Секојдневни навики кои го уништуваат вашето здравје

Секојдневните навики имаат големо влијание врз здравјето на една личност. Секој има барем една лоша навика која ја практикува и која е штетна за него. Имено, некои такви навики имаат полоши ефекти од другите, кои може да придонесат во иднина да имате посериозни здравствени проблеми. Еве кои пет секојдневни навики тивко „ве убиваат“.

Секојдневни навики кои го уништуваат вашето здравје

1. Додавање премногу шеќер во кафето

За повеќето возрасни, кафето е многу важен дел од животот. Тоа е нужно зло за многумина кои сакаат претстојниот ден да го поминат продуктивно. Многу често пак, кога возрасните се пренатрупани со обврски, тие пијат повеќе кафе со цел да останат повеќе будни и фокусирани. Но, бидете внимателни кога ги избирате додатоците за вашето кафе. Доколку додавате големо количество шеќер, тоа може да доведе до дебелеење, дијабетес и срцеви болести. Затоа, препорачливо е да го намалите внесувањето на калории преку додадениот шеќер во вашето кафе, со цел да го намалите ризикот од здравствени проблеми кои може да доведат до прерана смрт.

2. Постојано посегнување по ужина

Доколку посегнувате по чипс, наместо по јаболко, тогаш време е да го смените начинот на вашиот живот. Дури и да не се сметате себеси за личност која премногу ужива во ова, сепак, секогаш е важно да внимавате. Размислете за вашиот начин на живот, како се однесувате на работа или дома. Секогаш кога сте „заглавени“ во некој вид рутина, лесно можете да посегнете по кесичка чипс, додека трчате извршувајќи ги останатите работи. Бидете внимателни и не дозволувајте да ви се случи ова. Дебелината е сериозен проблем бидејќи е поврзана со намалување на квалитетот на живот. Затоа, заменете ја брзата храна со овошје и зеленчук кои ќе ви ја дадат потребната енергија.

3. Гледање премногу телевизија

Иако повеќето луѓе знаат дека претераното гледање телевизија не е добро за општото здравје, сепак, многумина ќе бидат изненадени да слушнат дека тоа може да доведе до сериозни последици. Според истражувањето објавено во „САД денес“, луѓето кои гледале најмалку три часа телевизија на ден, биле два пати повеќе изложени на ризик од прерана смрт, од оние кои гледале помалку. Во истражувањето кое опфаќало 13.000 шпански студенти, истражувачите го следеле односот помеѓу навиките за секојдневно седење (вклучувајќи го времето поминато пред телевизор, компјутер или пак времето на возење) и ризикот од смрт во период од осум години. Тогаш имало 97 смртни случаи и истражувачите откриле поврзаност со гледањето телевизија, но не и со времето поминато пред компјутер или пак времето наменето за возење. Кардиологот Ниса Голдберг вели:

„Гледањето телевизија е пасивна, седечка активност и секако, луѓето кои го прават тоа со часови, не обрнуваат внимание на начинот на нивниот живот и нивната исхрана.“

Исто така кога седите премногу долго, крвните садови стануваат покрути, што резултира со зголемување на холестеролот во артериите. Па, ограничете го времето поминато пред телевизорот и заменете го со некоја друга активност.

Секојдневни навики кои го уништуваат вашето здравје

4. Премногу често користење лекови против болка

Лековите против болка се со очигледна намена – да ја намалат болката која е присутна во одреден дел од вашето тело. Но, ова може да ви стане навика, а претераната употреба на лекови може да доведе до сериозни здравствени проблеми и тоа во не толку далечна иднина. Со текот на времето, континуираната употреба на лекови, како ибупрофен или аспирин, кои повеќето луѓе ги користат, може да го зголеми ризикот за чир, гастроинтестинално крвавење, висок крвен притисок и срцеви заболувања. Доколку сте загрижени поради одреден вид болка кој ви се јавува, тогаш разговарајте искрено со вашиот лекар и заеднички направете план за лекување.

5. Прескокнување појадок

Појадокот е важен затоа што го подготвува метаболизмот за претстојниот ден. Една мала студија покажала дека луѓето кои го прескокнуваат појадокот консумираат повеќе непотребни калории во текот на ноќта, а овој избор на јадење е поврзан и со хроничниот стрес. Многу вакви „празни“ калории може да предизвикаат зголемување на телесната тежина, а со тоа појава и на многу други здравствени проблеми.

Значи, на вас останува да го изберете начинот на живот и да одлучите колку од овие штетни навики ќе ги отфрлите од вашето секојдневие, со цел да станете поздрава и посилна личност.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар