Безгрешни?
Паметен бил оној кој рекол: „Пред да покажеш со прст кон друг, биди сигурен дека твојата рака е чиста!“ Зошто осудуваме? Зошто мислиме дека сме доволно зрели за да критикуваме? И зошто најчесто си ги критикуваме најблиските?
Можеби одговорот е едноставен, а можеби и не толку. Можеби ги критикуваме најблиските ззшто за нив се грижиме и зашто сме најслободни нив да им ја кажеме вистината в лице. А можеби така само си го храниме егото, правејќи се паметни и безгрешни.
Кога критикуваме некого, никогаш да не заборавиме на глупостите кои ние ги имаме направено, а секој има направено по некоја глупост, погрешен избор или неправилна одлука. Како што се рекло: „Не можеш да станеш стар и паметен ако никогаш не си бил млад и глупав.“ Затоа велам, не треба да ги одбегнуваме грешките, треба да ги направиме. Па кога нареден пат ќе се појави сличен проблем во нашиот живот, точно ќе знаеме како да реагираме. Секоја нова грешка, едно искуство плус, а искуството не се стекнува со живеење под конец, туку со правење грешки и глупости. Секако, има разлика од една глупост до друга. Но паметен не е оној кој не прави грешки, туку оној кој извлекува поука од секој погрешен избор и не го повторува. Повторувањето на нешто што е очигледна грешка и глупост е рамно на самоуништување, ако ме прашувате мене, тоа е упорно мавање на главата од ѕид, онака од инает. А инает си правиме самите на себе, не на некој друг… Ама да си се вратам јас на она со критикувањето…
Еднаш прочитав многу убави цитати за пријателството, а еден од нив вели: „Кучето за разлика од човекот има многу пријатели бидејќи мавта со опашот, а не со јазикот.“ А знаеме да бидеме остри со јазикот, и тоа како! Претпоставувам дека би требало внимателно да ги одбираме личностите кон кои ќе бидеме искрени, зашто не секој сака да ја чуе вистината, не секој би поднел критика, не секој смирено би ја сослушал. Луѓето сакаат да чујат дека се најдобри, дека се безгрешни, сакаат пофалби, не преферираат критики… Но вистинскиот пријател ќе биде искрен со вас, некогаш кажувајќи ги работите кои не сакате да ги чуете, ќе ви ги отвори очите кога ќе подзамижете. Затоа ќе потенцирам, одбирајте кон кого ќе бидете најдобронамерно искрени, но секогаш со доза на свест и внимание и никогаш не заборавајќи дека никој не е „цвеќе за мирисање“. Кога блискиот пријател ќе биде отворен и искрен со тебе треба да речеш едно уште поискрено БЛАГОДАРАМ! Благодарам што ми ги отвараш очите, благодарам што ме сакаш, благодарам што се грижиш доволно за мене за да го преземеш ризикот да бидеш погрешно разбран…
Никој не е безгрешен, никој не е совршен, само треба да ги прифатиме луѓето онакви какви што се, а ако не можеме да ги прифатиме, подобро да се оддалечиме од нив зашто само ќе се повредуваме себеси, а и нив. Критикувајте и кажувајте ја вистината, оној кој ќе ве цени поради тоа е паметен човек кој си мисли добро за себе. Но никогаш не пуштајте го јазикот пред умот…
Си направивте вкусно кафе ова утро? Ах, убавини… 🙂
До следното читање, уште многу убавини.
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
