Едно сонце сите нас нè грее

Во последно време размислувам за разликите меѓу нас луѓето. Сите различно скроени, секој од нас со својата приказна, свои грижи и радости. И да, признавам и порано сум размислувала на оваа тема, ама сум велела не вака не онака, сум се премислувала, сум чкртала листови па сум ја одлагала и одлагала, но еве, сега ви велам, ќе зборувам за хомосексуалноста.

Ако мене ми требаше толку време за конечно да седнам, да размислам добро на темава и да ја разработам, тогаш што остана за оној кој треба да собере храброст и да каже дека е поразличен од другите?

Едно сонце сите нас нè грее

Пробувам да се ставам во нивна кожа, во кожата на нивните најблиски, нели да го имам секое можно гледиште, да бидам објективна, да сфатам зошто се крева прашина околу геј парадите и знамињата со виножито… и мислам дека макар во моите мисли си ја составив сложувалката.

Ние луѓето во принцип сме многу „слободоумни“. Прифаќаме, само потајно се молиме такво нешто да не се појави во нашиот дом. Демек нека си постои ама нека е што подалеку од мене. Но не е, кога ќе размислиш подобро светов е огромен, ама истото сонце сите нè грее. Тоа може да биде ваш пријател или пријателка, роднина, сестра или брат, комшија или колешка… Може таа личност, навидум толку блиску до вас, а всушност толку далечна, да се мачи со триста демони во себе за да си го најде мирот, да се бори а да не успева, да се затвора во себе сè повеќе и повеќе…

Настрана од тие што се декларираат како геј за пари, слава, внимание, за инает на општеството оти се „несфатени“, за разни пропаганди… постојат луѓе кои навистина се такви. Што имам јас да речам на тоа? Без цензура, гонете ги сите и бидете си свои! Да, најискрено го мислам ова. Луѓе кои ќе ве гледаат надмено, кои ќе ве озборуваат, критикуваат или потценуваат, секогаш ќе има, та сте биле вие стрејт та сте биле геј, сеедно. На нашава нација омилено хоби ѝ е плукање и критикување, сè со цел за да си гледаме што подалеку од сопствените дворови.

Најчесто поставуваното прашање – ако ги поддржуваш толку, ај да те видам што ќе правиш ако во иднина син ти ти рече мамо јас сум геј? Биди ми среќен, тоа мене ми е најважно. Зошто би му наметнала да живее живот без среќа, без исполнетост? Да биде приморан да дели кревет со жена ако не чувствува љубов? Само за да го задоволам општеството? Луѓето кои посекако не им е вистински грижа за тебе? Не! Секој да си ја затвори устата, да си ги гледа своите грижи, да ги остави луѓето да си бидат тоа што сакаат. И да, по можност ќе му речам бегај од Балканов.

И моето мислење на темава било поделено, но не повеќе откако прочитав вистинска приказна за еден хомосексуалец кој како тинејџер во повеќе наврати пробал да се убие поради тоа што бил различен. Немам веќе поделено мислење откако имав и јас блиско искуство со таков човек. Не, сега ми е јасно. Пуштете ги луѓето да си живеат. Од каде ви е вам правото да им наметнувате огорченост и срам, сте се погледнале во огледало?

Кај нашите северни соседи на тие геј паради се јаде ќотек. Мислам, од цел Балкан тие се баш во центарот, баш Балканци. И баш ме интересира, за оние што пишуваат крајно хејтерски и крајно безобразни коментари на интернет од типот „пед*р еден да ти не-знам-таму-што“, ако ти му го направиш тоа нему, тогаш тоа што те прави тебе? Иронијата на простата раја. Ќе исплукаш, навредиш, повредиш физички и психички за ти да се чувствуваш поголем маж? Извини, ама во тој случај ти не си воопшто „маж“… па што и веќе да значи овој поим во новиов век, веќе не следам дефиниции.

Да се осудуваат педофилите, оние кои си ги задоволуваат своите сексуални нагони со животни и што ли уште не, во ред, разбирам, а и психологијата не е мое поле за да навлегувам таму. Но зошто толкава прашина околу хомосексуалноста? Јас разбирам дека сме си Балканци, дека бракот е единство на двајца од различен пол, дека природата налага тоа и тоа… Но колку луѓето околу вас навистина се нормални? Всушност здравиот разум во денешно време е стварно дискутабилна тема.

Постојат луѓе кои навидум се во ред, седат со вас и пијат кафе и си муабетите. Тие може да се убијци, силувачи, луѓе со настрани сексуални нагони… Ама тој што јавно се декларира себеси како геј е предмет на исмејување. Пред неколку години чув за многу гаден случај. Женет човек со деца заведувал малечки момчиња, другарчиња на син му. Ете пак ми се превртува во стомакот, и пак нè води до прашањето кој колку е „нормален“? Јас гарантирам дека ако двајца хомосексуалци посвојат детенце ќе нема позгрижено и посакано суштество од него.

Ќе речете чекај стоп, ќе му се смејат на училиште, ќе му речат ти имаш двајца татковци или две мајки. Да, ама ќе му се смејат и ако е слабо, кревко, или пак многу крупно, клемпаво, ќелаво… Просто луѓето се такви. На многумина им се смееле па истите тие исмејувани по 10 години им ги затвориле муцките.

Бидете тоа што сте, бидете тоа што сакате, живејте како сакате, сè додека не повредувате никого и не им мислите лошо на луѓето. Тоа е ваш сопствен избор и одете гордо. Прекрасни сте и покажете што сте и што умеете. Има за секој сродна душа, некој кој одвај чека да биде пронајден од вас. Ако општеството ве исмева, вие бидете мотивирани да се борите уште посилно, уште појако, да се трудите и да покажете кои сте. Сите ние имаме мани и баш како што пишува и во Библијата, нека фрли камен оној кој е без грев.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.