Еден лош ден не треба да го смени вашиот поглед на животот

Еден ден не смее да го диктира текот на вашиот живот. Дури и кога сметате дека тоа е најлошиот ден во вашиот живот досега, сепак тој е само една мала точка во целата шема на нештата кои поминале и на оние кои допрва ќе дојдат. Тоа што се случило – се случило, но и поминало. Пред вас има уште милиони други можности кои ќе се најдат на вашиот пат.

Еден лош ден не треба да го смени вашиот поглед на животот

Нашиот живот не го одредуваат најголемите и најнегативните работи што ќе ни случат. И покрај тоа што мозокот на човекот работи така што се фокусира на најзначајните настани, без разлика дали тие се позитивни или негативни, понекогаш навистина е потребно да застанеме, да земеме воздух длабоко и да се обидеме да ја смениме нашата перспектива. Многу е важно кога гледате наназад, да научите како да ги препознаете вистинските „лекции“ од одредени настани кои ќе можат многу да ви помогнат во иднина.

„Спомените не се статични. Ако се сеќавате на нешто во друга околина и момент, или дури и ако сте во различно расположение, вашите спомени можат да ја примат оваа нова информација,“ вели Дона Бриџ.

Секако, целта не е да се обидувате целосно да ги промените вашите сеќавања, туку да го смените начинот на кој ги толкувате. Сигурно постои некое сеќавање кое отсекогаш ви било ужасно и болно, но доколку продолжите да го памтите како такво, во иднина од него нема да можете да извлечете здраво и конструктивно решение за некој друг проблем. Затоа погледнете ги овие неколку техники кои ќе ви помогнат да го смените начинот на кој размислувате за негативните спомени:

  • Потсетете се на негативниот настан кога ќе бидете во многу добро расположение. На тој начин, ова сеќавање ќе ви изгледа помалку важно и ќе се чувствувате како да има помало влијание на вашиот живот.
  • Разговарајте за негативниот настан со близок пријател. Тие често знаат да ви понудат сосема нова перспектива на вашето искуство за која никогаш досега не сте размислувале.
  • Пронајдете нешто за коешто можете да се насмеете на тој негативен настан. Додавањето на еден слој хумор е одличен начин да го промените значењето на одредено сеќавање.
  • Кога ќе се сетите на настанот, отидете на некое ново место, како на пример во парк или на плажа додека размислувате. Тоа што ќе си дозволите удобен простор во кој можете да го видите тој настан ќе ви помогне да пронајдете завршеток или нова перспектива.
  • Создадете уметничко дело или музика за настанот. Ова е многу ефективен начин за промена на тоа како вашиот мозок размислува за него. Исто така е и одличен начин да трансформирате нешто „негативно“ во нешто „позитивно“ и креативно.
  • Пробајте да ја видите „поголемата слика“ позади настанот. И не заборавајте дека вашиот живот е преполн со различни искуства и ниедно од нив само по себе не може да го дефинира.
  • Пишувајте за настанот. Прифатете го и објаснете си на себе што сте научиле од него и зошто тој ве направил подобра личност.
  • Продолжете понатаму. По некое време мора да престанете да размислувате за тоа што се случило и да се преиспитувате себеси, бидејќи на тој начин може само да го зголемите негативното влијание.

За крај, никогаш не заборавајте дека во животот многу поважни се малите, секојдневни нешта кои постепено ни помагаат да се изградиме себеси. Секој ден правиме стотици избори, почнувајќи од најмалите како што ќе јадеме за доручек, какво кафе ќе се напиеме со најблиските, па сè до големите одлуки како изборот на факултет, вработување и започнување на сериозна врска… Овие одлуки се оние кои нè водат и токму во нив се наоѓа нашата вистинска моќ и слобода во изборот за тоа каков ќе ни биде животот.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар