Зошто децата во Финска се попаметни од оние во Македонија?
Слично како и Македонија, и Финска е земја со лоша географска положба и недостаток на природни ресурси кои не овозможуваат добар развој. Една третина припаѓа на Арктичкиот круг, а голем дел е покриен со езера и шуми. Не секогаш имале добри односи со соседите. Во шеесеттите години била сиромашна земја на земјоделци, а денес е една од најбогатите во светот. Електронската индустрија е најважна гранка, затоа што во меѓувреме решиле да се сконцентрираат на знаењето како нивен единствен ресурс кој можел да ги извади од економската беда во која живееле. Тие имаат најголем број истражувачи по глава на жител во светот, а само Шведска и Израел трошат поголем процент од БДП на истражувања и научен развој.

Зошто е тоа така?
Финска има толкав успех поради нивниот образовен систем. Тој не ги стимулира децата механички да го научат и повторат она што го вели професорот, туку да истражуваат, мечтаат и иновираат. Од 2000 година па наваму ОЕЦД го спроведува ПИСА тестот, чија цел е да ги спореди знаењата на учениците од различни образовни системи во светот. Се спроведува кај децата од 15 до 16 годишна возраст, при што се тестираат нивните способности за читање, решавање проблеми, математика и наука. Децата од Финска се на самиот врв или блиску до него на сите вакви тестови спроведени до сега. За разлика од нив, Македонија само еднаш учествувала во тестирањето и била пласирана на дното заедно со Индонезија, Перу, Албанија и Бразил. При тоа, резултатите биле прилично под светскиот просек. Кога би се оцениле со оценка од еден до пет, македонските средношколци од 2000 година би биле некаде помеѓу единица и двојка, а најдобрите меѓу нив помеѓу три и четири.

Во што е тајната?
Финците посветуваат сериозно внимание на образованието на своите деца. За тоа ви препорачуваме да го погледнете документарниот филм „Финскиот феномен“ (The Finland Phenomenon). Во него авторот Боб Комптон посетува неколку училишта, професори и ученици во нордиската земја и истражува што е тоа што овој образовен модел го прави толку успешен. Подолу се поставени четирите дела од по 15 минути, кои се достапни на Јутјуб. За жал нема македонски превод, па ако не го познавате англискиот јазик или ако сте нестрпливи да дознаете повеќе, ги издвоивме главните поенти од него.
- Целта на образовниот систем е да всади љубопитност, имагинација, иновација, самоиницијативност и претприемачки дух и да им помогне да развијат другарство. Моделот во кој наставникот пренесува одредени информации, а ученикот ги повторува по него е напуштен, а е воведен таков што ги стимулира учениците да откриваат и создаваат свои информации. Финска ги спрема сите деца за работа, за придонес кон заедничкото добро и за активно граѓанство.
- Целта не е на детето да му се даде стандардизирано знаење кое ќе се контролира, да се направи компетитивно и да му се всади каква било стандардизирана идеја за успех.
- Затоа на децата не им се проверува знаењето со тестови во првите шест години од образованието, а во некои училишта сè до крајот на средното образование. Првите шест години служат за детето да се подготви за учење и да му се помогне да ја најде својата страст. Никому не му се кажува дека е слаб ученик кого не го бива за ништо, туку се лоцира проблемот, доколку го има, и му се помага во учењето. Така на учениците им се дава можност да развијат сопствен начин на учење.

- Децата тргнуваат на училиште на седумгодишна возраст. Пред тоа нема никакво формално образование. Атмосферата во училиштата е опуштена, а децата им се обраќаат на професорите по име, без да ги нарекуваат „наставничке“ или „професоре“. Учениците во основно училиште остануваат што е можно подолго кај истиот наставник, затоа што тој најдобро ги познава и кај него полесно учат. Дури во погорните класови имаат различен наставник по секој предмет.
- Класовите се релативно мали, од по околу 20 ученици. Тоа им овозможува на учениците да развијат поинтимни другарски односи меѓу себе, а и поблизок однос со наставникот. На часовите по природни науки класовите се ограничени на 16 ученици за да може секој од нив да спроведе експеримент.
- Националниот образовен совет не изработува детална наставна програма, туку само дава насоки. Секое училиште, а потоа и секој наставник одлучува на кој начин ќе ги спроведе насоките и што ќе вклучи во наставниот материјал.
- Часот започнува со мало „загревање“. Наставникот е должен да ги воведе учениците во часот и дискусијата на начин кој за нив ќе биде интересен и ќе ги заинтересира за темата, но истовремено ќе биде и интелектуално предизвикувачки.
- Во филмот има една сцена каде што авторот присуствува на час по математика на кој се учи за Питагоровата теорема. Професорот подоцна му објаснува дека учениците не треба да ја научат теоремата, туку да ја откријат сами. Тој прво им поставува прашања за да открие до каде се со знаењата, а потоа им укажува како да ги „пополнат празните места“. За тоа нема тестирања, затоа што преку таквиот метод тие учат да ги применуваат математичките методи во секојдневниот живот, а не учат теoреми на механички начин.
- Акцент се става на разбирањето и „читањето“ на науката, а не на нејзиното учење.

- Учениците во основно училиште не добиваат домашни задачи се до седмо одделение. A потоа, кога ја добиваат, тоа е многу малку и не е редовно. На тоа трошат отприлика 3-4 часа неделно. Треба да имаат време за слободни активности за добро да се развиваат.
- Кога некое дете покажува дека има тешкотии со учење, високо квалификуван специјалист работи со него за да види каде лежи проблемот, а потоа и да најде начин да му помогне да учи. Тоа дете не се казнува заради „неуспехот“.
- Немаат премногу часови и набиена програма за учениците да можат повеќе време да посветат на сопствени проекти и самостојно продлабочување на знаењето. Како резултат на тоа, наставниците имаат повеќе време за оние кои имаат тешкотии во откривањето на нови работи.
- Кога треба да се запишат во средно училиште, учениците бираат помеѓу две програми. Едната е академска, односно научна, а другата стручна, односно техничка. Дури 45% од децата се решаваат за стручните програми, затоа што тие ги спремаат за работа веднаш по завршувањето на средното образование. И од нив се бара да внесат многу интелигенција во своето учење. Во финскиот вредносен систем нема работа која е „под нечие ниво“. Порано немало таков баланс затоа што стручните училишта биле многу слаби, но властите решиле тоа да го сменат воведувајќи многу поголем квалитет во техничките образовни програми. Овие ученици имаат доволно знаења за да најдат работа веднаш по матурирањето и не им треба дополнително практично искуство.
- Само 66% од средношколците продолжуваат на факултет.
- Децата велат дека преферираат да ја работат работата од соништата отколку да заработуваат многу пари. Веќе во осмо или деветто одделение тие посакуваат доста широк спектар на професии, вклучително и инженер, психолог, наставник, итн. При тоа напоменуваат дека се добри во една или друга област, па затоа сонуваат за таа професија.

- Професорите велат дека и пред 30 години и денес учениците се речиси исти, но професорите многу се подобриле.
- Оценките на крајот на средното образование се важни затоа што од нив зaвиси дали некој може да биде наставник. Потребни се високи оценки, а само најдобрите од оние кои имаат високи оценки можат да станат наставници, односно „knowledge workers (работници со знаење)“, како што ги нарекува еден професор во филмот. Потребно е да се поминат и ригорозни приемни испити за упис на факултет, а само околу 10% од пријавените успеваат да влезат. Тие мора да завршат петгодишни студии, составени од три години додипломски и две години мастер студии. Не може да се стане наставник без магистратура. Тоа е престижна професија во Финска.
- Целта на системот е секое дете во земјата да има еднаков пристап до квалитетно образование. Тоа значи дека секое дете треба да биде третирано еднакво, да добие еднакво квалитетен наставник како и секое друго дете и образованието да биде бесплатно. Ниту на факултет не се плаќа партиципација.
- За време на студиите, студентите опсервираат голем број часови. Потоа дискутираат и критикуваат меѓу себе.
- Не е непознато на студент кој сака да стане наставник на факултет, со добра намера, да му биде кажано дека таа професија не е за него.
- Секој наставник во Финска поминува само до четири часови дневно во училница. Должен е да помине и два часа во неделата на стручно усовршување.
- Нема инспектори кои вршат надзор над работата на училиштата. Постои доверба во системот. Сметаат дека кога некому му се укажува доверба и не се контролира, тој ќе се потруди да ја заслужи довербата. Ако некој те проверува, тогаш се трудиш само пред него да се докажеш.
Уживајте во филмот!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
