Предупредувачки знаци на емоционално насилство во врската

Емоционалната злоупотреба наједноставно би можела да се опише како состојба во којашто една личност се однесува спрема друга на начин кој предизвикува вознемиреност, страв или депресија. Оттука започнува кругот на насилството, кој завршува со дисфункционални семејства во кои неретко има и физичко насилство. Постојат неколку јасни знаци кои девојките ги избегнуваат кога влегуваат во нова врска, како гнев, контрола, прекумерна љубомора, посесивност или насилно однесување, но насилникот најчесто успева да ги прикрие овие знаци на почетокот, а ги покажува дури откако девојката ќе се вљуби и силно ќе се приврзе за него или можеби дури откако ќе склучат брак. Предупредувачки знаци на емоционално насилство во врската За среќа, постојат неколку знаци кои се јавуваат рано во врската, а кои според психологот Стивен Стосни треба да се избегнат по секоја цена со цел да не дојде до некоја потешка форма на насилство. Овие знаци насилникот не ги покажува кон девојката, туку кон другите, а таа станува негова жртва дури кога врската ќе стане сериозна или во бракот. Ако сте биле сведок на некои од следните постапки на вашиот партнер кон други лица, бидете сигурни дека кога-тогаш ќе почне и кон вас да се однесува на истиот начин. Забелешка: Имајте предвид дека и девојката може емоционално да го злоупотреби момчето, но знаејќи ги состојбите во нашата култура, текстот е пишуван така што се претпоставува дека момчето ќе ја злоупотреби девојката.

Ги обвинува другите за сопствените недостатоци

Избегнувајте ги оние кои за своите лоши чувства и постапки ги обвинуваат другите. На пример, во расправијата која следи после сцена на прекумерна љубомора, тој ќе рече: „Знам дека постапив лошо, но ти ме направи љубоморен, ти си виновна што постапив така“, или: „Тој ме испровоцира, морав да му вратам“. Интересно е што при покажувањето на овој знак, злоупотребувачите можат да бидат дури и шармантни: „Ти си толку убава и паметна, за разлика од онаа глупавата со која се гледав пред тебе“. Додека го слуша ова, девојката добива убаво чувство дека таа го спасува од лошата среќа и им се отвора перспектива за поубава иднина и на двајцата. Ова мора да се избегне затоа што обвинувањата кога-тогаш ќе се префрлат на партнерката. Обвинувачите најчесто себеси се прикажуваат како жртви, поради што го добиваат сожалувањето и наклоноста од партнерката, барем додека не го покажат своето вистинско лице.

Огорченост

Огорчените луѓе чувствуваат дека не ја добиле помошта, вниманието или пофалбите кои ги заслужуваат. Иако сите ние понекогаш се соочуваме со нефер третман, сепак успеваме да продолжиме со животот и да научиме од лошите искуства, но некои луѓе заглавуваат во својата огорченост поради неправедноста на другите кон нив и на крај губат чувство за чувствата за оние околу нив. Во врската со ваква огорчена личност, еден ден вие ќе бидете товарот кој кај оваа личност го предизвикува ирационалното чувство на неправедност, а тоа ќе ви даде само чувство на вина.

Смета дека има поголеми права од другите

Оној кој денес смета дека има поголеми права од другите, по некое време ќе покаже дека смета дека има поголеми права во врската или бракот од вас. Ваквите луѓе мислат дека можат да одат преку ред на шалтер, можат да пушат каде сакаат и кога сакаат, можат да возат како што ним им одговара, да кажат сè што сакаат, едноставно сметаат дека имаат право да сторат нешта кои другите не смеат. Како резултат на нивното сфаќање за нивните големи права постојано се разочарани. Со вакви луѓе треба да бидете многу внимателни. Она што денес звучи како: „Знаеш каков тежок ден имав, зарем очекуваш да возам смирено?“ или: „После толку напорна работа, можам да земам барем неколку пенкала од канцеларија“, еден ден ќе звучи: „Јас сум мажот, а ти има да ми зготвиш вечера“. Неговите потреби се поголеми од оние на партнерката. Ако партнерката го прифати тоа ќе биде депресивна, а ако се спротивстави, ќе биде злоупотребена. Предупредувачки знаци на емоционално насилство во врската

Супериорност

Еден од знаците кои го карактеризираат потенцијалниот насилник е неговата проблематична супериорност. Тој никогаш не е сигурен во себе, а до супериорност се дограбува така што ќе направи оние околу него да се чувствуваат лошо. Таа на почетокот на врската, на девојките може да им изгледа многу привлечно, кога покажуваат дека се подобри од другите, но кога ќе почне да покажува дека е подобар од партнерката тогаш станува збор за емоционална злоупотреба. Некои одат дотаму што спротивставувањето на партнерката на нивната супериорност ја доживуваат како неморално однесување.

Ситничарење

Ако од мравка прави слон или ако се фокусира на еден единствен мал негативен аспект од нешто, врската со него ќе биде многу тешка. Ако денес премногу се жали на банални работи на тоа како му ја приготвиле храната во ресторан или како на колегата од работа му е лош ракописот, кога врската ќе стане сериозна ќе си земе право да ве критикува за ситни грешки без притоа да ги цени позитивните работи кај вас, како ништо кај вас да не вреди доволно.

Сарказам

Целта на сарказмот е да омаловажи некој или нешто, а кога партнерот ја омаловажува партнерката или обратно, станува збор за емоционална злоупотреба во врската. Саркастичните луѓе тежнеат да ги импресионираат другите, се трудат да звучат паметно, но при тоа успеваат на еден или друг начин барем малку да ги понижат другите. На почетокот на врската тоа се сите освен вие, а кога ќе стане сериозно или во брак, вам ви е редот.

Мали лаги (намерни или ненамерни)

На почетокот на врската сите се обидуваат да се прикажат во најдобро светло, па се случуваат некои мали лаги кои не мора да значат нешто лошо. На пример, момчето кое досега не било во теретана ќе излаже дека вежба од време на време, но од утре навистина ќе почне да го прави тоа. Од ова треба да се разликуваат големите лаги од типот на поседување викендички, завршено образование, неверојатни искуства итн, кои покажуваат дека личноста не се почитува себеси, а нема да ве почитува ниту вас. Предупредувачки знаци на емоционално насилство во врската

Мала љубомора

Малата љубомора не е иста како онаа надополнета со посесивност, туку најчесто се манифестира како мала непријатност во ситуација кога девојката гледа или разговара со некој друг. Тој не мора да каже ништо, но секако ќе покаже дека не му е сеедно. Проблемот со овој ран знак е тоа што секој сака партнерот да покаже малку љубомора, иако за жал таа има потенцијал многу да порасне. На неа треба да се гледа како на капка високо концентриран отров во поголема количина вода која успеала да ја контаминира целата. Љубомората станува опасна ако со текот на времето премине во опсесија, при што личноста веќе има проблем да разликува што навистина се случува, а што не. Кога на ваквата ситуација ќе се додаде и обвинувањето, тогаш лесно може да дојде и до физичко насилство.

Брзање

Брзањето во врската некои девојки го доживуваат како ласкање, но зад тоа се крие нешто сосема друго. Една од дефинициите на емоционалната злоупотреба е непочитување на нечиј емоционален простор, па ако некој ве брза да влезете во брак без да се грижи како се чувствувате вие поради тоа, тоа не е добар знак туку околност која најавува идно лошо однесување на партнерот. Овие знаци нека немаат за цел да ве направат сомничави за иднината на врската, туку претпазливи. Нека ве води она што сметате дека е најдобро за вас и не заборавајте да преиспитувате дали настапиле некои од овие околности, затоа што кога насилникот ќе го покаже вистинското лице може да биде доцна за да смените нешто. Насилникот никогаш не се менува.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. Elena Reply

    bravo za avtorot. interesna tema,mnogu teska ama i mnogu poucna

  2. Ema Reply

    Zatoa vnimavajte. Sekoja cest za statijava.

  3. Bojan Reply

    nema nisto poucno,ima samo kako da raskinat lugjeto.. samo za loso

Остави коментар