Почеток (Inception)

Филм за сонувањето, борбата, љубовта, возбудата, филм во кој реалноста и нереалноста се преклопуваат, филм кој мора да го гледате

Почеток (Inception)Главни ликови: Леонардо Дикаприо, Џозеф Гордон Левит, Елен Пејџ, Мајкл Кејн, Мерион Котијард, Џилијан Марфи, Том Харди

Режисер: Кристофер Нолан

Жанр: акција, научна фантастика, мистерија, трилер

Времетраење: 148 мин.

Јазик: англиски

Премиера: 16 јули 2010 (САД)

Музика: Ханс Зимер

Официјален веб-сајт

Наша оценка: 10/10

_________________________________________________________________________

Исчекувањето во кое не ставија светски познатите филмски критичари по премиерното прикажување на „Почеток“, за многумина беше вистинско измачување. Очекувањето на денот кога „филмот кој е нешто досега невидено“ ќе стигне и во нашите кино сали, беше големо и тешко. Ако сте од оние кои прифаќаат да ги гледаат новите врвни филмски остварувања само со квалитетна слика и звук, тогаш ова е моментот што го чекавте. Почеток е филм кој го заслужи сето внимание кое му го дава публиката, а причините за тоа се многубројни.
__________________________________________________________________________

Приказна: Невозможно е да се раскаже приказната во филмот, без да се откријат деталите кои може да ви го расипат доживувањето. Се чини премногу да се открие и само еден збор кој ќе го опише дејството. Доволно е да очекувате невидена приказна, со толку замрсени елементи вткаени во праволиниска акција, со паралелни дејства, едни во реалноста, други во една друга реалност која ја овозможуваат соништата. Ако ова не ви е доволно, на свој ризик прејдете на следниот пасус.

Почеток (Inception).

„ОК, еве јас ти всадувам идеја во твојата глава и ти велам: „Не мисли на слонови“. На што мислиш?

– На слонови.“

Дејството е лоцирано во свет во кој постои таква технологија благодарение на која е возможно да се навлезе во умот на човекот за да се украдат важни информации од него. Дом Коб кој го игра Леонардо Дикаприо е лидерот на својот тим од специјалци во разни области (има: хемичар, фалсификатор и архитект), кој треба да заврши една последна задача за да биде повторно во можност да ги види лицата на неговите деца. Тоа е скоро незвомозжна мисија, бидејќи наспроти вообичаеното извлекување информации, овој пат тие треба да успеат да всадат информација во човековиот ум за да спречат конкурентната компанија на нивниот клиент, да стане монопол на пазарот.

Почеток (Inception)

За да се случи ова, на кое секако се нафаќаат, потребно е многу планирање, градење, совладување пречки, манипулации, борби и искушенија.
.

„Болката е во умот, а судејќи по декорот, ние сме во твојот ум, нели Артур?“

На филмот не му недостасува ниту емотивната компонента, која е всушност стожер на дејството. Приказната во овој момент наликува на онаа во „Островот Шатер“ заради што многумина повлекуваат силна паралела помеѓу ликот на Дом Коб и оној на Теди Дениелс.

Почеток (Inception)

Кинематографија и музика: Ништо не недостасува. Совршенството продолжува и во овој сегмент. Без разлика дали имате тенденција да направите анализа на кинематографските елементи или не, не може да не се воодушевите на широките пејзажи и сложени лавиринти, често прикажани од птичја перспектива. Сцените во кои владее состојба на нулта гравитација се просто неверојатни. Тука е споредбата со „Матрикс“, но не ја споредуваме техниката, ниту дали истата напреднала од пред 11 години. Би било неблагодарно.

Почеток (Inception)Почеток (Inception)

Иако Матрикс ги воведе овие специјални ефекти во научно-фантастичните филмови, Почеток ги применува сосема сплотени во приказната, толку дозирани за да не преовладуваат, волшебни за да едвај чекаме повторно да се појават. Динамичните сцени магично преминуваат во забрзани снимки, соништата и реалноста се синхронизирани до перфекција, а звукот, на моменти остар и јак, дури ќе ве помрдне од столчето. Убавината на режисерско-музичко-кинематографскиот продукт е несомнена, но и понатаму споредна во однос на перфекционистички развиената приказна, со сите нејзини замрсености.
.

„Доаѓаат овде секој ден за да спијат?

– Не. Доаѓаат за да бидат разбудени. Сонот стана нивната реалност.“

Кога и како да го гледате: Во моментов имате можност да го гледате филмот во кино и веројатно сега тоа е најдоброто место за тоа. Сепак, со оглед на концентрацијата која ви е потребна во текот на целиот филм, можеби би сакале да ги избегнете поткашлувањата, шушкањата и грицкањето пуканки, звуци кои во стерео мод доаѓаат од присутните во салата.

Почеток (Inception)Почеток (Inception)

Иако нетрпеливоста за да го гледате филмов може брзо да се совлада, за вистинските филмски фанатици кои ги затвораат ушите секогаш кога некој зборува за Почеток, како не би им се расипало очекувањето, изненадувањето и чувството кое филмот го предизвикува, препорачуваме да почекаат до појавувањето на верзија за преземање со прифатлив, до одличен квалитет. Почеток дефинитивно не е филм за пуканки, не е за големо друштво и не е за разлабување, разонода и релаксација. Почеток е филм кој го гледате во еден здив, а по завршувањето продолжувате да реанимирате одредени сцени уште долго потоа.Почеток (Inception)

Најдобро би било, филмот да го гледате барем два пати, за да навлезете подлабоко во приказната и да ги поврзете елементите кои останаа да ви немаат смисла после првиот пат, но и затоа што едноставно еднаш нема да ви биде доволно.
.

„Кој би сакал да биде заглавен во сон 10 години?

– Зависи од сонот.“

Актерска екипа: Веќе навикнавме да го гледаме Леонардо Дикаприо во сериозни филмови со јака приказна. Она што изненадува е улогата на Џозеф Гордон Левит кој сите го паметиме по улогата на детето во „Третиот камен од сонцето“, како и на Елен Пејџ која делува далеку посозреано и посериозно од улогата со која се прослави во „Џуно“. Ефектот на заедничка сплотеност во приказната го надополнува актерската игра на Том Харди и Марион Котијард.

Почеток (Inception)

Слични филмови: „Матрикс“ (Matrix), „Островот Шатер“ (Shutter Island), „Вечен сјај на еден бескраен ум“ (Eternal Sunshine of the Spotless Mind), Мементо (Memento), „Мрачен град“ (Dark City)

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Никола Reply

    Овој филм излезе и на ДВД сега скоро :)

Остави коментар