Дали знаете да прифатите комплимент?

Изгледаш одлично денес. Ми се допаѓа тоа што го носиш. Имаш прекрасна насмевка. Ми се допаѓа звукот на твојот глас.

Голем број од луѓето попрво би изеле лижавче со вкус на броколи, отколку да слушаат комплименти за нив. Дали сте вие едни од нив? Како се чувствувавте кога го прочитавте првиот параграф? Примањето комплименти, како и нивното давање е многу тешко доколку е повредена вашата самодоверба. Ниското ниво на самодоверба постојано ни вели дека не сме доволно добри. И прави да мислиме дека сите нè гледаат онака како што ние се гледаме себеси.

Дали знаете да прифатите комплимент?

Ако верувам дека сум досадна личност, ќе претпоставувам дека и вие се согласувате со мене. Па, ако ми кажете дека сум забавна и интересна, нешто нема да ми изгледа во ред. Или вие сте премногу добри и се грижите за моите чувства, или не ме познавате доволно добро или едноставно си играте со мене. Без разлика која била намерата, вашиот комплимент ќе направи да се чувствувам неудобно.

Решението на овој проблем е многу едноставно, мора да престанете да верувате дека другите луѓе го делат истото мислење за вас. Тие не се толку критични како вас. Дури и да се, немаат толку време детално да ве проценат бидејќи се преокупирани со нивни проблеми и грижи. Оваа погрешна претстава дека другите постојано ве осудуваат може на дело да се види кај тинејџери кои се појавуваат во јавност со нивните родители. Тие мислат дека цел свет ги гледа и постојано се плашат од тоа што би можеле нивните родители да го кажат или направат. Доколку сте непристрасен набљудувач на ваква ситуација, ќе сфатите дека изворот на нивниот срам често е комплетна мистерија.

Прифатете го фактот дека луѓето не ве гледаат како што вие се гледате. Ако некој ви даде комплимент, најверојатно ја кажува вистината. Нели мислите дека на некој навистина би можеле да му се допаѓаат вашите очи, да ужива во вашето пеење или пак да го цени вашиот моден стил? Кога ќе добиете комплимент пробајте да се насмеете. Кажете „благодарам“, „колку убаво од вас што го мислите тоа“ или нешто друго едноставно. Дури и воопшто да не се согласувате со нивното мислење, не мора да им кажете дека не се во право со тоа што ќе се насочите на некоја ваша негативна карактеристика. Прифатете го коментарот, а потоа разговарајте со некој ваш близок пријател или психолог. Обидете се заедно да сфатите зошто толку многу ви пречело или пак погледнете се низ очите на оној кој ви го дал комплиментот. Можеби ќе успеете да забележите нешто навистина позитивно за вас за кое порано не сте биле свесни дека го поседувате.

Ниското ниво на самодоверба може да направи да ви биде скоро невозможно и вие да дадете некому комплимент. Проблемот е што кога не ги „фалите“ луѓето околу вас, ја пропуштате шансата да се чувствувате добро за себе. Комплиментот, исто како и подарокот, прави многу повеќе за оној кој го дал отколку за оној кој го добил. Имате можност да му го разубавите денот на некој, барем на еден момент – а тоа е голема моќ. Сè додека имате нешто да дадете, вие ќе се чувствувате богато.

Давањето и примањето на комплиментите е многу полесно со голема самодоверба. Но, како и секое друго однесување кое е поврзано со самодовербата, комплиментите можат истовремено да бидат и причина и последица. Со други зборови, можеби високиот степен на самодоверба помага при полесно давање и примање комплименти, но истовремено прифаќањето и искажувањето на комплиментите можат да ви помогнат и при зголемувањето и одржувањето на вашата самодоверба.

Поради тоа веднаш најдете некој и дадете му комплимент. Знаеме дека можете, затоа што сте паметни, храбри и силни! :)

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар