Значењето на броевите и она што тие се обидуваат да ни го кажат

Значењето на броевите и она што тие се обидуваат да ни го кажат

Ви се има ли случено постојано и насекаде да гледате едни исти броеви? Сте се запрашале ли можеби зошто е тоа така и што всушност тие броеви сакаат да ви кажат?

1-znachenjeto-na-broevite-i-ona-shto-tie-se-obiduvaat-da-ni-go-kazhat-kafepauza.mk_

Броевите се насекаде околу нас. Имаат удел во секој дел од нашиот живот бидејќи секој број има свое значење и симболика. Тие имаат посебна поврзаност со секој аспект на нашите животи, а влијаат на нас и повеќе одошто можеме да замислиме. Ни нудат објаснување за она што се случува и ни овозможуваат да разбереме работи кои не ги познаваме. Секој број укажува на нешто различно, а еве што е тоа.

Еден

Бројот 1 означува нов почеток. Од една страна се осврнува на амбицијата, агресијата и чистотата да се започне нешто, додека од друга страна претставува симбол кој означува активирање и во психичка и во физичка смисла. Комбинирањето на овие две значења укажува на тоа да се започне нова авантура, да се преземе нешто во некоја насока, односно ве охрабрува за нов почеток.

Два

Бројот 2 означува рамнотежа, добрина, еднаквост. Се однесува на способноста да се препознае спротивното и контрастот во нештата, способноста да се донесе одлука и желбата за планирање. Од друга гледна точка, укажува на потребата од партнер, комуницирање и разменување идеи и гледишта. Со други зборови, бара вложување од ваша страна кон носење одлуки за ваше добро.

Три

Бројот 3 означува талент, интуиција, предност. Повлекува да се биде креативен и различен, а во своето значење ги опфаќа минатото, сегашноста и иднината. Додека во најголем дел од случаите овој број симболизира успех и преземање нешто, во глобала ви укажува на тоа дека можеби треба да размислите каде одите на основа на минати случувања и идни цели. Го поттикнува креативното и различно изразување, а со тоа и нови авантури.

Четири

Бројот 4 означува стабилност и издржливост. Го повикува природниот тек на нештата, а тоа може да се забележи во примери како постоење на четири годишни времиња, четири основни насоки на ориентирање и слично. Овој број ги претставува смиреноста, цврстината, а најмногу од сѐ – домот. Укажува на тоа дека е време да се вратите на своите корени, да се пронајдете себеси или можеби и да се смените.

Пет

Бројот 5 означува авантура и патување. Во кратки црти, се однесува на движењето на нештата, на нестабилноста и несигурноста која ја носи тоа движење со себе, а најмногу на промената. Го влече вниманието кон чудата кои се случуваат во светот и повикува на ценење на хаосот и непредвидливоста наоколу. Укажува на некое патување, кое не мора да биде физички одење некаде. Сепак, најубавите патувања се оние на кои одиме со ум и со душа.

Шест

Бројот 6 означува толеранција, искреност и потпирање на некого. Ги претставува хармонијата, вистината и љубовта. Раѓа сочувствителност за некого и повлекува простување за нешто. Од особено значење е тоа што укажува на изнаоѓање решение за некој проблем, на смирен и чувствителен начин.

Седум

Бројот 7 означува мистерија, знаење и проучување. Симболизира магија и изнаоѓање на значењето на работи кои не можеме да ги објасниме, но се однесува на активирање на нашата имагинација и покажување резултати во облик на сознанија кои се базирани на свесното размислување и знаење. Укажува на непрактично сонување и замислување, но сепак можност тоа да се развие во наша корист.

Осум

Бројот 8 означува сила, успех и богатство. Ги симболизира разните можности кои стојат пред нас, а ги претставува континуираноста на нештата, нивното повторување и кружење. Со други зборови, повикува на упорност и повторување кои водат кон успех. Овој број укажува на одлучноста да се постигне нешто и притоа да се стане побогат, не само во смисла на материјални нешта.

Девет

Бројот 9 означува влијание, задоволство, исполнетост, постигнување и успевање во нешто. Укажува на интелектуалната моќ, инвентивноста и влијанието кое го имаме врз нашиот живот, случувањата и луѓето. Симболизира потпаѓање под влијание, но под наши услови, а укажува на препознавање на сопствените позитивни особини и вештини со цел да влијаеме на светот во позитивна смисла. Со други зборови, способни сме да направиме разлика и тоа на подобро.

Нула

Бројот 0 означува мистерија, можност, развој, бесконечност, вечност, повторно раѓање. Тој е основата која ги чува сите останати нешта и од која се раѓаат сите останати вредности. Според својата нумеричка вредност може да се интерпретира и како поништување – укажува на непостоење, понекогаш и на смрт, но не секогаш во буквална смисла. Симболизира циклуси во животот, повторно раѓање, време, вртење на тркалото. Нулата се појавува кога сакаме да бидеме присутни во моментот, кога се обидуваме да го реорганизираме сопственото ниво на свесност. Таа ја претставува суштината на реалноста. Таа е и сè и ништо во исто време. Кога ќе почнеме да ја забележуваме, набрзо ќе се најдеме себеси на бескрајна авантура.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар