Астрологијата и начинот на додворување

Ако верувате дека сé е запишано во ѕвездите, тогаш погледнете го астролошкиот приказ на хороскопските знаци и дознајте како се однесуваат кога се заљубени и кои методи на заведување ги применуваат.

Астрологијата и начинот на додворување

Овен

Тој – Како роден освојувач, тој не заобиколува многу, а очите му светнуваат штом ќе здогледа потенцијален „плен“. Не одбира ни место ни време, бидејќи е премногу нетрпелив и во напад тргнува во истиот момент кога ќе ве здогледа. Тој е директен, шармантен, настојчив и отворен и ќе ве засмејува со вицови и детали од својата биографија, сè додека не се согласите повторно да се видите со него (уште истата вечер).

Таа – Исто така е директна и спремна да го заведе и освои оној кој ќе ѝ падне во око. Ќе го допре по рака или по лице, нежно ќе го привлече кон себе и со најшармантната насмевка на светот ќе му каже: „Ти си мој“. Ако додворувачот ѝ се допаѓа, ќе го остави малку да се помачи, а потоа ќе му дозволи да ја освои. Доколку пак сте ѝ досадни, недвосмислено ќе ви го стави тоа до знаење, така што со жената овен секогаш сте начисто.

Бик

Тој – Едноставно обожува да ве одмерува, заведува, да ви се додворува и без брзање да ве освојува. Задолжително ќе ве однесе на ручек или вечера во својот омилен ресторан каде што сите го познаваат, ќе избере најдобра храна и најквалитетно вино и за целото време нема да го симне погледот од вас. Ќе ги повика музикантите покрај вашата маса да ги свират и пеат вашите песни, а од продавачката на цвеќиња ќе ги откупи сите рози само за вас.

Таа – Таа одбира на кого ќе му дозволи да се потруди околу неа, да ја заведува и освојува. Нема да ја остават рамнодушна нечиј изглед, шарм, став, однесување и џентлменски манири, но затоа оној кој ѝ е здодевен знае така да го откачи што и самата ќе се изненади. За да ѝ се допаднете на жената бик, потребно е да имате самодоверба исто колку и пари и притоа да умеете да ја заведете со поглед и со допир.

Близнаци

Тој – Тој е неодоливо забавен, шармантен и информиран за сé, па ви доаѓа да го земете за рака, да го однесете дома и да им го претставите на домашните за да ги восхити и нив, како што ве восхити вас. Додека вие него го доживувате како потенцијално домашно милениче, тој веќе ја завршил половината работа во својата ноншалантна заводничка активност. Па така, додека вие со насмевка ја читате неговата порака на мобилниот телефон, веќе ќе бидете во неговата прегратка.

Таа – Изгледа како девојче, а често пати така и се однесува кога сака да ве заведе и освои. Како камелеон го прилагодува своето однесување, гардероба, па дури и ставовите според вашите или приближно на оние кои вам би ви се допаднале. Флертувањето е составен дел на нејзиниот карактер, иако бргу губи интерес ако забележи дека сте заинтересирани, но ако постојано ѝ бегате, жената близнак ќе трча по вас.

Астрологијата и начинот на додворување

Рак

Тој – Мажот рак им се допаѓа и на вашата мајка и на вашата баба, а за сестрите и другарките да не зборуваме. Вие пак ќе се чувствувате прекрасно секогаш кога ќе ве погледне со своите очи на верно кутре, кое ви се радува штом ве види. Вистина е дека ќе се изнаслушате приказни за неговото детство, баби, дедовци, стрини и тетки, но и додека зборува за нив тој занесено ќе гледа во вашето деколте. И кога ќе биде со друштво во кафеана, бидете сигурни дека и тогаш ќе мисли на вас.

Таа – Таа умее со секој маж и може да заведе и освои кого ќе посака, само доколку сака. Женствена е и грижлива, атрактивна и полна со разбирање во исто време. Таа ќе се потруди да уживате додека ја гледате, исто колку што ќе уживате и додека се сладите со тортите и колачите, што таа ќе ги направи само за вас. Потоа, кога ќе ви раскажува за децата на нејзината сестра и нивната палавост, вие ќе сфатите дека таа е вистинската жена за вас.

Лав

Тој – Ќе се потруди да ве восхити уште при првата срдба со приказни за своите успеси на училишните натпревари, спортските терени и восхитот што го предизвикува кај комшиските дечиња. Ако случајно го прашате кој знак е во хороскоп, бидете сигурни дека ќе го добиете следниот одговор: „А зарем тоа не се гледа?“ Манирите на џентлмен и чувството дека сите погледи се вперени во вас додека сте со него, ќе направат покрај мажот лав да се чувствувате како да сте на врвот на светот.

Таа – Ќе ве плени со својата атрактивна појава, држење и став во која ќе препознаете и малку глума и блеф, а сето тоа неодоливо ќе ви се допадне до таа мерка, што восхитено ќе го слушате дури и ѕвечкањето на нејзиниот накит. Сосема е сеедно дали косата ѝ е собрана или пуштена слободно да ѝ паѓа по рамената, таа својата прекрасна глава ја држи како да има круна на неа, а тоа го прави со таква леснотија како тоа да е сосема природно држење. И покрај тоа што ужива во восхитот на обожавателите и додворувачите, таа ќе ви дозволи да ја освоите само ако процени дека го заслужувате нејзиното внимание.

Девица

Тој – Уште при првата средба ќе се потруди да ве восхити со своето познавање на многу теми од областа на науката, економијата, автомобилизмот, градежништвото, но и практични детали од секојдневниот живот. Како да е нешто најнормално на светот, ќе ви објасни дека коцката мраз што случајно ја допрел додека ја ставал во вашата чаша, не може да биде извор на зараза поради нејзината исклучително ниска температура. Тој многу трпеливо ќе ве слуша додека му се жалите поради малата плата, напорната работа и неразбирањето на вашиот шеф, па многу бргу ќе сфатите дека верната девица секогаш ќе биде тука кога ви е потребна.

Таа – Симпатична е, зборлеста и по малку воздржана што ја прави интригантна за спротивниот пол. Најчесто женската девица е манекенски градена, па лесно ги освојува мажите во кои се раѓа желба, таква драгоцена да ја сочуваат само за себе. Умее долго и внимателно да ве слуша додека ѝ зборувате за која било тема, а особено е чувствителна на туѓата мака и проблеми, па кај неа секогаш ќе имате рамо за плачење.

Вага

Тој – Пред да се впушти во каков било заводнички или освојувачки поход, тој ќе се погрижи косата да му биде беспрекорно чиста и уредна, а гардеробата макар спортски елегантна. Тој нема да се чувствува доволно допадливо за да ве заведе, ако не е задоволен од сопствениот одраз во огледало. Покрај него секогаш ќе се чувствувате како вистинска дама, а тој секогаш џентлменски ќе ви ја бакне раката, ќе ви го придржи капутот, ќе ви ја отвори вратата од кола, ќе ви купува бонбониери и цвеќе и несебично ќе ви дели комплименти.

Таа – Како родена заводничка, задоволна е ако забележи дека уште при првата средба не симнувате очи од неа, бидејќи вагата ужива во восхитот на околината, иако честопати глуми воздржаност. Поради вродениот шарм, мажите ги освојува со леснотија, па често пати ѝ е непријатно кога треба да одбие некој нетрпелив, досаден или наметлив додворувач. Не поднесува кога некој е невоспитан и вулгарен, па на општо изненадување, често знае да возврати со иста мерка.

Астрологијата и начинот на додворување

Скорпија

Тој – Заведува со поглед и допир, па не постои жена која тој не може да ја освои само ако тоа доволно го сака, бидејќи неговата желба е појака од сите препреки, непремостливи околности и невозможни ситуации. Па дури и она што за другите би било препрека, за него ќе биде предизвик. Изгледот и годините немаат никаква врска со неговата способност за заведување и освојување, бидејќи мажот скорпија е вистински магнет за спротивниот пол. Тој е доволно галантен, таинствен и упорен, па ретко која жена може да му одолее.

Таа – Таа одбира, заведува, освојува и оди понатаму, штом макар на момент престанете да ги задоволувате нејзините строги, пред сé еротски критериуми. Жената скорпија е опасна и прониклива, страсна и немилосрдна и сака мажот кој ќе го избере да биде нејзина сопственост, но проблемот се јавува кога такви мажи има повеќе од еден. Немојте да се залажувате дека тогаш вие ќе ја оставите нејзе, бидејќи таа не чека да биде оставена.

Стрелец

Тој – Стрелецот навистина го сака ветерот во својата коса, избледениот џинс, брзото возење и гласна музика во колата, па ако на патот се најде и некоја згодна автостоперка, тоа е прилика за авантура или романса. Независно од тоа колку години има, мажот стрелец секогаш е спремен да ве заведе, а во освојувачки походи се впушта кога е на одмор или кога е доволно далеку од својот дом.

Таа – Жената стрелец е младолика, ведра, елоквентна и влева доверба до таа мерка што се чувствувате како да ја познавате отсекогаш, а нејзината потреба за интелектуална полемика ви импонира без разлика на нивото на вашето образование. Таа дрско ве заведува со своите вешто прекрстени нозе кои некако секогаш се во прв план, планира патување со вас, а сè уште доволно не ве запознала. Сето тоа вие воодушевено го прифаќате, а кој не би?

Јарец

Тој – Гори од желба да биде близу до вас и само да ве гледа и ужива, бидејќи ќе поцрвени макар ако случајно ја допре вашата кожа. Бидејќи не знае како да ви каже колку сте го маѓепсале, тој ќе биде невешт и по малку несмасен, но неговите вистински заводнички способности ќе дојдат до израз кога ќе започнете каква било тема што има врска со образование. Тогаш вие ќе гледате во него со обожување и восхит и притоа ќе размислувате за тоа како се бакнува.

Таа – Таа е вистински оган под својата ледена површина, баш поради тоа што е толку префинета и женствена, така што мажите во нејзина близина, на почеток ги збунува почитта која се буди во нив. Жената јарец, без разлика дали носи мини здолниште или подвезица под романтичен фустан, умее да ја разбуди фантазијата на секој маж кој има доволно трпение и упорност да ја заведе, освои и да ја победи нејзината срамежливост.

Водолија

Тој – Мажот водолија е толку ноншалантен, шармантен и лежерен, што при првата средба воопшто немате чувство дека ве заведува, освојува или дека прави нешто слично. Тоа што ќе ви запали цигара, ќе ви тури пијалак во чашата, замислено ќе молчи без да го тргне погледот од вас додека зборувате, не се јавува на мобилниот телефон, вам ќе ви годи без да бидете свесни дека сте „уловени“. Кога ќе се разделите, тој нема ништо да ви каже, но затоа многу бргу ќе ја видите неговата порака на вашиот телефон.

Таа – Пресметлива е токму онолку колку што е важно за да умеете да ги следите нејзините идеи и начинот на однесување. Поради тоа жената водолија одбира партнер сличен по нивото на образование, ставовите и однесувањето, без разлика на воспоставеното мислење за нејзината ексцентрична природа и потребата за слобода. На нејзината суета ѝ годи машката упорност и спремност да сторат сé за неа, па затоа никогаш не откажувајте се ако сакате да освоите жена водолија, а таа за возврат ќе ви биде посветена и верна.

Риби

Тој – Не знае како да почне да ви се додворува, па затоа делува по малку чудно и несмасно поради што уште при првата средба предизвикува симпатии кај спротивниот пол. Ако е оженет, тој во друштво ќе глуми верен сопруг поради страв некој да не ѝ каже нешто на жената, но штом остане насамо со вас ќе прејде во директен напад. Тој тоа секогаш ќе го прави со стил кој подразбира внимание и галантност.

Таа – Таа ужива во заведувањето и тоа уште при самата помисла на мажот кој ѝ се допаѓа, иако тоа ретко или скоро никогаш нема да му го признае. Ќе стори сè за да ве заведе (романтична атмосфера, миризливи свеќи, секси долна облека, поглед пред кој мажите ретко можат да останат рамнодушни), а потоа таинствено ќе ви даде до знаење дека можеби сте успеале да ја освоите и така сé до недоглед.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар