Шолја кафе и празен лист

Шолја кафе и празен лист

Дотури кафе во шолјата и некое време немо се ѕвереше во чадот кој, напуштајќи ја шолјата, правеше најразлични форми. Она што ја иритираше беше тој „празен“ период, како што го викаше. Тогаш кога не треба ќе ти надојдат триста мисли во глава, како врвулица, а тогаш кога ти е потребно да сврзеш неколку збора, немаш ништо, ти се чини главата ти е празна. Тоа некои го викале писателска блокада. Ама тоа важи за писателите.

Шолја кафе и празен лист

Коелјо (кого не секогаш можеше да го „свари“), направил обид да ги опише писателите. Значи, накратко, писателот има обврска никогаш да не биде разбран од сопствената генерација, верува дека е роден во време на плиткост и доколку биде разбран, ја губи својата шанса да биде генијалец. Само писател може да разбере што друг писател се обидува да рече. Кога писателот/поетот се обидува да заведе жена, кажува „јас сум писател“ и набрзинка ќе „скоцка“ една поема на салфетка. Понатака, писателот секогаш носи наочари и ретко кога си ја чешла косата. Половина од времето е бесен на сè и сешто, а во другата половина е депресивен. Секогаш има брилијантни идеи за следниот роман, но го мрази оној кој тукушто го издал.

Ја замисли ова, писателот не е разбран од својата генерација. Малку ја иритираше. Во денешно време постојат многу личности „кои се несфатени“, или барем се декларираат себеси како такви, што не ги прави писатели. Во ерата на т.н. „хејтерство“, многумина изразуваат револт и „плукаат“ по наметнатите норми, тврдејќи дека со своите гледишта се пред својата генерација, што пак, не ги прави генијалци. Се трудиме ли сите ние да бидеме понапред во времето? Има шанса со тоа да постигнуваме сосема спротивен ефект?

Помисли како кога го подучуваше нејзиниот брат за граматичките времиња во англискиот јазик, чкртна една долга линија и рече, „оваа линија ќе ја викаме оската на времето – минато, сегашно, идно“. Гледаше во очињата на малото дете мислејќи, „братко мој, оската на времето во реалноста ни навидум не е така едноставна.“ Идејата на модернистите била дека времето не е линеарно, како што си го претставуваме во мислите. Ако сакате да си го претставите времето, пробајте да нацртате круг во вашите мисли. Да, вие сте тука, сега, но зарем целосно може да го издвоите сегашниот момент од сите останати? Напротив. Времето е круг, бидејќи минатото на некој начин постојано влијае на вас (а што е минато е навистина релевантно, така што неговата поврзаност е неизбежна), а плановите за иднината, дури и оние навидум мали, исто ги правиме сега.

Не можеш да му кажеш стоп на мозокот. Таа досадна машина упорно „меле“ информации и мисли кои навистина не ти се потребни во моментот. И како што си играше со прстите по тастатурата, сфати дека денес од ова мало купче букви поставени пред неа нема да го извлече најдоброто.

Па што, секогаш има утре.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар