Од 1 до 101

Од 1 до 101

Автор: Високо Ц

Веќе подолго време се прашувам, која е поентата на правење листи и „To Do“ списоци? Некаде прочитав дека повеќе од половината американски граѓани не можат да функционираат без нив.

Разбирам ако, поради некој психолошки фактор, сте добиле задача да составите список на желби и соништа кои сакате да ви се исполнат, кои подоцна некој академик, фројдовски ќе се обиде да го спореди со вашите спомени, што пак ќе му овозможи да ги пронајде вашите стравови и така да ви помогне (доколку воопшто имате проблем). Ама да составите листа и потоа да се „убиете“ од правење сѐ што е во ваша моќ да го исполните зацртаното…

(1) Од 1 до 101

Ок ајде, можеби и има смисла. Моќта на потсвеста. Зборував за тоа. Ама сепак.

  • „…8. До наполнети 10 години мора да имам велосипед…
  • …13. До наполнети 16 години мора да имам девојка/дечко…
  • …22. До наполнети 25 години мора да имам скокано со падобран…
  • …35. До наполнети 30 години мора да имам 2 деца (по можност момче и девојче)…“

Што е многу, многу е!

Што ако до наполнети 10 добиете и велосипед и тротинет? Ќе го фрлите едниот? А што ако до 25 години станете пилот? Што ако додека наполните 30, добиете 3-4 дечиња или не добиете ниту едно? Што ако наместо адвокат, станете судија? Што ако наместо актер, станете режисер или писател?

Се прашувам што би имало во листата на еден Французин на пример.
.

„..16. Утре мора да изедам два кроасани и да испијам една чаша вино…“

А кај Италијанец?
.

„…1. До недела мора да „запознам“ (чекај да видам: три на ден, седум дена во неделата = …) 21 девојка/жена…“

Кај Русин…
.

„…од 1 до 101. Вотка!?…“

Кај Јапонец…
.

„…од 1 до 1001. Работа, роботи, работа, роботи…“

Знаете дека се зезам нели? Не сакам никого да навредам. Ниту да осудам. Немам право на тоа. Секој на свој начин го живее животот.

Но, нели сето тоа е малку заморно? Нели е малку напорно? Нели одзема време? Scrapbook со вашите свадбени желби, однапред испланирано време за кога ќе отидете во пензија, кога ќе одите во пензија…

Зошто ги броите деновите? Зошто беспотребно губите време кога токму тоа време можете да го искористите за исполнување на вашите желби? Зошто да чекате?

Carpe diem my friends!!!

Не правете планови до 101 и назад. Направете план од денес за вечер или најдоцна за утре. Не треба да се плашите да нишаните високо, ниту треба да ве плаши старата „Кој високо лета, ниско паѓа.“ Битно е после тоа да станете, да го истресете коленото, да ги измиете дланките и да почнете одново.  И одново и одново, ако треба. Сѐ додека не одлучите дали ќе се борите за да победите, или ќе се откажете. Ама одлуката треба да биде ваша.

Затоа мои драги, одлучете да не одлучувате предвреме. Тоа е веројатно еден од начините да не се разочарате. Не велам да не сонувате, не велам да не се надевате. Велам, не се ограничувајте.

Ако нешто ве прави среќни, уживајте. Ако нешто ви пречи, сменете го.

На мојата „To Do“ листа, следно е кафе со ореви и добар филм за релаксација.

Утре… утре е сосема нов ден. И ново изненадување!

Едно е сигурно. Ќе изобилува со љубов!

Високо Ц