Бакнежи, насмевки и високи потпетици
Денес решив да им се обратам на моите дами, знаете, оние припадничките на посилниот пол. Испровоцирана од девојки кои им робуваат на комплексите од типот да му бидат достојни на дечкото (заборавајќи дека и тој треба да се труди да биде достоен за нив), од девојки кои се затвораат во соблекувалната на своето работно место и трошат време и нерви по телефон, објаснувајќи некои свои постапки наместо да си ја бркаат работата и да си прават пари, девојки кои ќе потрошат толку солзи на некого кого ни уво не го боли за нив… со еден збор, оние кои на секаков можен начин си ги побркале приоритетите во животот.
Не смеете да изигрувате дека сте глупави, кога и научно е докажано дека нашата интелигенција е поголема од онаа на мажите. Секој човек се труди од глупав да испадне паметен, зашто со сила да се правиш глупава кога не си? Каде е она твое ЈАС, она кое никој не смее да го погази? Како е можно така лесно една девојка, која (како демек) се заљубува, да заборави на сите свои принципи?

Да обрнеме внимание на она што ни значи, она што нè исполнува, нè прави среќни… на сите оние мали задоволства, да уживаме и да ги почувствуваме сите убавини на животот.
Сакаме розова боја, убави нокти, плишани мечиња, подароци и цветови… И што, треба да бидеме дефинирани како плитки и површни? Не! Имаме право на возбуда и среќа, кафе муабет и оговарање, луди журки и незаборавни ноќи. Имаме право на добар филм, облека и шопинг и многу нијанси на сјаеви за усни… Шарени тетратки, убави слики и украси. Имаме право понекогаш да бидеме и себични. Имаме право на летни авантури, незаборавни дружења и патувања, искусување на љубовта повторно и повторно, макар и не била онаа вистинската.
Еден ден ќе бидеме мајки и нема да можеме да ги ставиме своите потреби пред сè останато. Еден ден нема да ни доликува да се журкаме до зори, сите пари да ги трошиме на себе и да спиеме со своите мечиња. Има време кога ќе мора да броиме калории, сега ги заслужуваме највкусните тортички со секакви преливи. Ќе дојде време кога ќе мора да бидеме смирени и разумни, до тогаш можеме да бидеме палави и темпераментни.
Почувствувајте ја младоста и предајте ù се целосно. Ќе бидете ли некогаш помлади од овој момент? Како жени и девојки, како идни пожртвувани мајки и хероини за своите најблиски, заслужуваме еден куп бакнежи и страст, искрени насмевки и незаборавни дружења… и секако, посакуваните модели на високи потпетици… а не купишта грижи наместо уживање во животот!
До следното читање, ве оставам во позитивно и розово расположение,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
