Би сакале ли да појадувате заедно со жирафи?
Овој луксузен хотел дефинитивно не е она што го очекувате за вашиот одмор. Лоциран во Кенија, на околу 19 километри од главниот град Најроби, „Giraffe Manor“ е распослан на 48. 562 метри квадратни приватно земјиште и 566.559 метри квадратни бујни шуми кои се дом на група Ротшилдови жирафи.
Изграден во 1932 година, овој несекојдневен хотел е комбинација од традиционалното и модерното. На гостите им се нуди можноста да се дружат со жирафите во кој било дел од денот. Според веб-сајтот на хотелот, „Giraffe Manor“ ви нуди неспоредливо искуство со жирафите, кои се борат за малку внимание од гостите. Така, во овој хотел е сосема нормално некоја жирафа да влезе со горниот дел од телото низ вашиот прозорец додека појадувате и да касне заедно со вас, да ве пречека кај вратата, па дури и да ве отпоздрави низ прозорецот од вашата спална соба.
Во центарот за жирафи има и разни други животни како што се брадести свињи, хиени, антилопи, а понекогаш и леопарди. Исто така, во околината на ова место има и 180 видови птици.
На ова место можете да правите многу интересни работи: да си играте со животните, да талкате низ убавата природа, а можете да го посетите и главниот град на Кенија, Најроби.







Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
