Насмевнете му се на денот!
Автор: Ана
Драги мои, вие кои од другата страна, ги читате моите мисли, вие, на кои им подарувам дел од мојот свет, мало парче душа за да ве стопли во овие ладни моменти, тука започнува нашето дружење.
Како што кажал Виктор Борг:
.
„Насмевката е најблиската оддалеченост помеѓу двајца“.
Па јас ќе се обидам да ви украдам по една насмевка и да направам денот да ви почне со ведрина.
Спонтаноста е една од најважните работи во мојот живот. Не сакам да планирам, искуството ме научило дека плановите понекогаш знаат да разочараат. Дали не се исполнил тој план? Дали не завршил како што сме замислувале? Неважно, во слободните денови и моменти, оставам спонтаноста да биде мојот водич.
Во една статија поврзана со медицински истражувања, прочитав дека кај многу луѓе неостварениот план причинува стрес, разочарување, тага. Се запрашав зошто? Зошто да се разочаруваме за такви работи? Сосема непотребно… Па нели тематиката на животот е што посреќни, тоа поздрави, што поздрави, подолг живот.
Насмевнете му се на денот, пред вас има време кое треба максимално да го искористите. Љубете и некој ќе ве љуби вас, смејте се и некој ќе ви ја возврати насмевката. Ако едно нешто не успеало, наредното сигурно ќе добие висока оцена.
.
„Сомнителни нешта, навики. Луѓето, самите по себе, не секогаш се свесни дека ги имаат“
– рекла Агата Кристи.
Јас велам, не сите навики се сомнителни. Створете навика за која ќе бидете и повеќе од свесни, навика која ќе прави телото да ви заигрува, да сакате да запеете, што ќе го разбуди вашиот дух и ќе ви даде енергија за целиот ден.
Ставете ја вашата омилена песна да ви ѕвони како аларм, така ако наутро немате огромна желба да ја напуштите вашата топла постела, нема да ви биде толку тешко да го поздравите денот… Сварете го вашето омилено кафе и наздравете за она што следува.
Не чекајте посебни пригоди за да се почестите себеси, најважна е вашата насмевка, вашата среќа, зошто ако вие сте исполнети со позитивна енергија, вашата околина ќе ја почувствува моќта и позитивноста која ја ширите. Гледајте низ шарени прозорци, секој момент нека ви биде различен. Безличното е досадно. Бидете свои. Креирајте го вашиот ден. Насмевнете се.
До наредно читање,
Со љубов, насликана од сè срце,
Ана
