Книга: „Копилето од Истанбул“ – Елиф Шафак

Роман кој магично ќе ве одведе во други светови, а кога ќе се вратите назад, реалноста веќе никогаш повеќе нема да биде иста


„Убедливо мнозинство од луѓето воопшто не мислат, а тие што мислат никогаш не стануваат убедливо мнозинство. Реши се на која страна си.“

1-kniga-kopileto-od-istanbul-elif-shafak-kafepauza.mkКога ќе сретнете книга со ваков наслов, помислувате дека станува збор за љубовна приказна каде централна улога има маж кого исфрустрираната девојка со скршено срце му го посветува епитетот копиле. Но, не, далеку сте од вистината. Откако ја прочитав „Чест“, знаев дека мора да дојдам до друг роман од Елиф Шафак и искрено, воопшто не бев разочарана. Моите очекувања не само што се исполнија, туку и пријатно бев изненадена. Слично како книгата која беше предмет на мојата претходна рецензија, „Копилето од Истанбул“ е мајсторско исткаено дело со доза на мистицизам и откако еднаш ќе го земете во раце и ќе ги прелистате неговите страници, никогаш повеќе нема да бидете истата личност.

Овој роман ја издигнал Шафак на врвот на турската книжевност, повторно земајќи ги судирот на традиции, разликите меѓу истокот и западот, половата нееднаквост, љубовта и верата како централни теми. Но, овој пат како подарок за читателите Шафак додава доза мистичност одведувајќи нè назад во далечната 1915 и тој исконски нагон да се дознае судбината која си поиграла со двете семејства.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Асја е централниот лик во романов. Деветнаесетгодишна девојка која слободното време го минува слушајќи го Џони Кеш и дружејќи се со постари и ексцентрични пријатели во едно локално кафуле, одбегнувајќи ги домашните традиции кои ја заморуваат, исто колку и задачите кои ѝ ги даваат нејзините тетки како одењето на балет. Асја сака да биде ексцентрична и да привлекува внимание со своето бунтовно однесување – карактерна особина која ја наследила од нејзината мајка. Асја живее заедно со другите жени од фамилијата Казанџи, каде мажите како да се проколнати со краток животен век. Под ист покрив живеат Залиха, најмалата и најбунтовна сестра која има свој салон за тетовирање и е мајката на Асја, на која Асја ѝ се обраќа со „тетко“. Бану е самопрогласената гатачка и пророчица, со стил на живеење сосем спротивен од оној на најмалата сестра. Џеврие е вдовица и работи како наставничка по историја, секогаш прибрана и смирена, додека Фериде е вистински хипохондрик опседната со секакви катастрофи кои можат да му се случат на човештвото.

Од другата страна преку океанот живее младата Армануш, Ерменка по татко. Нејзините родители се разведени и нејзината мајка е во брак со Мустафа, единствениот син од фамилијата Казанџи. Армануш тајно ќе го посети Истанбул престојувајќи во куќата на фамилијата Казанџи, барајќи го сопствениот идентитет, таа суштинска нишка која ги поврзува минатото и сегашноста, како и барајќи одговор за ужасните неправди нанесени на ерменскиот народ. Но, Асја, од друга страна, посакува да нема минато, па дури и да побегне од сегашноста и од страшната вистина дека таа никогаш не го запознала својот татко и живее во одрекување и неприфаќање на вистината.

Сепак, девојките се многу поповрзани отколку што мислат на почетокот. Така оваа живописна и храбра приказна носи корени од далечната 1915 кога историјата на двете фамилии драматично се поврзува.

2-kniga-kopileto-od-istanbul-elif-shafak-kafepauza.mk

Романот започнува со мајката на Асја која оди во клиника со намера да абортира, што не ни дава никакви знаци колку моќен роман следува во наредните страници, за на крај да нè доведе до магично расветлување на вистината, носејќи нè до фаталните последни страници. Книгата ќе ја затворите со голема грутка во грлото, како кнедла што не може да ја проголтате. Еден скапоцен камен оставен како наследство, горчливо чувана тајна и болна вистина… овој роман ќе ве одведе во магични светови. Топло го препорачувам.

„Пред огледалото, помеѓу џинот и господарката, има сребрен сад со света вода од Мека. Во сребрениот сад има сребреникава вода, а во водата приказна, и таа сребреникава.“

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 20 август 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. valentina cvetkoska Reply

    #СакамКнигаОдТРИ

  2. Biljana Daskalova Reply

    #СакамКнигаОдТРИ

Остави коментар