Книга: „Електрошок“ – Лоран Гарние

Патување низ историјата на хаус музиката – вистинско пишано, визуелно и музичко задоволство.
1-kniga-elektroshok-loran-garnie-kafepauza.mkНаша оценка: 10/10
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (1 гласа, просек: 10.00 од 10)
Loading...

Ако бараат да го опишам во неколку збора овој феноменален приказ на историјата на хаус музиката, мислам дека би ја употребила токму претходната реченица. Да се пропатува назад низ годините, да се биде дел од едно друго време преку звуците избрани токму од Лоран Гарние надополнети со совршено избрани зборови на новинарското перо на Давид Брен-Ламбер, комплетирани со графика за дополнително визуелно уживање е искуство кое и вистинските лаици за електронска музика, меѓу кои и јас, не би смееле да го пропуштат. За оние кои живеат за електронска музика, верувам дека книгава е нивна Библија.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Од Манчестер – каде што очигледно е изворот на квалитетните звуци до Париз – метрополата на сè што е важно во светот, од Hacienda каде Лоран прв пат ја слушнал токму таа важна трака до Rex и ноќта на вистински делириум кога Французите се претопуваат со новиот звук во градот… Лоран нè води на бескрајна журка а кулминацијата е всушност од почеток до крај, без намалување на интензитетот но со совршен ритам. Дел од главите имаат и плејлиста за целосно доживување (или за такви залутани читатели како мене кои секое второ име мора да го гуглаат). Доживувањето на клубовите и атмосферата, запознавање на публиката и „фаците“ кои редовно се среќаваат на журките, описите на уникатната енергија која ја создава диџејот ќе ви ја разгорат желбата за забава.

Станува збор за автобиографија која го опфаќа зачетокот на хаус музиката во 1987 година во Манчестер каде што прв пат настапува Лоран, до доживувањето на Summer of love кога преминува во андерграунд сцената и добива своја публика па до популаризирањето и преминот во мејнстрим и последиците поврзани со квалитет кои доаѓаат со тоа (никогаш не мислев дека ќе употребам толку фенси зборови во една реченица, во рецензија). Иако целата автобиографија е во прво лице, логично, делови од книгата се всушност и раскажувања на негови пријатели диџеи кои му се обраќаат на читателот и го зголемуваат доживувањето.

2-kniga-elektroshok-loran-garnie-kafepauza.mk

„Играчите замрзнаа на подиумот за играње, со дигнати раце, со спуштени глави, со големи блажени насмевки што им ги исполнуваа лицата. Возвишен миг. Браздата на плочата стигна до својот крај и потпукна, а потоа ѝ го отстапи местото на тишината. Играчите не мрдаа, како на почетокот на некоја голема емоција, како да се плашеа да ја растурат магијата.“

Веќе се замислувате на подиум, нели?

Всушност, случувањата во оваа музичка енциклопедија не се воопшто далечна историја, но верувам дека со она што се нуди на музичката сцена во светот денес и она што се нуди од ноќниот живот кај нас, веројатно ќе почувствувате илјадници светлосни години разлика. Постојано ќе ве следи чувство дека некој ви дал можност да ѕирнете и да доживеете за кратко свет кој одамна е изгубен, енергија која долго време нема да се повтори, револуција која го изменила текот на историјата.

Лоран раскажува едноставно но возбудливо, ќе уживате во неговите приказни од детството за првата дискотека во неговата детска соба и ќе играте во ритамот на музиката на подиумот на францускиот клуб Palace со скинхедси и шминкери на едно место. Дополнително, реално го прикажува и проблемот со дрогата која е неизбежна на ваков тип журки и особено ќе ви се допадне неговото размислување за нејзиното уништувачко дејство, не само кон луѓето туку и кон самиот правец, стилот на живот и сè она што електронската музика е. Драго ми е што излегов од комфор зоната и овој пат одбрав друг жанр, особено нешто што е сосема различно од моето секојдневие а верувам и вашето. Читајте и журкајте се!

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 22 октомври 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар