Копирањето е мајка на знаењето

Копирањето е мајка на знаењето

Со задоволство сте си го купиле палтото што го меркате веќе подолго време. Сите знаат колку време штедевте за да си го дозволите. Мајка ви, пријателките, партнерот, па дури и птичките надвор беа запознаени со вашата нова модна опсесија. Конечно дојде денот и го купивте! Задоволството што ве исполнуваше додека го облекувавте не може да се опише со зборови. Полни со самодоверба излеговте за да му го покажете новото палто на светот! Има ли поидеален начин за тоа од излегувањето на кафе со најдобрите пријателки?

Копирањето е мајка на знаењето

Стигнавте први, седнувате во кафулето и чекате. Можете да почувствувате како сите погледи се вперени во вас (барем така ви се чини). Пријателките доаѓаат една по една и сите се восхитуваат на вашиот капут. „Еве ја и Сандра“. Од далеку забележувате нешто што ви делува многу познато. Истата должина, боја, материјал… Не е можно! Не можете да им поверувате на очите! Сандра со идентично палто како вашето! Не е можно да е случајност. Сите знаеја дека планирате да го купите!

Познато ви е дека Сандра нема баш свој стил. Отсекогаш ги копирала другите за да се вклопи што е можно повеќе. Сѐ уште нема изградено свое „јас“. Сите го знаете тоа, но не ви се верува дека се осмелила да го стори истото и со вашето палто!

„Еј, си го купи? Истиот е? Леле, па не познав дека е истиот. Ми се допадна и го купив. За многу евтино го најдов од една маалска продавничка.“ Не ви се верува што слушате! Кај се преправа дека не препознала дека е истиот уште и се фали дека го нашла за малку пари откако вие потрошивте цело богатство за него! Не коментирате ништо. И другите пријателки молчат и не сакаат воопшто да се вклучуваат во оваа незгодна ситуација.

Палтото повеќе не ви прави толку мерак како порано. Одбегнувате да го облекувате. Ем не сакате да бидете како близначки со Сандра ем се нервирате секогаш кога ќе се сетите на целата ситуација. Зошто секогаш мора да ве копира? Зар на луѓето не им е непријатно кога копираат некого? Зар не знаат дека тоа се забележува? Зар не сакаат да бидат уникатни и оригинални?

Нормално е тоа што копирањето ве нервира. Сите ги нервира. Не мора да се работи само за копирање моден стил. Може да станува збор и за многу поделикатни работи, како што е копирање нечиј начин на пишување, копирање нечија музика, нечија идеја… Луѓето многу често си ги преземаат идеите што ги виделе некаде, тврдејќи дека тие први се сетиле на нив. А како да докажете дека тоа не е навистина така? Како да докажете дека навистина ним прво не им дошла идејата во глава, само што вие први сте ја реализирале? На крајот на краиштата, зар е важно кој прв се сетил на нешто?

Копирањето е мајка на знаењето

Најважни се видливите, материјални докази за реализацијата на идејата. Дури и да сте се сетиле први за нешто, ако некој веќе го реализирал, дали би требало и вие да го сторите истото или пак да смислите нешто друго? Доколку сакате да ја задржите уникатноста, најверојатно подобро би било да смислите нешто друго. Идеите се бесконечни, а човечката фантазија безгранична. Секогаш можете да дојдете до уште погенијална идеја.

Но, што кога некој ви ја украл идејата или целосно го копира тоа што го правите? Иако нервира, доколку не е незаконски, за жал, не можете да го спречите. Па, како да реагирате? Дали да му се обратите на тој човек и да се расправате? Дали да напишете јавно на социјалните мрежи дека тој некој ве копира? Или пак да не реагирате и да не преземете ништо во врска со тоа?

Најдобро е таквите копирања да ги сфатите како мотивација. Доколку некој ве копира, тоа значи дека некому му се допаѓа тоа што го правите и сака да биде како вас. Тоа треба да ви биде поттик да бидете уште покреативни и поуникатни во иднина. Дали некој почнал да пишува на исти теми како вас и на сличен начин? Нареден пат изненадете со нешто поинакво! Дали некој ја презел вашата идејата и почнал да организира исти настани како вашите? Надградете ги вашите со дополнителни активности! Понудете уште нешто поразлично! Дали вашата пријателка купила исто палто како вашето? Разбудете ја вашата креативност и украсете го палтото со уникатни модни детали.

Никогаш не се откажувајте од вашата оригиналност! Секоја бледа копија нека ви послужи како поттик за понатамошен развој и уште покреативни идеи. Не се нервирајте и сфатете го туѓото копирање како комплимент. Да не правевте ништо како што треба, никој немаше да сака да биде како вас. За жал, не можат сите да бидат толку креативни и уникатни. На некои луѓе им треба да научат како да пишуваат, да работат и да се облекуваат. Секако дека ќе земат пример од најдобриот! Доколку вие сте најдобрите од областа во која „имитаторите“ сакаат да напредуваат, тоа се одлични вести! Продолжете така и понатаму и не престанувајте да изненадувате со нови, генијални идеи!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар