктивни мерки во трговијата со алкохолни пијалаци во земјата, наместо да ги направат понедостапни алкохолните пијалаци, особено за младината, направија луѓето да го заменат пивото и виното со евтина ракија со сомнителен квалитет, произведена „на црно“ и достапна по зелените пазари и буквално на улица.

Редно е институциите сериозно да ги преиспитаат погрешните мерки во овој домен и со тоа да придонесат кон ублажување на штетите предизвикани од нив врз домашната индустрија за пијалаци, како и на трговските објекти. Со укинување на рестриктивните мерки ќе се постигне двоен ефект – ќе се намали неконтролираната трговија со алкохол „на црно“ и ќе се намалат евидентните финансиски штети врз индустријата за пијалаци и трговијата, а со тоа и на државниот буџет кој меѓу другото се полни и од акцизите и даноците на овој вид производи.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар