Дали и вие сте роб на опсесивно-компулсивното нарушување?

Опсесивно-компулсивното нарушување (ОКН) се карактеризира со непријатни и вознемирувачки мисли, проследени со ритуали кои мора да се завршат со цел да смири личноста која страда од оваа психолошка состојба. Психолозите го сместуваат ова нарушување во групата анксиозни нарушувања и невроза. Па, доколку сакате да откриете дали и вие ја имате оваа состојба тогаш погледнете ги следниве 10 најчести знаци кои укажуваат на опесисвно-компулсивното нарушување.

Дали и вие сте роб на опсесивно-компулсивното нарушување?

1. Миење раце

Компулсивното миење раце и честата употреба на сапун за дезинфекција е многу чест симптом на ОКН, кој е проследен со постојан страв од бактерии и нечистотии. Овој страв е извор и на други фобии поврзани со страв од различни зарази. Вие треба да побарате помош доколку сметате дека и по долгото миење на вашите раце, тие и понатаму се нечисти или пак, ако имате ирационален страв од зарази, особено по возење со јавен превоз.

2. Претерано чистење

Оние кои страдаат од ОКН често имаат тенденција опсесивно да чистат, но исто како и кај миењето раце, тие развиваат сложени техники за чистење на нивниот дом. Тоа вклучува постојано размислување за бактериите во домот, како и порив да почнат од почеток да чистат дури и ако неодамна завршиле. Иако е тешко да се одредат границите на компулсивното чистење, проблемот е очигледен доколку по средувањето почувствувате олеснување кое трае сè до првата помисла за нечистотија.

3. Постојани проверки

Ритуалите за проверување се типичен симптом за опсесивно-компулсивното нарушување. Најчесто станува збор за постојано враќање дома со цел да проверите дали сте ја исклучиле рерната, дали сте заклучиле… Сосема е нормално одвреме-навреме да заборавите нешто и да проверите, но доколку проверувате и откако сте провериле, а притоа поради тоа задоцнувате на работа, тогаш би требало да побарате помош.

4. Пресметки

Опседнатоста со бројките, поточно собирањето или одземањето секојдневни нешта или настани се уште еден симптом на ОКН. На пример, верувањето дека бројот 7 е добар и дека треба да застанувате после секој 7-ми чекор не е само празноверие, туку е и знак за нарушување. Ако понекогаш се забавувате броејќи плочки или скали, не грижете се, но ако не можете да го исфрлите броењето од глава, тогаш веќе имате проблем.

5. Организација

Луѓето со ОКН ја доведуваат организацијата до совршенство, а сè се сведува на точно темпирање, симетрија и редење кои во туѓите очи изгледаат ирационално. Уредната работна маса ќе ви помогне да бидете попродуктивни, но ако не можете да работите доколку имате трошка на масата пред вас, тогаш веќе станува збор за опсесија.

6. Страв од насилство

На секого може да му се појават мисли дека нешто лошо може да им се случи нив или на најблиските, но ако не можете да ги избегнете овие мисли, без разлика каде се наоѓате, тогаш може да станува збор за ОКН.

7. Несакани сексуални мисли

Исто како мислите за насилството, така и мислите од сексуална природа често се јавуваат кај оние кои имаат ОКН. Тие најчесто се сметаат за несоодветни, допираат табу теми и не се под контрола на самата личност.

8. Анализирање на односот со другите луѓе

Опсесивното анализирање на љубовните, семејните и пријателските односи може да биде резултат и на самите проблеми кои во моментот постојат, но доколку размислувањата воопшто не престануваат и се насочени кон чувствата на беспомошност и осудување, тогаш стануваат симптом за ОКН. Најчесто се работи за барање сопствена вина во лошиот однос со другите, иако тоа во реалноста воопшто не е така.

9. Барање потврда

Еден од начините на кој луѓето со ОКН настојуваат да го смируваат својот немир е барањето мислење од пријателите или членовите на семејството. Токму затоа и се склони да поставуваат исто прашање повеќе пати, дури и откако ќе биде одговорено.

10. Комплекси поради физичкиот изглед

Ова нарушување може да биде и целосно фокусирано на сопствениот изглед, поточно на оној дел кој го сметате за ненормален, грд или непривлечен. Најчесто станува збор за косата, кожата или носот и за разлика од нарушувањата во исхраната, тоа нема никаква поврзаност со телесната тежина.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар