Зошто повеќе лажеме преку СМС пораки?
Кога сакате некого да излажете нешто, тоа најчесто се прави преку СМС порака. Ова е резултатот кој го добиле истражувачите од Универзитетот на Британска Колумбија и „Common Sense Media“. Истражувањето било спроведено врз средношколци и студенти од САД и покажало дека тие најмалку веруваат во информациите кои ги добиваат преку СМС пораките.
Дури 95% од испитаниците одговориле дека повеќе веруваат во видео чет отколку во СМС порака. Голем дел, односно 31% веруваат дека пријателите попрво би ги излажале преку порака отколку во комуникација лице в лице.
Причината поради која не веруваме во СМС пораките се состои во тоа што во таквата комуникација нема контакт со очи, не е видлив говорот односно движењата на телото и лицето, ниту пак се слуша гласот на говорникот, па не може преку него да се откријат неговите чувства. Исто така, содржината на текстуалната порака може да се испланира однапред и добро да се размисли пред да се одговори на нешто, со што се зголемуваат шансите да се изврти вистината.
Резултатите од ова истражување покажале и дека повеќе од третина од испитаниците барем еднаш го користеле мобилниот телефон за да препишуваат на тест или на испит.
Најголем процент, односно 26% од оние ученици и студенти кои препишувале со мобилен телефон запишувале важни информации во него, па потоа на тестот или испитот препишувале од нив, додека 17% го сликале тестот за потоа да ги имаат прашањата за поправниот. Исто така, 20% успеале да ги пребараат точните одговори на интернет. Најинтересно од сè е тоа што дури 25% од оние кои мамеле на тест и испит благодарение на својот мобилен телефон, сметаат дека преку тоа не погрешиле ништо и дека тоа е исправно.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
