Филм: Момчештво (Boyhood)

Најдобриот филм на нашето време

Филм: Момчештво (Boyhood)Режија: Ричард Линклатер

Улоги: Елар Колтрејн, Патриша Аркет, Итан Хоук, Лорелај Линклатер

Времетраење: 165 минути

Јазик: англиски

Премиера: 15 август 2014

Жанр: драма

Наша оценка: 10/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (16 гласа, просек: 7.25 од 10)

Loading...Loading...

„Момчештво“ е најдобриот филм на нашето време, или барем еден од најдобрите. Процесот на растењето е магија, а кога тоа ќе се донесе на екранот со сите негови бои, големата живописност и шарм, тогаш неизбежно се добива парче филмско задоволство кое прави гледачот да се чувствува убаво и да го запамети тоа. Заслугата за тоа во најголем дел ја носи режисерот и сценарист Ричард Линклатер, кој уште во деведесеттите години на минатиот век добил желба да сними филм за растењето и поврзаноста на децата со родителите во тој процес. Знаејќи дека повеќе различни актери кои толкуваат една иста улога можат да ја разводнат неговата идеја, се одлучил на оригинален потег – филмот го снимал со истите актери во текот на 12 години. Оние што се мали кога почнува филмот ги гледаме како растат, оние што се возрасни ги гледаме како стареат. Линклатер ја собирал екипата одвреме-навреме и снимале по неколку сцени кои се однесуваат токму на возраста на актерите токму во периодот на снимањето.

Филм: Момчештво (Boyhood)

Почетокот на овој еп е во 2002 година кога малиот Мејсон има 7 години и оди во прво одделение. Тој живее со постарата сестра и самохраната мајка. Го нема видено татко му речиси година и пол, но тогаш тој се враќа и ги посетува своите деца по еден викенд на секои две недели. Тоа се деновите кога Мејсон го прашува татко си дали постојат еднорози, а оттогаш па натаму приказната продолжува со совршени и едвај забележливи премини од еден во друг период, а Мејсон е сè позрел во секој нареден дел. Она што денес е разговор за еднорози, утре е опседнатост со видео игри, па разговори за девојки. Линклатер одвојува по неколку клучни моменти во секој од периодите, давајќи ни слика за неговиот развој и за влијанието на родителите и околината врз него. Притоа ги следиме и неговите родители низ нивниот процес на растење и созревање, правењето грешки, каењето и исправањето на грешките.

Филм: Момчештво (Boyhood)

Необично делува следењето на овие луѓе како што одминуваат годините. Се изгледа премногу реално за ова да биде филм. Мејсон расте, го менува изгледот, почнува да му расте брада… а тоа навистина е истиот актер кој само пред минути беше во прво одделение. Ова личи на тајмлапс видео во кое е сместено најважното од 12 години снимање на вистинска животна приказна, а не на филм. Главна причина за тоа е оригиналниот пристап на режисерот, но голема заслуга оди и на сметка на извонредната глума на актерската екипа. Зарем некој би помислил дека Итан Хоук не му е навистина татко на она мало љубопитно момче кое созрева заедно со него како актер? Друг убедлив фактор е површното внесување на настани од односните периоди и музиката која била актуелна во тоа време. Така, слушаме за војната во Ирак само колку да разбереме за кое време се работи, а останатото е во служба на портретирање на про-демократски и пацифистички настроениот татко. Тоа е доволно за раскажување на ваква интимна приказна.

Филм: Момчештво (Boyhood)

Но, ова е само мал дел од причините поради кои „Момчештво“ го има угледот кој го има, и кај публиката и кај критичарите. Можам до бескрај да ги набројувам неговите елементи кои го прават вреден за гледање, но тогаш би ви одзел од она што ве чека ако решите да го гледате. На крајот на краиштата, приказната е таква што секој би можел да се препознае себеси во некој од ликовите. Секој од нас растел и со себе ги носи белезите кои минатите настани и луѓе ги оставиле врз него. 2 часа и 45 минути се дури малку за да се изгледа тоа одново.

Филм: Момчештво (Boyhood)

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар