Запознајте ја Спасија Филипова, македонска уметница чии реалистични портрети ќе ве остават без здив

Запознајте ја Спасија Филипова, македонска уметница чии реалистични портрети ќе ве остават без здив

Спасија Филипова е родена во јули 1991 година во Кавадарци. Таа завршила основно и средно образование во родниот град, а потоа се преселила во Скопје каде што дипломирала на департманот за Маркетинг и менаџмент при Европскиот факултет. Подоцна се здобила и со две мастер дипломи – едната во областа на Е-бизнисот, а другата во секторот на Банкарството и финансиите.

Иако таа нема никакво формално образование, сепак нејзините уметнички дела се едноставно неверојатни. Во нејзината работа доминираат реалистичните портрети, но тоа што најмногу се издвојува се токму очите на ликовите што таа ги црта. Како да можете да видите душа во нив, нечии емоции, амбиции и сеќавања. Сакате да дознаете нешто повеќе за оваа талентирана македонска уметница? Прочитајте го нашето интервју со неа во продолжение…

Како би се опишала себеси во само неколку реченици?

Па неколку реченици не би ме опишале, затоа што сум многу комплицирана личност која сака сè што е динамично и ново. Преокупирана сум со естетика и организираност, сакам дружење со пријателите и едноставно не ми стигнуваат 24 часа во денот.

Кога прв пат го забележа својот талент за цртање и дали чуваш нешто од твоите први цртежи?

Од малечка цртам и обожавам сè што е креативна работа, омилен предмет ми бил ликовно и сите кои ме познаваат го знаат тоа. Можеби мајка ми чува нешто од моите цртежи кои ги цртав како мала. Едноставно повеќе почнав да го изразувам сликањето кога најдов повеќе слободно време релаксирајќи се секој ден надвор од работните обврски.

Кои артисти имаат најголемо влијание на твојата работа?

Омилен сликар ми е австрискиот уметник и светски познат артист Густав Климт кој мислам дека е најуникатен со својот стил на изразување. За мене претставува голема мотивација за изразување на својот талент врз платното.

Повеќето од твоите цртежи се реалистични портрети. Зошто токму овој правец го имаш одбрано?

Јас не сум универзитетски уметник и немам теоретски знаења за уметноста и техниките, па затоа секогаш сум се водела од својата емотивна состојба. Сликам со помош на своите емоции кои ги изразувам најчесто преку реалистични портрети. А зошто портрети? Затоа што, некако најмногу можам преку очите на одреден лик/модел да го изразам чувството кое длабоко од себе сакам да го пренесам на платно и да го оживеам.

Од каде црпиш инспирација?

Инспирацијата сама по себе доаѓа кога најчесто во вечерните часови со добра музика и кафе наоѓам мир покрај платната и боите. Единствена терапија покрај теретана ми е сликањето, кое надвор од работните обврски во Кодвел каде што работам како маркетер, ме полни со енергија.

Каква порака сакаш да пренесеш преку своите уметнички дела? Дали луѓето ја разбираат твојата уметност?

Преку своите дела ја изразувам искреноста, а тоа мислам дека на секој му се допаѓа. По природа сум затворена личност кога станува збор за моите чувства. Со помош на сликите сите мои моментални или навратени чувства на некои спомени остануваат засекогаш. На некој начин портретите самите по себе ги пренесуваат тие чувства кон оние кои сакаат да ги анализираат.

Можеш ли да издвоиш еден момент од твојата уметничка кариера што никогаш нема да го заборавиш?

Можам слободно да кажам дека мојата уметничка кариера само што почнува, и се надевам ќе имам сè повеќе свои дела и изложби во иднина. Момент кој секогаш ќе го памтам и кој е една од причините да почнам сè повеќе да верувам во себе и да продолжам да сликам, е тоа што првата слика која ја насликав на платно и ја споделив на социјалните мрежи, еден мој сега драг пријател, во рок од 5 минути побара да ја купи.

Како е да се биде уметница во Македонија? Дали е тешко да се успее и дали може да се живее од таа работа? Исто така, каде можат да се купат твоите дела?

Да се биде уметница без претходно искуство и помош е многу тешко за да се успее, без разлика дали е Македонија или друго место во прашање. Но, јас мислам дека го скршив мразот, па за понатаму се надевам на позитивни резултати од мојата работа. Отворањето на мојата прва изложба на 3-ти мај помина одлично, и ќе трае сè до 13-ти во Галеријата Акантус во Скопје, па сега засега моите дела можат да се погледнат, но и да се купат таму. Наскоро ќе биде пуштен и веб-сајтот www.angelart.studio каде што ќе може да се погледнат и купат сите други мои постари и нови слики.

Уживавме во твојата прва изложба. Колку време ти беше потребно да се подготвиш и дали си задоволна од резултатот?

Изложбата под името „Сè што остана се само спомени” ја спремав околу 7 месеци и секојдневно напорно работев на тоа. Сега засега сум задоволна од посетеноста и заинтересираноста за моите слики, со што крајниот резултат ќе го видиме по завршувањето на изложбата на 13-ти мај.

Што планираш следно на полето на уметноста?

Па, кога првата изложба ќе заврши во Скопје, најмногу би сакала да успее и планот и подготовките за излегувањето надвор од Македонија, односно, следната дестинација за изложување на моите дела е Њујорк, Америка, каде што се надевам дека мојата кариера во уметноста би резултирала со едно огромно искуство и усовршување во она што уживам да го правам.

Погледнете ги и овие забавни фото-манипулации, изработени од страна на талентиран македонски фотограф!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар