Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие? - Part 2

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Танго

Аргентина, љубов, страст, предигра се зборовите што речиси секому му паѓаат на памет кога ќе се спомене најромантичниот танц на светот – тангото. Некои велат дека тангото не се игра, туку дека се чувствува. Станува збор за едно навистина посебно искуство што може само да се доживее. Тоа најдобро го знаат луѓето кои активно танцуваат танго. Една од нив е Марија Зафирова од „Фамилија тангови“ која освен што одлично игра танго, позната е и како диџејка на забавите од танго светот што се викаат „милонги“.

„Танцот е магија, а секому му треба магија во животот. Не знам дали можам точно со зборови да го доловам тоа што го чувствувам додека танцувам, но тоа е како да сте се вратиле дома после напорен работен ден, како да се наоѓате токму таму каде што припаѓате, како да ви се одговорени сите прашања за животот кои ве измачувале. Тангото ве носи на место каде имате бескрајна слобода на духот за да ги почувствувате сите емоции што ги носите во себе. Тоа е чувство на конечност и бескрајност во едно, во кое сѐ има смисла“, се обиде да ни објасни Марија.

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Освен тоа, тангото е посебен вид танц кој е истовремено многу едноставен и многу сложен. Еднаш кога ќе влезе во вашето срце, засекогаш ќе остане таму.

„Секој треба да се обиде барем еднаш во животот со танго, затоа што тоа е танц на чекорот, доволно едноставен за секој да може да го танцува, а од друга страна исклучително комплексен и многуслоен. Тоа е танц на сите човечки емоции, во кој ако еднаш се заљубите тоа е љубов за цел живот“, открива Марија.

Интересно е тоа што секој го доживува тангото на посебен начин. Ако Марија ни откри дека тангото ѝ буди голем број емоции, инструкторот Александар Митров од „El Tango“ изјави дека не чувствува ништо додека игра танго!

„Кога играм танго не чувствувам ништо! Со ова сакам да кажам дека сите мисли и чувства кои се раѓаат додека играм се минливи, а свесната предаденост кон музиката, партнерот и движењата кои се случуваат во самиот момент се чиста форма на постоење ослободена од секакви чувства. Секако дека за да стигнам до тука, поминав низ доста искуства. Искусив фрустрации, стравови, љубомори, адреналин, вљубувања, гадење, разочарување, индиферентност, нарцисоидност, топлина, разбирање, радост, љубов. На почетокот сметав дека тангото ќе ме оттргне од животните проблеми, но тие повторно ги најдов во себе во прегратката со партнерката и музиката“, изјавува Александар.

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Тангото е повеќе од урамнотеженост на движењата, тоа е и урамнотеженост на духот и психата.

„Тангото си бара посветеност и вежбање на балансираното одење и течно движење, но исто толку нѐ балансира и ментално и духовно. Секој танго час, секоја одиграна танго песна е врата кон неистражени искуства“, заклучува Александар.

Овие 2 сосема различни гледишта за тангото се доволен повод за да се заинтересирате и да се обидете да го истражите овој мистериозен танц кој нуди незаборавни доживувања и искуства.

Хип хоп

Кој не би сакал да танцува хип хоп?! Музиката е забавна, движењата неверојатни, а чувството незаборавно! Кореографот Леонардо Хусеини од студиото за танци „Битрикс“ вели дека најубавите години ги посветува токму на хип хоп, иако секој танц е посебен и автентичен со различна техника, култура и душа. Па, зошто неговата душа е токму овој енергичен танц?

„Овој танц има посебна вибрација, енергија, стил и техника. Тоа посебно нешто прави и јас да се чувствувам посебен, посебен на начин кој не можам да го доловам. Најјакото е тоа што можеш да бидеш свој, да имаш право на ’глас’ и да се изразиш преку него. Чувството додека танцувам го нарекувам ’слобода’. Со секое движење и чекорче, тоа чувство расте, и се чувствуваш послободен“, ни објасни Леонардо.

Според него, танцот може да се спореди и со процесот на пишување книга. Не сте сигурни како? Многу лесно: И двете вештини бараат креативност и инспирација.

„Мене танцот ми е како да пишувам книга. Со секоја кореографија пишувам по еден лист, емоциите и креативноста се мастилото, а музиката инспирација. Мотивот сум самиот јас и моите пријатели. Моите пријатели се: Сите инструменти, секој артист и сите хип хоп звуци“, опишува Леонардо.

Прекрасен поетски приказ на овој танц, се согласувате? Но, приказната на Леонардо не завршува тука…

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

„Откако ќе се поврзам со музиката за мене не постои реалниот свет. Секако дека постојат проблемите и стравовите кои ги носиме, но тие стравови и проблеми ги решавам преку танцот. Така ги запишувам емоциите. Лист по лист – книга. Таа книга ја ’читаат’ само оние кои се занимаваат со танц. Сета моја креативност и емоција им ги предавам ним, а тоа се сите мои книги! Па кога има некој кој сака да чита и да го прави тоа што ти го правиш, сакаш да помогнеш. Имаш шанса и начин да помогнеш некому да ја запознае ’слободата’. Таа мисија ме води до ден-денес. Токму затоа сакам да продолжам да танцувам и да го усовршам она во коешто сум најдобар!“, признава Леонардо.

Освен тоа, Леонардо смета дека сите луѓе треба да танцуваат за да ја искусат слободата и шансата да се изразат себеси преку танцот, да станат автори и да создаваат свои дела. Хип хоп танцот нуди многу забава, нови доживувања, но и „фенси“ движења што сигурно ќе ви послужат во дискотеките. Па, доколку сакате да ја прочитате книгата на Леонардо, почнете со првото поглавје и заиграјте во ритамот на хип хоп музиката.

Без разлика дали ќе одберете регетон, салса, танго, хип хоп или некој сосема друг танц, дефинитивно нема да погрешите! Танцувањето ќе ви помогне да го запознаете своето тело, ќе ве наполни со позитивна енергија, ќе ве ослободи од стресот и ќе ви ги прошири хоризонтите. Не чекајте повеќе, бидејќи секоја минута помината без танцување е залудно потрошено време!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар