Разговор со фотографот Лазар Мишев: Инстинктите секогаш водат до совршена фотографија

Разговор со фотографот Лазар Мишев: Инстинктите секогаш водат до совршена фотографија

Лазар Мишев почнал да „фотографира“ неверојатни сцени уште пред да го добие својот прв фотоапарат. Тој едноставно ги користел своите раце и ги овековечувал овие моменти во неговиот ум. Години подоцна, воден од својата страст за фотографијата, тој ја купил потребната опрема и почнал да создава неверојатна уметност. Прочитајте го нашиот разговор во продолжение и уживајте во неговите фотографии.

1. Што те поттикна да почнеш да се занимаваш со фотографија и дали имаш формално образование и ментор или пак, тоа е нешто што самиот го научи?

Да бидам искрен, љубител сум на фотографијата уште од раното детство. Како што ми кажуваат моите родители, мојот прв „фотоапарат“ биле четирите прсти кои сум ги поставувал во форма на правоаголник и на тој начин сум влегувал во светот на уметноста. Малку подоцна добив „подобар“ модел на камера, односно мобилен телефон со кој ги одбележав моите почетоци. Како што поминуваа етапите од мојот живот, кога потпораснав, моите први заработени пари решив да ги вложам во вистински фотоапарат. Со првиот взаемен контакт сфатив дека имаме одлична интеракција.

Сум немал формално образование, затоа што отсекогаш сум сакал сам да ги проучувам, односно да ги истражувам нештата. Но, со оглед на тоа дека сакам и да ги слушнам и да ги впијам советите од искусните фотографи, можно е во иднина да преземам сериозен чекор во тој поглед и да се усовршам и на професионално ниво.

2. Во твоите фотографии на Инстаграм доминираат градски и природни пејзажи. Што те привлекува кон овој вид фотографија?

Природата како најголем уметник ми е најмоќната инспирација. Мешовитите бои, разиграните композиции и една магија која ве привлекува да ја препознаете убавината на животот. Тука би ја додал и бескрајната имагинација на луѓето во создавањето врвни уметнички достигнувања. Со моите фотографии сакам да им ја доловам на луѓето волшебната слика што ја гледам, така што би ѝ оддал почит прво на природата, а потоа и на оние кои придонеле да се чувствуваме исполнето со секој наш поглед и здив.

3. Како се подготвуваш за фотографирање и како знаеш дека си го „фатил“ токму тоа што си го планирал? И дали некогаш ти се случило да имаш една замисла, но да не можеш да ја оствариш и крајниот резултат да излегол нешто сосема друго, можеби дури и подобро од тоа што си го планирал?

Немам некој посебен рецепт во однос на подготовка. Сакам секој миг да го живеам исполнето, без да ги пропуштам белезите. Уживам да ги анализирам нештата и секогаш ме понесува некое чувство кое ги контролира моите раце да посегнат по апаратот. Секако, потоа следи преглед на сите мои фотографии, првична селекција, па понатамошна обработка на останатите. Со крајниот резултат ги имам и првите импресии. Се случува и само благо да се насмевнам и да го отфрлам тоа што сум го изработил, но сè повеќе позитивно се изненадувам од моќта на следењето на инстинктите.

4. Кога ги гледаме твоите фотографии, маѓепсани сме од палетата бои што ја користиш. Која е тајната за правење добра фотографија со пејзаж? Исто така, дали следиш некои правила за фотографирање и дали постои некоја скриена филозофија што ги спојува сите твои дела во едно?

Како една од моите тајни, би ја спомнал поврзаноста со природата и препуштањето на бескрајната интелигенција. Всушност во ниту една уметност не постојат универзални правила и сè повеќе сакам да ја барам уникатноста. Водејќи се по мотото на мојот живот, постојано да ја одржувам комуникацијата со природата, можам да им го дадам тоа заедничко име на сите мои фотографии. Секако од голема помош ми се и Фотошоп и Лајтрум.

5. Имаш ли омилена локација за фотографирање (и зошто?) или пак, омилена годишна сезона во која сметаш дека создаваш најдобри фотографии?

Секое место како и годишно време си носи своја убавина, но треба да се препознае. Најголема инспирација црпам во пролет и во есен. Тежнеам по природните убавини и архитектурата. Сметам дека тие ја кријат најголемата филозофија на животот.

6. И за крај, како фотограф на пејзажи, дали можеш да ни кажеш што според тебе е разликата помеѓу фотограф и сликар?

Уметноста е заедничка за сите нас, независно дали сме директно или индиректно вклучени. Разликата помеѓу фотографот и сликарот ја гледам во тоа што сликарот целокупниот концепт го прави во својата глава, додека фотографот има помош при создавањето на концептот, односно веќе го гледа пред себе тоа што сака да го овековечи.

Прочитајте го и нашето интервју со Петар: Апаратот е алатка, а фотографијата е визуелно глаголење на погледите, знаењата и мислите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар