Апсурдот на модерното време: Кругот е коцка
Целиот живот го минуваме барајќи се себеси, барајќи ги нашите цели, нашата смисла на постоење. Верниците се тешат дека постои задгробен живот, оптимистите веруваат во реинкарнација, песимистите во уште поголема болка и страдање. Постојат различни верувања, но целта е иста: Се тешиме дека постои нешто по овој живот на Земјата, се тешиме дека ќе оставиме трага, дека не сме живееле залудно. Но, што ако сето тоа е една голема заблуда? Што ако по смртта сите нѐ чека едно големо ништо? Дали кога би знаеле дека сѐ што правиме во животот е бесмислено и безначајно, би имале волја да живееме?

Егзистенцијалистите тврдат дека ние сме „фрлени“ во светот против наша волја. Принудени да живееме без никаква смисла. Сите наши дела се безначајни бидејќи и онака евентуално сите нѐ чека ист крај. Мерсо од „Странецот“ на почетокот од романот ги дели овие мисли и тој не живее. Тој живурка. Го прави она што ќе му го наложат другите. Рамнодушен е и бесчувствителен. Не го допира дури ни смртта на сопствената мајка. Остава другите да одлучуваат за него, бидејќи нему му е апсолутно сеедно. Барем сѐ додека не дојде моментот кога вистински треба да се соочи со смртта. Тогаш сфаќа дека и покрај тоа што смртта е неизбежна, неговите дела имаат значење на овој свет и можат да внесат промена.

Еве да речеме дека нашето постоење има смисла, не во однос на тоа дека нѐ чека некаков си задгробен живот според нашите заслуги на земскиот, туку дека сепак можеме да оставиме некаква трага. Луѓето по нашата смрт ќе зборуваат за нас, ќе се сеќаваат, барем одредени генерации. Ако сме направиле нешто позначајно можеби ќе станеме и бесмртни и ќе нѐ учат и читаат по учебници, којзнае?! Но, ние нема да знаеме ништо за тоа. Нема да бидеме свесни за нашиот посмртен успех, за нашето влијание на идните поколенија, тоа апсолутно нема ништо да ни значи. Вреди ли да се живее за тоа?
Луѓето честопати велат дека животот е круг. Луѓето верувале во карма уште пред да стане зборот „карма“ модерен. Доказ за тоа е поговорката „Што си сеел, тоа ќе жнееш“ или „Што си дробел, тоа ќе сркаш“. Со други зборови, секое зло ќе ти се враќа со лошо и секое добро ќе ти се враќа со добро. Секој со својата заслуга. „Кругот се врти“, велат. Почнуваш да живееш од одредена точка и понатаму продолжуваш да се вртиш во тој маѓепсан круг, сѐ додека не се вратиш таму од каде што си тргнал. Но, дали животот е навистина толку едноставен?

Можеби е, но човечки е да се комплицираат работите. Кругот не се врти секогаш во вистинската насока. Некогаш ротира во спротивната, а некогаш толку се разобличува што престанува да личи на круг! Прекрасно би било кога во животот навистина би функционирало тоа „секој со својата заслуга“, но за жал работите не се толку едноставни. Не само што не се едноставни, туку се и апсурдни!
Ако погледнете повнимателно, апсурдот е насекаде! Да тргнеме од најпопуларната тема на светот: Љубовта. Млад дечко, речиси 30-годишен, никако да пронајде среќа во љубовта. Не е до него! Тој е најпрекрасниот дечко што постои на планетава! Највнимателниот, најпаметниот, најуспешниот, со најблескавата насмевка! Но, што се случува? Паметните и убавите девојки кои нему му се допаѓаат мислат дека е предобар за да биде вистинит и не му веруваат. Скептицизмот е страшна работа! Секој збор што ќе го изусти го сметаат за лага.

Но, и тие не се виновни. Еднаш биле повредени од некој кој изгледал исто така како него, а нели сите ни велат дека треба да учиме од грешките и искуствата. Епа, поучени од искуството тие не му веруваат на ова прекрасно момче. Евентуално, ова прекрасно момче завршува со некоја која воопшто не е на негово интелектуално и духовно ниво, а паметните девојки со некој ограничен конформист, само затоа што не можеле да поверуваат дека незамисливите нешта навистина се случуваат. Зар не е тоа апсурдно?!
Одиме понатаму! Паметна девојка, штотуку завршила факултет со просек 9,8. Покрај тоа што е паметна, таа е вредна, културна, способна, со неверојатни комуникациски вештини и амбиции. Но, нешто ѝ недостасува. Можете да погодите што? Апсурдно, но нејзе ѝ недостасува недостаток на морални вредности! Таа не сака да добие работа благодарение на мама и тато или преку врските што ги потегнал некој далечен роднина кој никогаш го нема видено во животот. Таа не сака да успее благодарение на нејзиното длабоко деколте, долги нозе и добар задник. Таа сака да успее благодарение на нејзиниот ум, способности и вештини.

Ама што ќе прави тогаш девојката која ги напрчила градите и усните? Што ќе прави девојката која нема ни грам памет, но затоа нема ни грам морални вредности? Ќе научи, како што ќе прави! Ќе се помачи, ама до некаде ќе научи да работи. Најважно е да е претставителна! Клиентите да имаат што да видат! Затоа, паметната девојка закопчана до гуша ќе си остане дома и ќе чува деца со амбициите закопани во подрум, а онаа „претставителната“ ќе го прошета целиот свет и ќе ужива во нејзиниот успех и недостаток на морални вредности. Апсурдно!
Што е со пријателството? Деликатна тема. Многу значајна. Најзначајна. Сите знаеме дека пријателството се гради врз основа на доверба. И сите знаеме дека кога таа доверба еднаш ќе се скрши, парчињата можат да се залепат, но секогаш ќе остане пукнатина. Затоа пријателството е неверојатно нежно, ранливо и треба да се негува со особено внимание. Да си замислиме две најдобри пријателки. Пријателки од детство. Најблиски. Секогаш биле тука една за друга. Си помагале, си ги кажувале своите најскриени тајни. Нормално, дека имало периоди кога малку се оддалечувале, но и покрај далечината меѓу нив, тие секогаш останувале блиски. Немало потреба да се гледаат или слушаат секој ден за да останат најдобри пријателки. Секогаш си ги препознавале чувствата и мислите, без оглед на сѐ. И тогаш некој или нешто застанува помеѓу нив. Успева да направи мала пукнатина.

Без разлика дали се работи за тоа што едната од нив се омажила, заминала засекогаш, дошла трета личност која успеала да предизвика раздор или нивните семејства замешале прсти за лични интереси… Не е важно, нешто се случило. Ќе си речете „Па, ако пријателството навистина било толку цврсто, немало да успее ништо да ги раздели“. Не, тие не се разделени. Само постои мала пукнатина, не по нивна вина. И работите помеѓу нив никогаш повеќе не се исти. Што од незгодно, што од непотребна грижа на совест, што од прикриената нерационална замерка… Животни околности, тоа е, се случува. Но, сепак апсурдно е тоа што две сосема невини и чисти личности стануваат жртви на туѓи интереси. А најголемата жртва во целата ситуација е токму тоа неуништливо пријателство кое сега го краси една апсурдна пукнатина.
Апсурдните примери на човештвото не завршуваат тука: Лажговци и крвопијци стануваат лидери, хуманисти и врвни таленти завршуваат на улица, спонзоруши и проституки – идоли на новите генерации, паметни и слободоумни жени – заробени во канџите на патријархатот, чесните и трудољубиви луѓе се на дното, а ништожните злобници секојдневно достигнуваат нови врвови. Каде е тука правдата?
Животот не е фер. Животот е апсурден. Животот можеби е круг, но кругот е коцка. Секој ден е неизвесен. Коцката има 6 квадратни страни и 11 можни начини на расклопување. Не знаеме на која страна ќе завршиме. Можеби ќе се вратиме таму од каде што сме почнале, можеби ќе завршиме на спротивната страна, на соседниот квадрат, можеби ќе се најдеме надвор од коцката, којзнае?!

Што и да ве очекува во животот, без разлика дали е лошо или добро, зар не ве интересира што се случува спроти точката во која што се наоѓате моментално? Зар не сакате да дознаете во што ќе се претворите додека стигнете до таму? Зар не ве интересира како можете да ја измените формата на кругот кој станал коцка и да го трансформирате во пирамида, на пример? Можностите се неограничени! Само слободниот ум може да ве одведе таму каде што ќе посакате. Сѐ во животот е минливо, но човечката љубопитност е постојана. Потрагата по нови сознанија е бесконечна. Не ви треба смисла на вашето постоење, ако ја негувате вашата љубопитност. Никогаш не престанувајте да трагате по одговорите, колку и да ви се чини тоа бесмислено. Никогаш нема да ја изгубите смислата, ако посакате да ја истражите секоја точка од коцката. Само треба да го прифатите апсурдот на човечкото постоење и на модерното време. Само треба да посакате. Само треба да си кажете „Јбг живот“ и да продолжите понатаму.
